1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир во врвот на МВР поради чувствителни истраги

ДТЗ
3 април 2024

Министерот Панче Тошковски и заменикот Митко Бојмацалиев со различни изјави околу убиствоото на лекарот и нападот во Арачиново. Обвинителстовот апелира да не се споделуваат сознанија што можат да наштетат на истрагите

https://p.dw.com/p/4eOR1
Mazedonien Polizei  Symbolbild
Фотографија: P. Stojanovski

Чувствителни податоци за актуелни истраги коишто беа споделени во јавноста предизвикаа судир во врвот на Министерството за внатрешни работи. Станува збор за истрага која што се води за убиство на лекар во Скопје, но и за истражните дејствија коишто се преземаат околу вооружениот напад врз градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими, при што две лица од неговото опкружување беа повредени.

Дополнителниот заменик министер во МВР, кадар на СДСМ, Митко Бојмацалиев изутрината за „Слободен печат“ ги сподели своите сознанија за двата случаи. Вели дека матичниот лекар Ацо Трповски не бил убиен во неговиот автомобил, туку на друго место коешто треба допрва треба да се утврди. На тоа реагираше министерот за внатрешни работи, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски. Тој оцени дека е несериозна и непрофесионална изјавата на Бојмацалиев во врска со убиството на лекарот, чие безживотно тело на 21 март беше пронајдено во автомобил паркиран во близина на поликлиниката „Железара“.

Од Јавното обвинителство апелираа до институциите во оваа фаза од постапката да се воздржат од изнесување информации од чувствителен карактер, бидејќи сторителите сè уште не се откриени.

Обвинителство
Од Јавното обвинителство апелираа до институциите во оваа фаза од постапката да се воздржат од изнесување информации од чувствителен карактер, бидејќи сторителите сè уште не се откриени.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Чувствителни информации

Изминатиот месец на територија на СВР Скопје се случија два немили настани - убиството на лекарот Ацо Трповски и пукањето во Арачиново. „Имавме приведено три лица, но тие се пуштени на слобода поради недоволни докази. Според наши сознанија лицето не е убиено во автомобилот, туку е донесено телото и оставено во автомобилот. Не се откриени мотивите за убиството“, рече Бојмацалие во видеоинтервју.

Во однос на истрагата на нападот во Арачиново, тој рече дека напаѓачите сè уште се на слобода.  „МВР нема уапсено лица што се поврзани со оваа пресметка“, изјави дополнителниот заменик-министер. Според него, полицијата има уапсено лице од Косово, но по него била распишана меѓународна потерница бидејќи е повратник од странските боишта.

Но, и едната и другата изјава предизвикаа незадоволство кај министерот од редовите на опозициската партија. „Ако било така кажано од страна на кој било функционер, можам слободно да кажам дека станува збор за несериозна и непрофесионална изјава“, порача техничкиот министер Панче Тошковски на прес-конференција.

Тој го поддржа апелот на Јавното обвинителство од страна на која било институција што е вклучена во рамки на нејзините надлежности за расветлување на овој случај, да не навлегува во детали кои би можеле да ја згрозат кривичната истрага.

Панче Тошковски
Министерот Панче Тошковски и заменикот Митко Бојмацалиев со различни изјави околу убиствоото на лекарот и нападот во Арачиново. Фотографија: Petr Stojanovski

Разногласие за истрагите

Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање, изнесе сосема поинакви детали за нападот во Арачиново. Тој вели дека се приведени двајца осомничени за коишто се претпоставува дека се поврзани со настанот.

„За жал, од страна на одредени политички функционери во рамки на оваа држава се демантираат работи кои што никогаш не биле кажани ниту од мене ниту од страна на мојот тим, ниту од страна на кабинетот на министерот за внатрешни работи. Вчера беше посочено дека одредени осомничени лица се приведени во врска со настанот. Многу е важно при соопштување на одредени информации во јавноста да се користат точни и прецизни поими“, вели Тошковски.

Тој вели дека не би можел да изнесува детали кои би ја загрозиле истрагата и апелираше да се постапува согласно упатствата на Јавното обвинителство, односно да се внимава што се зборува во јавноста, со цел да не се наштети на истрагата.