1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бесими за ДВ: Ќе има пари за граѓаните и стопанството

Костадин Делимитов
28 ноември 2022

Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за ДВ уверува дека буџетот кој го скроил за наредната година не е преамбициозен. Ќе успее ли да го наполни без презадолжување?

https://p.dw.com/p/4K6Is
Фатмир Бесими, министер за финансии
Фатмир Бесими, министер за финансииФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

Македонската економија и во наредната година ќе се движи по патеката на фискална консолидација. Една петтина од државната каса која тежи рекордни 5,3 милијарди евра се предвидени за антикризни мерки и инвестиции. Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека предложениот буџетќе обезбеди развој и енергетска стабилност и најавува нови платформи за поповолно и поефикасно задолжување. Ќе има и проширување на даночната основа, но како таа ќе изгледа сѐ уште не открива. 

ДВ: Господине Бесми, во предлог буџетот за наредната година предвидувате околу 250 милиони евра помош за граѓаните и стопанството. Од кога и на кој начин ќе се делат овие средства?

Фатмир Бесими: Со предлог-буџетот за 2023 година обезбедуваме соодветен одговор на предизвиците кои глобалната енергетска и ценовна криза би ги донеле следната година. Станува збор за посебна програма во буџетот од околу 250 милиони евра. Предвидени се околу 10 милијарди денари за мерки за поддршка на ранливите категории граѓани и најпогодените сектори во економијата (за 3 милијарди денари повеќе во однос на ребалансот годинава). Дополнително, предвидени се 4,6 милијарди денари за поддршка за енергетскиот сектор за зголемување на производство на електрична енергија од домашни капацитети. Најзначајно е за граѓаните и стопанството да обезбедиме сигурно снабдување со електрична и топлинска енергија, оттаму продолжуваме со поддршката која ја дадовме во електро-енергетскиот сектор во текот на минатата и оваа година, која се проценува на околу 300 милиони евра. Со средствата предвидени за антикризни мерки, издвојуваме еден заштитен слој, од кој во текот на годината ќе се носат соодветни антикризни политики и мерки, согласно движењата и потребите. Во изминатите три години фискалната политика даде соодветен одговор на предизвиците кои ги донесе пандемијата предизвикана од Ковид-19, а понатаму и енергетската криза и ефектите од продлабочувањето на геополитичките тензии и војната во Украина. Како резултат на овие политики, ударот врз економската активност беше повеќекратно амортизиран. Ова беше препознаено и во извештаите на меѓународните финансиски институции.

ДВ: Овие пари се дел од буџетот кој тежи рекордни безмалку 5,3 милијарди евра, со рекорден дефицит од близу 700 милиони евра. Предвидувате повисоки расходи, но и повисоки приходи. Од каде толкав оптимизам дека ќе успеете да соберете 4,6 милијарди евра? 

Фатмир Бесими: Би сакал веднаш да ве коригирам за дефицитот, бидејќи не е точна констатацијата дека е рекорден. Од пандемијата наваму, односно од 2020 година, па секоја следна година, го стеснуваме буџетскиот дефицит. Тоа е согласно нашата определба за фискална консолидација, односно постепено намалување на дефицитот – или јазот помеѓу приходната и расходната страна во буџетот, без притоа да влијаеме негативно на економската активност. И со овој предлог-буџет го стеснуваме буџетскиот дефицит, односно тој е за 0,7 процентни поени понизок во однос на проекцијата за тековната година или 4,6% од БДП. Нашата заложба е на среден рок, што би значело во следните неколку години, буџетскиот дефицит да го сведеме под 3%, односно под Мастришкиот критериум. Ова е во согласност со нашите залагања за одржливост во јавните финансии. Буџетските приходи за следната година се проектирани на ниво од 282,1 милијарди денари. Оваа проекција се заснова на реализација на приходите во тековната 2022 година, очекувања за економскиот раст, како и подобрувањето на ефикасноста и ефективноста на системот за наплата на јавните приходи. 

