1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиКосово

Германија бара отстранување на барикадите на Косово

ЕМФ | агенции
28 декември 2022

Германската влада изрази „голема загриженост“ околу новите тензии на северот на Косово. ЕУ и САД повикуваат на максимална воздржаност.

https://p.dw.com/p/4LUud
Зградата на Министерството за надворешни работи во Берлин
Зградата на Министерството за надворешни работи во БерлинФотографија: Daniel Kalker/picture alliance

Германската влада го критикува зголеменото српското воено присуство во конфликтот со Косово. Тоа испраќа „целосно погрешен сигнал“, изјави денеска (28.12) портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин. На српската страна тоа ѝ било ставено многу јасно до знаење, се вели од Берлин.

Според портпаролот, германското МНР е „многу загрижено“ поради тензиите во северно Косово. Блокадите на патиштата што се поставени веќе неколку недели, како што се вели, мора да се отстранат што е можно побрзо.

Во исто време, Косово мора да го прифати спроведувањето на договорената Заедница на српските општини, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи. Во оваа насока, Министерството ги поддржува тековните разговори на специјалниот пратеник на ЕУ, Мирослав Лајчак.

ЕУ и САД повикуваат на максимална воздржаност

Европската унија и САД денеска изразија загриженост поради тензичната ситуација на северот на Косово и ги повикаа страни на максимална воздржаност, преземање мерки за безусловна деескалација на ситуацијата и воздржување од провокации, закани и заплашување. 

Барикади во северно Косово
Барикади во северно КосовоФотографија: Vjosa Cerkini/DW

Портпаролот нa шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, и заменикот на портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, во заедничка изјава наведуваат дека ЕУ и САД работат со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот министер Албин Курти за „да се најде политичко решение со цел да се намалат тензиите и да се договорат натамошни чекори во интерес на стабилноста, безбедноста и благосостојбата на сите локални заедници“, соопшти Европската служба за надворешни работи.

„Ги поздравуваме уверувањата од страна на раководството на Косово дека не постојат списоци на косовски Срби кои треба да бидат уапсени или кривично гонети за мирни протести/барикади. Во исто време, владеењето на правото мора да се почитува, а секоја форма на насилство е неприфатлива и нема да се толерира“, се вели во заедничката изјава.

САД, како што е наведено, ќе ја поддржат работата на Европската унија преку нејзината мисија ЕУЛЕКС, која, во согласност со добиениот мандат, ќе продолжи внимателно да ги следи сите истраги и дополнителни постапки со цел да го промовира почитувањето на човековите права.

„Ова особено вклучува гаранции за правично судење, како и заштита и еднаков третман за припадниците на немнозинските заедници во Косово“, се додава во изјавата.

Србија пред два дена објави дека ќе ја стави армијата во состојба на зголемена готовност поради конфликтот и ќе го зголеми присуството на српските вооружени сили.

Во изминатите неколку недели има сериозни тензииво северно Косовона границата со Србија. Стотици косовски Срби поставија блокади на патиштата во знак на протест поради апсењето на поранешен српски полицаец и оттогаш го парализираа сообраќајот во близина на два гранични премини на Косово.

 

Пријателства наспроти политичките тензии во Косово