1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарското МНР негира дека е споделена дипломатска нота

25 јуни 2026

Бугарското МНР негира дека објавило вербална нота за патувањето на семејството на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово.

https://p.dw.com/p/5G1ux
Зградата на бугарското Министерство за надворешни работи, Софија, јануари 2009 година
Бугарското МНР негира дека објавило вербална нота за патувањето на семејството на Мицкоски во ПампоровоФотографија: BGNES

Бугарското МНР негира дека споделило дипломатска нота поврзана со патувањето на семејството на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово, откако случајот предизвика ново затегнување на односите меѓу двете земји.

„Бугарското Министерство за надворешни работи не откри дипломатска нота или друга формална кореспонденција поврзана со посетата на членови на семејството на официјален претставник на друга држава“, се вели во изјавата од Министерството за бугарските медиуми.

Реакцијата доаѓа откако министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, изјави дека очекува Бугарија да се извини за објавувањето на дипломaтска нота со информации за семејството на Мицкоски, коешто патувало во бугарското зимско одморалиште Пампорово.

Објаснување од Бугарија

Бугарското МНР објасни дека информациите што циркулираат се однесуваат на вербална нота од 6 јануари 2026 година, поврзана со настани од минатото.

Според нив, оваа документација не може да се смета како основа за заклучок дека постои непосредна безбедносна закана за граѓаните на Бугарија или на друга држава.

Министерството исто така нагласува дека строго се придржува до меѓународните правила за заштита на дипломатската кореспонденција.

Дипломатска реакција од Скопје

Во меѓувреме, Северна Македонија го повика бугарскиот амбасадор на разговор по објавувањето на документот со детали за приватното патување на семејството на Мицкоски. За случајот биле информирани и претставници на НАТО, како и стратешките партнери на земјата.

Муцунски на прес-конференција изрази сериозна загриженост и потенцираше дека до амбасадорот е пренесен висок степен на незадоволство поради нарушувањето на дипломатските односи.  Според него, вакви постапки се неприфатливи според меѓународното право, особено кога станува збор за движења на членови на семејства на државни функционери.

Муцунски подвлече дека безбедноста мора да биде врвен приоритет, додавајќи дека во земјата никогаш не се случило доверливи документи од ваков тип да завршат во јавност.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно оцени дека ваквите потези на Бугарија не влеваат доверба во напредокот на разговорите за евроинтеграциите. Тој истакна дека станува збор за преседан, посочувајќи дека објавувањето информации од дипломатска нота за неговото семејство, кое било на патување, е недозволиво.