Фатмир Бесими Министер за финансии Северна Македонија
Министерот за финансии Фатмир Бесими уверува дека предложениот буџет ќе обезбеди развој и енергетска стабилност и најавува нови платформи за поповолно и поефикасно задолжувањеФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

Ќе истакнам, борбата со сивата економија ќе биде бескомпромисна, а планирани се мерки и активности во насока на намалување на даночната евазија. Наша цел е дигитализација и поедноставување на процесите, оттаму предвидовме и мерки за воведување на напредни технологии во наплатата на јавните давачки, како и модернизација и автоматизација на работните процеси. Ќе се работи на зајакнување на капацитетите на институциите за прибирање на приходи, зголемена и поефикасна наплата на даночните приходи, како и зајакнување на институционалната координација. Исто така, важен чекор е и подобрувањето на постојната даночна регулатива и обезбедување на праведен и ефикасен даночен систем во земјава. 

ДВ: Дали можеби на некој начин играте и на картата на повисока инфлација, па оттука да има и поголеми приходи во државната каса? 

Фатмир Бесими: Сите релевантни меѓународни и домашни финансиски институции проектираат дека догодина инфлацијата ќе забави, како глобално, така и во нашата економија. Така, Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд проектираат двојно пониска инфлација догодина во однос на годинава, или ако проекциите за годинава им се 12,1% и 10,6%, респективно, за следната веќе ги намалуваат на 6,1% и 4,5%. И најновите проекции за движењата на светските пазари се дека ценовните притисоци постепено ќе се намалуваат, бидејќи се очекува дека цените на храната и нафтата ќе забележат пад во текот на наредната година. 

ДВ: Пензиите и платите ќе растат, вклучително и минималецот. Дали мислите дека е правилна политика во време на висока инфлација да има зголемување, посебно на минималецот? 

Фатмир Бесими: „Економската теорија вели дека секое зголемување на платите, ако притоа нема зголемена продуктивност, ќе предизвика инфлаторни притисоци, што во услови на ценовни притисоци дополнително може да влијае на инфлацијата. Но, од друга страна кога станува збор за пораст, особено на минималната плата, тоа треба да се гледа и во еден друг контекст, како поддршка во овие услови на ваква криза. Затоа, за да се изменаџира овој процес и за да не се влегува и во иднина со нереални и неиздржани барања, воспоставивме систем во Законот за минимална плата. Согласно системското решение минималната плата ќе се усогласува со трошоците за живот и со порастот на просечната плата, еднаш годишно. Ова е системско и праведно решение, кое е и во насока на одржување на стандардот на граѓаните. 

ДВ: Дали и што од даночната реформа која се заговара е предвидено во буџетските проекции? 

Фатмир Бесими: Даночната реформа која ја започнавме, а која се темели на донесената Стратегија и претставува само една фаза од неа, е во насока да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Концептот предвидува етапно спроведување на предвидените предлог решенија. Така, во 2023 година, во проекцијата на вкупните даночни приходи, кои се на ниво од 162,6 милијарди денари, се вклучени и очекуваните фискални ефекти од имплеметанција на даночните реформи кај ДДВ, данокот на добивка и данокот на личен доход. За појаснување, да не стане забуна, не станува збор за воведување нови даноци, туку станува збор за проширување на даночната основа и ревидирање на даночни ослободувања. Во моментов во Министерството за финансии се одвиваат завршни консултации за предлог-решенијата и набргу подетално ќе информираме.

ДВ: Јавниот долг продолжува да расте. Тоа не е проблем и е нормално повеќе или помалку за сите економии. Но нели е загрижувачки за нашата економија која креира многу скромен раст. Своевремено беше опасно да се надмине 5 милијарди евра јавен долг, а сега веќе сме на ниво од 7,3 милијарди? 

Фатмир Бесими: Кога зборуваме за јавниот долг, треба да се земат предвид неколку работи: која е намената, условите и севкупната одржливост за сервисирање на долгот, односно капацитетот на економијата да ги враќа заемите. Веќе е познато дека поради кризата јавниот долг порасна кај многу земји поради потребата од водење на поекспанзивна фискална политика. Долгот за време на пандемијата забележа високи стапки на раст како кај дел од развиените, така и кај повеќето економии во развој. Кај нас како резултат на силниот фискален одговор за време на пандемијата јавниот долг порасна за десетина процентни поени. Сепак, веќе следната година се забележа стабилизација на овие движења, за да годинава, согласно последните податоци за третиот квартал од 2022 година, нивото на јавниот долг изнесува 58,6 % од БДП, односно под Мастришкиот критериум, додека државниот е 49,8% од БДП. Владата и Министерството за финансии транспарентно и одговорно управуваат со јавните финансии, внимавајќи на цената на вкупното портфолио на јавниот долг и на рочноста. 

