1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Национална кампања: стоп за сексуално насилство врз деца

18 ноември 2025

Национална кампања против сексуално насилство врз деца: 508 случаи се пријавени во Македонија во последните четири години

https://p.dw.com/p/53otO
Насилство врз деца - момче се брани од удари
Стоп за сексуалното насилство врз деца: нова кампања за охрабрување на пријавиФотографија: Imago Images/blickwinkel

Над 500 случаи пријавени во последните четири години

Од 2020 до 2024 година во Македонија се пријавени 508 случаи на сексуално насилство и вознемирување врз деца, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Статистиката е болна и тешка, но не смее да остане само бројка. Зад секое дете стои име, семејство и доверба во возрасните. Нашата должност е да направиме сè таа доверба никогаш да не биде повредена“, вели Душан Томшиќ, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Кампања ‘1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца’

Со цел да се поттикнат децата да го пријавуваат насилството, започнува национална кампања за зголемување на јавната свест. Целта е да се охрабрат децата да проговорат и да се обезбедат алатки за превенција и заштита за возрасните. Кампањата ја спроведува Комисијата за спречување и заштита од дискриминација заедно со Народниот правобранител и Бирото за развој на образованието.

Сексуалното насилство врз деца е едно од најтешките прекршувања на човековите права и остава последици кои траат цел живот. „Превенцијата не е само препорака, туку обврска – да создаваме безбедни средини, да ги охрабруваме возрасните да препознаат знаци на опасност и да ги охрабриме децата да зборуваат и да побараат помош“, додава Томшиќ.

Во рамки на кампањата се изработени видеа, постери и материјали кои ќе се дистрибуираат во сите училишта и градинки, за да се подигне свеста кај наставниците, стручните служби и родителите.

Улогата на Народниот правобранител

Од канцеларијата на Народниот правобранител укажуваат дека децата жртви на насилство често се соочуваат со двојна траума – од самото насилство и од нечувствителниот институционален одговор. Затоа бараат подобри протоколи, детски-пријателски постапки и координација меѓу сите надлежни служби.

Европска статистика

Едно од пет деца во Европа е жртва на некаков облик на сексуално насилство – од сексуална злоупотреба, детска порнографија, сексуална експлоатација, до онлајн злоупотреба и вознемирување од врсници.