1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сто години телефонска говорница во Велика Британија

6 јануари 2024

Стара еден век, а сѐ уште атрактивна: црвената телефонска говорница е икона на културата, која во Велика Британија повторно се враќа во живот.

https://p.dw.com/p/4arIM
Црвена телефонска говорница Велика Британија
Црвената телефонска говорница слави стогодишнинаФотографија: Micha Korb/pressefoto_korb/picture alliance

Кога ќе помисли човек на Велика Британија, пред очи веројатно ги има црвените автобуси, Битлси или Бакингемската палата. Можеби и вкусот на риба и пржени компири, или по некоја позната поговорка. Но, веројатно најголема икона на Обединетото Кралство е традиционално црвената телефонска говорница. Иако деновиве ќе наполни 100 години и одвај се користи, таа го задржа своето место и во модерна Велика Британија. Според податоци од британскиот Телеком, бројот на говорници во изминатите години дури петкратно е зголемен. Низ цела земја и натаму има околу 3 илјади од традиционално црвените „киосци“, како што ги нарекуваат.

Жилавиот живот на црвените ќелии

Се чинеше дека мобилниот телефон, а особено паметните телефони, ќе им го скратат животот, но Британскиот телеком во 2008 година ја започна иницијативата „Адоптирај киоск“. Успехот беше солиден – повеќе од 7.200 телефонски говорници беа преземени од страна на британските општини, за нешто повеќе од едно евро по говорница. Таквата опција постои до денеска „за општински или црковни совети и регистрирани хуманитарни друштва“, како што стои на страницата на Телеком. По повод 100-от роденден на говорницата, акцијата треба да биде и проширена.

Обединети Кралство црвена телефонска говорница
Фотографирањето со телефонската говорница стана вообичаено за корисниците на социјалните мрежиФотографија: Stefan Rousseau/PA Wire/empics/picture alliance

„Со оглед на тоа дека големото мнозинство денес користи мобилни телефони и покриеноста во цела Велика Британија е значително подобрена, бројот на повици од говорници е многу намален", вели Мајкл Сми, шеф на проектот. Но, „со оглед на тоа дека црвениот кисок полни сто години, тоа е добар повод да ги потсетиме општините кои сакаат да го задржат дека може да го преземат за малку пари“, додава тој. На многу места говорниците се реставрирани и и натаму оставаат свој печат на улиците во општините.

Де факто бескрајни се можностите што тие ги нудат, па така некои од нив се трансформирани во медицински или културолошки сервисни станици. Во некои се наоѓаат дефибрилатори кои се користат ако некој доживее прекин на работата на срцето. Во други има библиотеки, берзи за размена на книги, или дури и мали уметнички галерии. И најдоброто е што Телекомот и натаму ќе ги снабдува со струја, бесплатно!

Црвена телефонска говорница
Црвените телефонски говорници се појавија дури и надвор од Обединетото Кралство, како што е оваа улична библиотека во Бон, ГерманијаФотографија: Horst Galuschka/picture alliance

Историјата на црвената говорница

Идејата да се постават телефони на јавниот простор и да се заштитат со црвена, отпорна на временските влијанија, кабина, потекнува од Сер Жил Гилберт Скот. Пред 100 години тој ја претстави идејата за првата црвена телефонска говорница во Британија. Црвената боја ја избрал за да ја направи полесно препознатлива и полесна за наоѓање.

Во меѓувреме, телефонската говорница е повеќе икона на културата од кое било друго архитектонско дело на овој британски архитект, кој е автор и на универзитетската библиотека во Кембриџ, централата Батерси и катедралата од Ливерпул. Својот култен статус црвените телефонски говорници го стекнаа најдоцна во поствоеното време, кога преку филмови, музички спотови и култни телевизиски серии си го најдоа патот до дневните соби ширум светот.

Во 1990-тите, бројот на телефонски говорници во Велика Британија со 100 илјади ја достигна својата кулминација. Околу 30 години подоцна и во Велика Британија веќе ретко кој ги користи, оти речиси секој Британец поседува мобилен телефон. Времињата во кои луѓето стоеја во редици пред говорниците се минато. Но, некои говорници и натаму си имаат своја публика. Најголема група на фанови има телефонската говорница во близина на излезот од станицата Вестминстер, која пред сѐ ја посетуваат туристи затоа што може истовремено да се сликаат со неа и со Биг Бен во позадина – што повеќе да се посака од знаменитостите на Лондон!

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик