1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Депониите чадат, граѓаните најавуваат блокади

16 април 2026

Чад и пожари на депониите во Вардариште и Арачиново повторно го загадуваат воздухот. Граѓаните најавуваат блокади.

https://p.dw.com/p/5CGIi
Депонијата Вардариште, 15 септември 2025
Депониите чадат, граѓаните најавуваат блокадиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Чадот од депониите повторно го загадува воздухот и им предизвикува главоболки на граѓаните на Скопје.Две депонии гореа во средата (15.04) – една во Скопје и една во неговата околина, за што бил известен Центарот за управување со кризи (ЦУК).

По седум месеци повторно се активираше пожар на депонијата „Вардариште“, додека со денови гори и депонијата во Арачиново, на излезот кон Грушино. 

Од граѓанската иницијатива „Стоп за Вардариште“ бараат итна реакција од надлежнитеинституции и враќање на полициското присуство на депонијата.

„Ова е последно предупредување од наша страна“, велат од иницијативата, која минатата година организираше серија протести и блокади како притисок врз институциите да го решат деценискиот еколошки проблем.

Незадоволство и најави за блокади

Тие предупредуваат дека, доколку не се испочитува договореното и доколку продолжат палењата и загадувањето, граѓаните повторно ќе излезат на улица и ќе ги активираат блокадите. 

„Ги повикуваме сите надлежни институции да реагираат итно и со највисок степен на сериозност. Нема да дозволиме Вардариште повторно да го труе Скопје“, порачуваат од „Стоп за Вардариште“.

Регионални депонии за спас од натрупаното ѓубре

Има ли решение за дивите депонии?

Надлежните претходно ветија дека депонијата површински ќе се исчисти, а најавувани беа и планови за изградба на парк. По минатогодишните пожари во Вардариште и Дрисла, беше воведено и полициско и приватно обезбедување за спречување намерни палења. Но, и тоа не го реши трајно проблемот. 

Депониите, поради близината до градот, освен чад, шират и силни непријатни мириси, што дополнително ги загрижува граѓаните. Дополнителен проблем се околу 200 лица што живеат во близина на депонијата Вардариште, за кои сè уште не е обезбедено трајно решение.

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, неодамна одговарајќи на опозициски прашања во Собранието, изјави дека регионалниот систем за управување со отпад е во фаза на активна имплементација.

Тој истакна дека дивите и нефункционални депонии ќе станат минато со изградбата на регионалните центри во Русино, Новаци и Свети Николе, а во контекст на аерозагадувањето посочи дека фокусот е ставен на индустријата и институциите.

Над 2.000 диви депонии во земјата

Проблемот со депониите не е локален. Чад ги гуши и другите градови, а состојбата е особено загрижувачка со депонијата Буково, чиј чад се шири и до Охрид, како и со депонијата во Струга.

Еко-активистите предупредуваат дека инспекциските служби се соочуваат со институционални опструкции, сложени законски процедури и недостиг од судски налози, што го отежнува санкционирањето на нелегалното одлагање отпад. 

Според Националниот план за управување со отпад, во земјата има над 2.000 диви депонии и 54 нестандардни комунални депонии. Само во 2023 година, над 250.000 тони комунален отпад завршил на диви депонии, од кои најголем дел во Скопскиот регион.