Јавниот долг вртоглаво расте, секој македонски граѓанин задолжен со над 3.500 евра 

Во однос на ефикасноста за користењето на средствата, ќе нагласам дека најголем дел од нив беа насочени кон финансирањето на антикризните мерки, како и поттикнување на економската активност преку јавните инвестиции и поддршка на приватниот сектор. Значајно е да се истакне и во врска со каматата којашто е постигната за овие задолжувања. Така,во 2021 година беше издадена еврообврзница со историски најниска каматна стапка од 1,625%. Годинава пак, иако имаме енормно високи цени на финансиските пазари, го заокруживме финансирањето со просечна каматна стапка од 3,2% и направивме заштеди само врз основа на каматата од 40 милиони евра на годишно ниво. Нашата заложба за одговорно и отчетно управување со јавниот долг се гледа и преку новиот Закон за буџети, со кој се воведуваат фискални правила за јавниот долг и за дефицитот, а се уредува и воведување на независното тело, Фискален совет, кое ќе го надгледува спроведувањето на фискалните правила. 

ДВ: Ќе имаме ли способност да го сервисираме долгот? Со што ќе се враќаат доспеаните кредити кога сме сведоци дека домашната економија создава многу мала додадена вредност? 

Фатмир Бесими: Буџетот е ликвиден и сите обврски по политиките што се содржани во него и кои произлегуваат од долг и од домашни и надворешни извори редовно и навремено се сервисираат. Со таква определба продолжуваме и во наредната година. Потврда за соодветните економски политики е и одлуката на Бордот на директори на ММФ кои ѝ дадоа на државава пристап до 530 милиони евра преку Инструментот за претпазливост и ликвидност- ПЛЛ, кој се доделува само на економии со здрави економски фундаменти и за кои се очекува дека ќе водат здрави економски политики и во следниот период. Тоа е големо признание за економските политики кои ги спроведува Владата. Воедно, ова е и добар сигнал за инвеститорите. 

Фатмир Бесими
Долгот го сервисираме под најповолни услови, вели Фатмир БесимиФотографија: DW/P. Stojanovski

ДВ: Каде има простор за поволно да се задолжиме? Сведоци сме на предупредувања дека изворите стануваат сѐ поскапи? 

Фатмир Бесими: Политиката што ја спроведуваме во однос на обезбедување на финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на надворешниот и домашниот долг е средствата да се обезбедуваат по најповолни услови. Годинава, кога цената на капиталот на финансиските пазари стана висока, имавме поголема комоција поради депозитот кој го имавме издвоено минатата година. Тоа ни остави простор да ги следиме состојбите и да излеземе на пазарот на капитал, во време кога условите беа најоптимални за нас. За следната година проектирано е задолжување на домашниот пазар од 33,6 милијарди денари. Средствата се планира да се обезбедат под поволни услови, а ќе се премине и кон нова посовремена платформа за спроведување на примарните емисии на државните хартии од вредност – Bloomberg, со што ќе се овозможи зголемено учество на странските инвеститори на домашниот пазар. Задолжувањето во странство предвидено е да се реализира со издавање на должнички хартии од вредност на меѓународниот пазар на капитал, како и преку повлекување на транша од веќе одобрената Линија за претпазливост и ликвидност од ММФ – ПЛЛ, но и средства од поволни, развојни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии наменети за проектно и тековно буџетско финансирање. Секогаш сѐ детално се анализира при изборот на изворот за финансирање. Тоа беше применето и во оваа година, со што за првпат беа издадени и хартии од вредност на германскиот пазар, познати како „Namensschuldverschreibungen“, односно НСВ (NSV). Како дел од напорите за прудентно управување со јавните финансии, ќе ја разгледаме и можноста за активно управување со должничкото портфолио преку операции на предвремен откуп на долг. Со цел постојано унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност и следење на светската практика, Министерството за финансии работи и на диверзификација на изворите на финансирање и воведување на нови видови на финансиски инструменти кои ќе имаат различна примена. Станува збор за „Развојни обврзници“,„Зелени обврзници“, „Проектни обврзници”, како и Развојни обврзници за граѓани. 

