Лотарија демантира: Неправилностите се од претходниците
16 декември 2025
Државна лотарија реагира на објавените медиумски написи во кои се тврди дека Државниот завод за ревизија утврдил значителни неправилности во финансиското работење на компанијата за 2024 година.
Во демантот се наведува дека објавените информации се „неосновани, тенденциозни и нецелосни“, бидејќи не е направена јасна дистинкција меѓу периодот на управување од претходното раководство (СДСМ и ДУИ) и тековното раководство. „Таквиот пристап создава погрешна слика во јавноста и претставува сериозно отстапување од принципите на објективно и точно информирање,“ се вели во реакцијата.
Од компанијата, која е единствен државен приредувач на игри на среќа во Македонија, велат дека веднаш по преземањето на функцијата, во септември минатата година, новото раководство побарало целосна ревизија од Државниот завод за ревизија со цел утврдување на фактичката состојба и идентификација на евентуални неправилности наследени од претходното раководство.
Во демантот, од Државна лотарија се закануваат и со тужби за клевета до медиумите доколку не ги повлечат објавените содржини. Според Државна лотарија, спорно е што медиумите не воделе сметка за временската рамка и селективно пренесувале делови од извештајот на ревизорот.