Над 40 отсто од Македонците би се иселиле од државата
3 февруари 2023Tриесет и шест отсто од населението ширум светот сака да мигрира. Меѓу потенцијалните мигранти се претежно млади луѓе кои се наоѓаат во тешка економска состојба. На овој тренд не е имуна ниту Северна Македонија.Повеќе од 40 отсто од Македонците би се иселиле од државата, покажуваат најновите резултати на глобалното истражување на Галуп Интернешнл (ГИА) на тема миграција.
Податоците од спроведеното истражување во Северна Македонија во август 2022 година коешто го спроведе Брима, македонскиот член на Галуп Интернешнл, покажаа дека на прашањето „Доколку ги имате сите потребните документи би сакале да живеете во друга земја или би останале таму каде што сте?“, 42 проценти од Македонците одговориле дека би отишле на друго место, а 55 отсто би останале таму каде што се, останатите се изјасниле дека не знаат.
Еден од тројца граѓани во светот сакаат да имигрираат
Анкетата е спроведена во 57 држави од светот, а податоците покажуваат дека една третина или 36 проценти од глобалното население сака да мигрира. Помладата популација значително повеќе сака да ја напушти земјата во која што живее. Речиси еден од двајца млади испитаници се изјасниле дека ако им се даде опција, би сакале да живеат во друга земја, додека кај повозрасните испитаници, само 23 проценти рекле дека би живееле на друго место.
Испитаниците од земјите со пониски приходи имаат значително поголема веројатност да мигрираат. Па така, 62% од испитаниците во земјите со пониски приходи изразиле мотивација да живеат во друга земја. Мотивацијата се намалува ако земјата во која се живее напредува. Кај земјите со високи примања, мотивацијата за иселување е околу 32 отсто. Личниот доход, образованието и вработувањето на испитаниците имаат прилично слабо влијание врз мотивацијата за мигрирање. Но, затоа пак, главниот фактор за мотивација за имиграција е просечниот приход на земјата. Колку е тој поголем, толку е помала желбата да се замине од татковината.
Кој има најголема желба да мигрира?
Земјите каде желбата за мигрирање е најголема се Сиера Леоне (84%), Гана (81%) и Нигерија (71%). Жителите на Индија (4%), Виетнам (8%), Јапонија (14%) и други најмалку би сакале да живеат во друга земја. Што се однесува од земјите во регионот, опфатени во анкетата, 48 отсто од Босанците се изјасниле дека би сакале да живеат во друга земја, од Грција сакаат да си заминат 40 отсто од граѓаните, од Косово 39, од Хрватска 35 и од Бугарија 25 отсто.
За потребите на анкетата се интервјуирани вкупно 54.329 лица на глобално ниво. Во Северна Македонија, Брима го спроведе истражувањето со телефонска анкета на национално репрезентативен примерок со 800 испитаници во текот на август минатата година.