ДВ: Капиталните инвестиции кои ги проектирате за 2023 се досега највисоки, безмалку 800 милиони евра. Ќе станеме ли конечно сведоци тие да се исполнат во целост, оти знаеме како и во колкав обем досега се реализираат? 

Фатмир Бесими: Буџетот во 2023 година е согласно златното правило во јавните финансии, што значи дека расходите за капитални инвестиции се на повисоко ниво од дефицитот. Тоа ја покажува развојната компонента на буџетот и нашата определба за забрзување на економскиот раст на среден рок. Во последните две години реализацијата на капиталните расходи достигнува околу 80%, што во основа е помеѓу подобрите реализации на проекцијата за капиталните расходи во изминатите години. Но, исто така значајно е дека и сумата како апсолутна бројка расте. Така реализацијата се движи од 17 милијарди денари во 2016 година и достигнува 23,4 милијарди денари во 2021 година, а со ребалансот за 2022 година се предвидени 32,2 милијарди денари. Реализацијата на капиталните расходи во 2022 година е над 50%, а со оглед на праксата во последните месеци од годината реализацијата да забрза, истото го очекуваме и оваа година. 

Приказната со капитални инвестиции постојано се репризира 

Се очекува позабрзана динамика на реализација на железничката пруга кон Бугарија од Коридорот 8, патните правци од Коридорот 8 Кичево-Букојчани, Струга – Ќафасан, Гостивар – Кичево, Прилеп – Битола, исто така и енергетските проекти поради кризата добиваат забрзана динамика. Понатаму, воведениот КАПЕФ механизам, исто така е мотивирачки инструмент за буџетските корисници да ги реализираат инвестициските проекти. Како што е познато, тој се применува втора година и со него институциите кои реализираат инвестиции добиваат повеќе средства, додека оние кои не ги исполнуваат поставените критериуми, им се одземаат од тие ставки средствата. Исто така новина која е во насока да се забрза реализацијата на проектите се предвидува согласно новиот Закон за буџети е воведување нова организациона единица за оцена на инвестициите во рамки на Министерството за финансии – ПИМА. Сите буџетски корисници при подготовка на Буџетот ќе треба да достават предфизибилити или физибилити студија до Министерството за финансии за сите нови предлози за поголеми инвестиции. На ниво на Влада е предвидено да дејствува и Управен комитет кој ќе го утврдува приоритетот на проектите за финансирање. Со Планот за забрзан раст е предвидено спроведувањето на проектите да го вршат постојните единици за спроведување проекти (PIU), а може да се воспостават и дополнителни единици за спроведување проекти за одредени нови проекти. Проектите од највисок приоритет ќе бидат помогнати од Единицата за координација на инфраструктурни проекти, при што единиците за спроведување проекти (PIU) ќе имаат поддршка преку заедничко решавање на прашања во врска со одредени предизвици, директно известување на претседателот на Владата, и холистичко мерење на напредокот и на резултатите. Сето тоа ќе биде еден механизам кој треба да даде резултати. 

ДВ: Министерот за финансии е „чувар на државната каса“, можат ли граѓаните да бидат мирни дека ќе има доволно за да се преживее наредната година?

Фатмир Бесими: И во време на најголемата светска економска криза, од Големата депресија наваму, односно кризата предизвикана од Ковид-19, докажавме дека сите обврски непречено и навремено се сервисираат. Ќе кажам, дури и предвреме, бидејќи во време на пандемијата, пензиите започнаа да се исплаќаат пред да заврши месецот. Имаше средства и за антикризни мерки, за поддршка на граѓаните и фирмите. Исто така, обезбедивме средства за покачување на платите и пензиите, како и за поддршка на стопанството и неговата конкурентност преку низа политики и субвенции. Ова е најдобриот пример за капацитетот на оваа администрација за справување со криза од огромна димензија.