1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалЦрна Гора

Цетиње: Трагедија каква што Црна Гора не памети

ЕМФ | агенции
13 август 2022

Црногорската полиција соопшти дека напаѓачот во Цетиње убил десет лица, а како настапила неговата смрт е сѐ уште предмет на истрага.

https://p.dw.com/p/4FUJG
Montenegro | Amoklauf in Cetinje
Фотографија: Stevo Vasiljevic/REUTERS

Напаѓачот во Цетиње убил мајка и две деца кои биле потстанари во неговата куќа, како и уште седум други лица, а ранил шестмина соседи, соопшти вчеравечер директорот на црногорската полиција Зоран Брѓанин. Меѓу убиените во масакрот е и напаѓачот В.Б (34) од Цетиње, се вели од полицијата.

Брѓанин прецизираше дека напаѓачот со ловечка пушка убил две деца на возраст од осум и 11 години и ја ранил нивната мајка, која подоцна починала во болница, а потоа пукал на жители од населбата Медовина, во која се наоѓа неговата куќа.

Во „размена на оган“, како што нагласи директорот на полицијата, тешко е ранет полицаец. Засега, како што потенцираше Брѓанин, „не е јасно“ што го натерало 34-годишниот маж на таков „гнасен чин“. Тој додаде дека истрагата е во тек и дека надлежните ги утврдуваат мотивите за убиството и начинот на којшто настапила смртта на напаѓачот.

Montenegro | Amoklauf in Cetinje
Форензички тим во куќата од каде што почнало масовното убиство во ЦетињеФотографија: Stevo Vasiljevic/REUTERS

Обвинителката Андријана Настиќ претходно изврши увид и соопшти дека постои сомневање дека напаѓачот бил убиен од сограѓанин. Настиќ не даде повеќе детали.

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Филип Аџиќ, на новинарите во Цетиње им рече дека полицијата нема информации дека се предал маж кој, како што се сомнева, го убил напаѓачот. „Се вршат интензивни активности и во тек е расветлувањето на она што се случувало. Не очекувајте преуранети информации, затоа што ситуацијата е компликувана“, изјави Аџиќ.

Montenegro | Amoklauf in Cetinje
Фотографија: Risto Bozovic/AP Photo/picture alliance

Од шесте повредени лица, тројца се во животна опасност. Владата на Црна Гора вчеравечер прогласи тридневна жалост. Премиерот Дритан Абазовиќ изјави дека е ова трагедија каква што Црна Гора не памети: „Ги повикувам сите граѓани на Црна Гора да бидеме во мислите заедно со семејствата на невино настраданите жртви, нивните роднини, пријатели и сите граѓани на Цетиње“, наведе Абазовиќ на Телеграм.