1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од декември граѓаните ќе имаат евтина дневна струја

ДТЗ
6 октомври 2023

Евтината дневна тарифа на електричната енергија започнува со примена од декември во периодот од 13 до 15 часот, најави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски

https://p.dw.com/p/4XCYl
струјомер струја
Евтината дневна тарифа на електричната енергија започнува со примена од 1 декември во периодот од 13 до 15 часот.Фотографија: Micha Korb/pressefoto korb/picture alliance

Евтината дневна тарифа на електричната енергија започнува со примена од 1 декември во периодот од 13 до 15 часот. Во првите 10 дена од декември најголем дел од потрошувачите, односно најголем дел од домаќинствата ќе имаат пристап на евтината тарифа, уверува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

„Евтината тарифа ќе биде воведена и тоа ќе биде одлична вест за граѓаните, особено за пензионерите коишто во изминатиот период кажаа јасно и гласно дека таа многу им помага во нивниот стандард и од тоа нема отстапки“, изјави денеска Бислимоски ред почетокот на Економскиот форум „Од криза до решенија: Станавме ли поотпорна економија денес?“ во организација на Фајнанс тинк.

Тарифниот систем за евтината дневна тарифа беше донесен уште во јуни. Во меѓувреме Електродистрибуција беше обврзана да ги сетира броилата за да можат сите домаќинства ќе можат да ги користат поволностите на  дневната евтина тарифа на струјата.

Електродистрибуција поседува 170.000 броила со далечинска комуникација и 650.000 обични броила кои треба да се посетат на лице место. Станува збор за броила коишто ги има низ целата земја. 

Евтината дневна тарифа беше укината на 1 јануари 2022 година, кога имаше и поголемо зголемување на цената на електричната енергија за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината дневна тарифа, ќе требаше да се зголеми цената на струјата за дополнителни 5 отсто, односно зголемувањето ќе изнесуваше 14,23 отсто. Изминатата година граѓаните можеа да користат поевтина струја само во текот на ноќта - од 22 до 7 часот секој ден и во недела цел ден. 

Марко Бислимоски
Бислимоски вели дека парно за скопјани ќе имаФотографија: DW/K. Delimitov

„Парно ќе има - ценовни шокови нема да дозволиме“

Првиот човек на РКЕ, во пресрет на грејната сезона уверува дека парно за скопјани ќе има и дека нема да се дозволи ценовен шок за граѓаните. 

„Како ќе биде во наредниот период не зависи само од РКЕ, зависи од многу други чинители. Што може да преземе РКЕ како во случајот со парното ќе преземе за да не дозволиме ценовни шокови за потрошувачите во државата“, вели Бислимоски. 

Одлуката за цената на парното ќе се донесе кога ќе почне монтирањето на новиот топловод на мостот „Беласица“. 

„Скопје ќе има парно греење, никогаш тоа не било доведено во прашање. Она на што инсистира РКЕ  е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи. Скопје и со постојната инфраструктура што ја има со двете топлани без кој било цевковод може да се снабдува со топлинска енергија и ќе нема никаков проблем во однос на снабдувањето со топлинска енергија. Поентата на сето тоа на што ние реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем“, рече Бислимоски. 

ТЕ-ТО дава топлинска енергија која што е со пониска цена за 2,5 – 3 пати отколку цената на топланите во Градот Скопје.