1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ризици од доселувањето работници на Балканот

Анто Јанковиќ
3 мај 2024

Без имиграција, балканскиот регион нема да може да ја реши демографската криза. Но, доселувањето овие земји ги става пред големи предизвици, оценува германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

https://p.dw.com/p/4fR9R
Србија, работници од Виетнам
Работници од Виетнам во кинеската фабрика Линглонг во Зрењанин (архивска фотографија)Фотографија: Oliver Bunic/AFP

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува за тешкотиите во балканските земји, предизвикани од една страна, со иселувањето и падот на бројот на новороденчиња, а од друга со доселувањата од Азија, за што, како што се оценува во написот, овие земји не се подготвени. 

Авторот на текстот, новинарот Михаел Мартенс, споменува анегдота од конференција на која се разговарало за опасноста од војна во Југоисточна Европа, а еден од учесниците на конференцијата изјавил дека нема опасност од војна, бидејќи има недостиг на војници во тие земји. 

Авторот на текстот не смета дека опасност од војна не постои и наведува дека и добро вооружените специјални единици можат да направат многу зло, но укажува дека овие земји се уште имаат мака од недостаток на војници. Србија е наведена како пример:

„Србија, на пример, веќе неколку години силно се вооружува со ракети, беспилотни летала и противвоздушни системи од Кина и Русија , кои наскоро треба да бидат дополнети со француски борбени авиони Рафал, што е еден дел од сликата“ Втората е дека на Србија, како и на другите земји во регионот, и недостигаат војници кои знаат да ракуваат со оваа скапа техника. Така, српската армија има, точно, повеќе од 300 тенкови, но само една третина од кадарот е обучен“, тврди германскиот весник.

Србија авиони
Србија со години се вооружува со модерна технологија, но нема доволно обучени војнициФотографија: Andrej Isakovic/AFP/Getty Images

Како причина за тоа се наведува дека офицерите претпочитаат да работат во економијата, дека има малку млади луѓе, бидејќи воениот повик веќе не е толку привлечен во општеството и дека се раѓаат сè помалку деца. Во исто време, како што се наведува, емиграцијата уште повеќе го влошува проблемот, бидејќи „земјите од регионот не се доволно атрактивни за да ја задржат својата млада популација или да привлечат мигранти“.

„Иселувањето сè уште е најдобра опција за младите“

Авторот на написот ја споредува ситуацијата во Србија со онаа во Романија или Бугарија, наведувајќи дека во тие земји понекогаш е можно да се забави иселувањето од големите градови или дури и да се смени трендот, но забележува дека овие земји се членки на Европската Унија .

„Во шесте земји од Западен Балкан , кои сè уште не се членки на Европската Унија и немаат еднаков пристап до нејзиниот пазар, ситуацијата не изгледа толку добро“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, наведувајќи дека за многу млади луѓе во тие земји, емиграцијата сè уште изгледа како најдобра опција.

Намалувањето на бројот на населението влијае и на однесувањето на западните инвеститори, забележува весникот, објаснувајќи дека нема доволно работна сила за големи проекти во економските гранки.

„Еден западен концерн, кој сака да изгради голема фабрика во една балканска земја, пред почетокот на работата се договорил две третини од работниците да бидат увезени од Филипини“, тврди авторот. 

Белград
На градилиштето во Белград на вода се вработени голем број странски работнициФотографија: Silas Stein/IMAGO

Балканските земји не се подготвени за нови доселеници

Се  наведува дека политичарите во регионот доцна ја сфатиле сериозноста на демографската состојба, па сега се натпреваруваат да донесат странски работници. „Во меѓувреме, во градскиот сообраќај во Белград се вработени возачи на автобуси од Индија или Шри Ланка, бидејќи нема локални лица кои се заинтересирани за таа работа. Најсиромашната земја во Европа, Косово, со авиони донесе работници од Бангладеш за големи проекти“. 

Оваа нова реалност ќе ги стави општествата во балканскиот регион пред тешки предизвици, предупредува германскиот весник, бидејќи имигрантите од Азија и Африка ќе имаат деца, ќе купуваат недвижнини, ќе ги негуваат своите традиции и религии и ќе го променат изгледот на градовите во југоисточна Европа, на што не се навикнати во регионот. 

„Конфликтниот потенцијал е очигледен. Вистина е дека Балканот е мултиетнички со векови, но на оние кои се на власт им е тешко да прифатат дека областа е имигрантски регион или дека мора да стане таков за да се одржи економски“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема