1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова пресметка меѓу Беланоца и Грчец?

7 март 2023

Двојното убиство во Старата скопска чаршија, неофицијално, е продолжение на пресметките меѓу ривалските нарко групи во скопско. Нивниот историјат е полн со убиства и запалени возила.

https://p.dw.com/p/4OKlu
Објектот во Старата скопска чаршија во којшто се случило убиството
Објектот во Старата скопска чаршија во којшто се случило убиствотоФотографија: P. Stojanovski/DW

Борба за превласт врз пазарот со наркотици, одмазда и нерасчистени сметки меѓу членови на групата „Беланоца“ од Ченто и нивни конкуренти од Грчец, неофицијално, се најверојатната причина за вчерашното (6.03) пукање во угостителски објект во Старата скопска чаршија. Неколку маскирани лица во темни „униформи“ синоќа околу 20 часот влегле во објектот, пукале и ги убиле Јетон Кривањева (Жила) и Енис Исени (Љаци). Повреденото трето лице (А.Т.), за кое не се знае дали е поврзано со двајцата убиени, е пуштено на домашно лекување по укажаната помош во Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Таму бил примен со прострелна рана во левото стапало и на десната потколеница. Идентитетот на напаѓачите засега е непознат. Јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи синоќа изврши увид на местото на двојното убиство.

„Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите“, соопшти Обвнителството.

Според непотврдени информации, неколку маскирани лица влегле во објектот, се упатиле во делот каде што седеле жртвите и пукале во нив. Се смета дека потоа избегале со возило „Ауди 6“ со лажна регистерска табличка, кое потоа го запалиле, бидејќи такво возило полицијата нашла на периферијата на Скопје.

Историјат полн со убиства и запалени возила

Ваквиот „метод“ на пресметка меѓу криминалните групине е нов, бидејќи речиси сите досегашни завршуваа на ист начин. Исклучок се деведесеттите години на минатиот век, кога во зачетоците на криминалниот бизнис со дрога немало поделби и сите работеле под „иста капа“. Ривалитетот во скопско почнува околу 2010 година, кога „црната хроника“ почнува да се полни со инциденти, убиства и фрлени бомби меѓу поделените кланови од некогашнато исто братство. Пресметките се заострија, откако во ноември 2013 година на 46-годишна возраст беше убиен сопственикот на менувачница Џелал Ајети-Џељо во неговата чајџилница „Кај Џељо“, во скопско Ченто. Нападот врз него е сличен како вчерашниот. Убиецот, маскиран во фантомка, со оружје влегол во чајџилницата и испукал најмалку 30 куршуми кон Џељо, кој во тоа време бил познат лихвар и влијателна фигура во скопското нарко подземје. Претходно, во 2005 година, како последица од прострелни рани во кафеанска пресметка, почина неговиот брат Неџмедин, а во септември 2018 година беше убиен и третиот брат, Наим Ајети, пресретнат од возило на „Рузвелтова“ во Скопје.

Ривалитетот во скопско почнува околу 2010 година, кога „црната хроника“ почнува да се полни со инциденти, убиства и фрлени бомби меѓу поделените кланови
Ривалитетот во скопско почнува околу 2010 година, кога „црната хроника“ почнува да се полни со инциденти, убиства и фрлени бомби меѓу поделените клановиФотографија: picture-alliance/dpa/K. Gabbert

Тоа во подземјето се третирало како знак дека групата „Беланоца“ од Ченто веќе го изгубила приматот на пазарот на наркотици. Но, во 2019 година следеше нова пресметка, кога пет лица со фантомки излегле од возило и отвориле оган кон ресторанот на хотелот „Александар Палас“, каде седеле ривали на „Беланоца“. Во инцидентот имаше еден повреден, бидејќи на местото на настанот бил присутен полицаец во цивилна облека, кој возвратил со неколку испукани куршуми. Напаѓачите избегале со џип марка „Туарег“ кој имал украдени регистерски таблички, а кој полицијата го најде запален на периферија на Скопје. Се сметаше дека причина за инцидентот е битка за пазарот за кокаин.

Камер Идрези, едно од лицата кое тогаш било мета на напад во хотелот, беше убиен во 2021 година во Бутел. Во него било пукано додека се движел со својот автомобил. Сите досегашни пресметки се припишуваат на нерасчистени сметки и битка за превласт меѓу криминална група од скопски Грчец, која е во отворен судир со криминалната група „Беланоца“ од Ченто и Арачиново.

Спасовски: Нема веќе „бастиони“

Токму во контекст на активностите за спречување трговија со дрога, ДВ во вчерашното интервју го праша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски - дали има ли „бастиони“ кои за полицијата остануваат недостапни, какви што со години се сметаат Грчец и Арачиново?

„Бројките ги потврдуваат сериозните успеси во борбата со недозволената трговија со дрога, која ова раководство на МВР уште во почетокот ја постави како еден од своите приоритети и во која нема место за никакви компромиси, а тоа говори дека бастиони веќе нема“, рече Спасовски.

„Бастионите останаа заштитен знак на едно друго време, време на пазарења со криминалците во политички цели. Овие изминати години континуирано покажуваме дека кога државата сака - државата може, па дури и во местата каде криминалните групации се пожилави или подобро организирани. Редовните контроли по урбани или рурални места го покажаа тоа. МВР работи врз основа на анализи и постапува според планови во кои нема 'заштитени зони'. Актуелниот оперативен план 'Безбеден град', по кој секојдневно полицијата презема мерки и активности, но и оперативните планови на останатите сектори за внатрешни работи, се доказ дека исклучоци не постојат, а дневните полициски билтени се слика на резултатите од тие активности“, потенцираше министерот.

Спасовски: МВР работи врз основа на анализи и постапува според планови во кои нема „заштитени зони“
Спасовски: МВР работи врз основа на анализи и постапува според планови во кои нема „заштитени зони“Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Во контекст на ова тврдење, ги посочи резултатите од акциите на полицијата, како што беше неодамнешното, второ уништување на наркотични дроги и оружје во рок од шест месеци, во Макстил.

„Сега беа уништени околу 1.400 килограми различни видови наркотични дроги и околу 270 парчиња разновидно оружје, а пред половина година околу 12 тони различни видови дрога и психотропни супстанци, што претставуваше најголемо уништување на запленета дрога досега. Минатата 2022 година ја завршивме со запленети рекордни над 2.4 тони дрога и 20 тони прекурсори, при што беа сузбиени 12 организирани криминални групи составени од 51 член, од кои 7 се занимавале со недозволена трговија со марихуана, по 2 за недозволена трговија со кокаин и прекурсори и стимуланси, а една група за недозволена трговија со хероин. Откриени се над 700 кривични дела, за кои се пријавени над 800 сторители, а меѓу нив и 7 случаи на злоупотреба на контролирано производство на марихуана во правни субјекти со лиценца за одгледување на канабис за медицински цели, на подрачјето на Струмица, Охрид, Битола, Кочани, Куманово и Струга и преземени се мерки на кривичен прогон“, наведе Спасовски.

Според министерот, спречени биле вкупно осум меѓународни транспорти, од кои шест на марихуана и по еден на кокаин и хероин.