1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Skopje Justizministerium
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Бугарски здруженија се протнуваат низ законски пукнатини

ДТЗ
12 август 2022

Министерството за правда подготвува закон за здруженија, граѓански организации и фондации. Дотогаш земјата останува плодна почва за никнување на организации, кои за многумина се спорни и се толкуваат како провокација.

https://www.dw.com/mk/bugarski-zdruzenija-niknuvaat-kako-pecurki-po-dozd-drzavata-nema-nacin-da-se-odbrani/a-62789781

Бугарски здруженија, кои се оценуваат како провокација, никнуваат како печурки по дожд во неколку македонски градови, а државата засега нема механизам за да го спречи тоа. По промовирањето на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, што предизвика лавина реакции во јавноста, што кулминираа со подметнат пожар, пристигнаа информации и за новоформирано здружение „Цар Борис Трети“ во Охрид, а се споменува можноста да никне и клуб Цар Фердинанд во Богданци. 

Законски дупки 

Министерството за правда уште пред неколку месеци најави дека се подготвува закон за здруженија, граѓански организации и фондации со кој се очекува да се регулира употребата на имиња на историски личности при регистрацијата на граѓански здруженија и организации. Дотогаш земјата останува плодна почва за никнување на организации, кои за многумина се спорни и се толкуваат како провокација. 

Како и во случајот со клубот „Иван Михајлов“ и сега пристигна информација дека до Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети”. Но, ваква организација, сепак, е регистрирана уште минатата година во ноември, со седиште во Охрид. Патот низ законскиот лавиринт води до Централниот регистар, каде здружението е впишано во согласност со Законот за здруженија и фондации. 

Оттаму посочуваат дека постапуваат согласно постоечките закони во државата, а во Законот за здруженија и фондации не се предвидени посебни одредби (Регистар) за спорни и негативни личности од историјата.

Централниот регистар постапува согласно важечкиот Закон за здруженија и фондации во кој е наведено дека правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица. Во членот 65 и 66 од Законот за здруженија и фондации се предвидени случаите кога се  забранува работата за организацијата.

Според „360 степени“, коишто имале увид во документацијата, Симеон Сакскобурготски, син на цар Борис Трети и поранешен премиер на Бугарија, ја дал согласноста за здружението во Охрид да го носи името на неговиот татко. Писмената согласност од Симеон Сакскобурготски е дел од документите со кои Централниот регистар го впишал Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“- Охрид. 

Mazedonien  Bitola
Тензијата околу оваа проблематика започна пред неколку месеци со бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во БитолаФотографија: picture-alliance/dpa/R. Kaufhold

Измени и забрани 

Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, по бранувањата со случајот во Битола, во објава на социјалните мрежи посочи дека доколку во името на здружението е внесено име и презиме на историска и друга позната личност, се бара нејзина согласност, ако е почината - согласност од нејзини сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда. 

Според Дескоска, токму случајот со „Иван Михајлов“ покажува дека треба веднаш да почне постапка за носење измени на законот за здруженија и фондации во кои ќе се пропише јасна постапка за регистрирање на истите, јасни критериуми кои имиња би биле забранети за употреба и да се предвиди компетентна комисија која ќе оцени дали одредено лице е историска личност и да дава предлог за одобрување или неодобрување на употреба на неговото име. 

Тензија 

Тензијата околу оваа проблематика започна пред неколку месеци со бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ во Битола, зад кој стои здружение коешто на 1 март 2021 година испрати писмо до бугарскиот државен врв со критики дека не се почитуваат правата на Бугарите во земјата. Ситуацијата дојде дотаму што тие не само што ги продлабочија контактите со бугарската влада, туку и прашањето за вметнување на Бугарите во Уставот, се наметна како услов за патот кон ЕУ. Ова  е следниот врел костен којшто ќе се најде пред македонското Собрание, со оглед дека за неговото усвојување е потребно двотретинско мнозинство, кое е неизвесно како ќе се обезбеди, без поддршката на опозициските партии. 

Доколку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски својата кампања ја води со ставови против Бугарија и се противи на вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата, тоа ќе го блокира патот на Република Северна Македонија кон ЕУ, предупреди бугарскиот европратеник и известувач на Европскиот парламент за земјата, Илхан Ќучук.

Преговорите на С. Македонија по кластери и поглавја со ЕУ треба да започнат по завршувањето на скринингот, но и по вклучувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Цар Борис Трети Охрид

„Цар Борис Трети“ внесе немир во Охрид

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница