1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брзиот воз во исчекување: Крај на гужвите во Скопје?

6 април 2026

Брзиот градски воз од Зелениково до центарот на Скопје ќе биде пуштен во сообраќај во септември. Првата линија се завршува до јуни.

https://p.dw.com/p/5BjoK
Воз на шини во Атина, 22 септември 2010
Брзиот градски воз од Зелениково до центарот на Скопје ќе биде пуштен во сообраќај во септемвриФотографија: picture-alliance/dpa/O. Panagiotou

Само 7 до 11 минути ќе бидат потребни граѓаните од Драчево да стигнат до центарот на Скопје со најавениот брз градски воз – проект кој треба значително да го олесни секојдневното патување и да го растовари сообраќајниот метеж. Доколку најавените рокови се испочитуваат, градскиот воз ќе стартува од септември годинава.

„Првата линија ќе минува низ Драчево и ќе овозможи исклучително брза врска со центарот на Скопје. Ова е историски чекор кој ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани“, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски за време на кампањата за локалните избори минатата година.

Првата линија завршува до јуни

Ваквите оптимистички најави ги потврди и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, кој викендов информираше дека првата линија на градскиот воз од Зелениково, преку Драчево, Кисела Вода и Аеродром, до Железничката станица Скопје ќе биде завршена до јуни.

„Напредокот на трасата моментално изнесува 65 проценти и се одвива согласно динамичкиот план. По завршувањето ќе следува период на тестирање, а нашата цел е од 1 септември, со почетокот на учебната година, градскиот воз да почне со работа“, изјави Николовски.

Во текот на годинава ќе биде распишан тендер за останатите две линии, со што ќе се забрза целокупната реализација на проектот. „До крајот на 2027 година очекуваме сите три линии на градскиот воз да бидат целосно функционални. Во комбинација со ЈСП и идниот БРТ‑систем, тоа ќе донесе значително растеретување на сообраќајот во Скопје“, нагласи Николовски.

Брзина до 90 километри на час

На првата делница во должина од 25 километри се врши темелна реконструкција, вклучително и замена на дотраените дрвени прагови со бетонски.

Со овие зафати ќе се овозможи возење со брзина до 80–90 километри на час, за разлика од сегашните 20 до 30 километри на час. Паралелно се работи и на модернизација на патните премини, особено во Драчево.

Градскиот воз е планирано да сообраќа на секој час, со исклучок на доцните вечерни часови, а возниот ред ќе биде усогласен со автобусите на ЈСП за непречено преземање на патниците.

„Целта ни е цената на билетот да не биде повисока од сегашната цена на ЈСП за најоддалечените линии“, истакна Николовски.

Исчекор во квалитетот на јавниот превоз

Проектот „Градски воз“, заедно со набавката на 100 нови автобуси и најавениот БРТ‑систем, се очекува да биде сериозен исчекор во квалитетот на јавниот превоз.

Минатогодишните истражувања покажаа дека Македонија е меѓу земјите со најлош јавен превоз во Европа. Според истражувањето коешто го објави Еуроњус, само 47 проценти од македонските граѓани се задоволни од јавниот градски превоз. 

Јавниот превоз во Скопје може да се потпре само на автобуси, но и нив ги нема доволно. Во главниот град сè уште се чека и на имплементирање на проектот за воведување на Брз автобуски превоз (БРТ).