1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлинскиот процес влезе во претпазливо оптимистичка фаза

Ненад Крајцер
4 ноември 2022

Со договорот за меѓусебно признавање на лични карти и дипломи, земјите од Западен Балкан влегоа во нова фаза на меѓусебна соработка. Но, прашање е дали тоа ќе им помогне да го забрзаат својот пат кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/4J3vA
Самит за Западен Балкан во Берлин (семејна фотографија)
Самит за Западен Балкан во Берлин (семејна фотографија)Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Домаќинот на овогодинешниот самит за Западен Балкан, Олаф Шолц, на завршната прес-конференција повеќепати нагласи дека земјите од Западен Балкан се „дел од Европа“ и „се разбира, дел од европското семејство“. „Европската Унија нема да биде целосна без вас“, му порача германскиот канцелар на Западен Балкан.

Но, на конкретно новинарско прашање дали е реален рокот до 2030 година, кој се наоѓа меѓу предлозите на форумот на граѓанското општество што се одржа како дел од подготовките за самитот, Шолц не беше прецизен. 

Берлинскиот процес напредува 

И покрај тоа, германскиот канцелар и претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по самитот ширеа оптимизам за она што е постигнато. Како што веќе со денови се најавуваше, на самитот премиерите на шесте земји од Западен Балкан, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, потпишаа договори за меѓусебно признавање на личните карти, како и универзитетски и стручни дипломи.

Тоа во секој случај ќе им го олесни животот на многу жители од регионот, особено на оние кои често ги преминуваат границите, но и на оние претприемачи кои сакаат да го прошират својот бизнис надвор од границите на својата земја. „Берлинскиот процес дава резултати“, гордо изјави канцеларот Шолц по самитот. Многу аналитичари сметаат дека тоа било апсолутно неопходно по долгогодишно тапкање во место. 

Олаф Шолц
Олаф Шолц: Берлинскиот процес дава резултатиФотографија: Jens Schlueter/AFP

Дека придвижувањето од мртва точка се должи исклучиво на зголемената активност на германската дипломатија, тоа горе-долу отворено го укажуваа сите последните недели, почнувајќи од германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, па сѐ до претставникот на германската влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин. 

Без Германците сѐ уште ќе се преговараше   

Дури и политичарите од регионот не кријат кого го сметаат за одговорен за придвижувањето на Берлинскиот процес од мртва точка. „Морам да признаам дека потпишувањето на овие три договори во суштина е успех на германската дипломатија, бидејќи ние преговараме за овие три договори повеќе од две години без консензус“, рече по самитот претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија.

И хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го пофали германскиот канцелар Олаф Шолц што успеал по толку години да го придвижи Берлинскиот процес од мртва точка. Тој ја повтори изјавата дека „во интерес на Хрватска е напредокот на соседите“. 

Тешки преговори 

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, по потпишувањето на договорот оцени дека овие договори се добра работа, „особено за младите во регионот“, но во поблага верзија го повтори наративот на некои медиуми во Србија дека овие договори не се навистина некоја посебна новина, бидејќи Србија веќе некое време ги пропагира преку проектот Отворен Балкан.

Притоа, таа не пропушти да посочи дека преговорите со Приштина биле тешки. „Беше доста тешко да се преговара, но успеавме. Тоа нема никакво влијание врз она што го договоривме за лични карти, со што се зачувува државноста на Србија на Косово и Метохија и го олеснува нивниот живот. Тоа е важно“, изјави Брнабиќ за новинарите во Берлин. 

Олаф Шолц Ана Брнабиќ
Германскиот канцелар Олаф Шолц со српската премиерка Ана БрнабиќФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Договорите се едно, разрешувањето конфликти е друго 

Мануел Сарацин им дава заслуга и на Белград и на Приштина за успешниот моментум што го донесе потпишувањето на договорот во Балканскиот процес. „Она што сакам да го истакнам е дека немаше да успееме овде доколку немаше политичка волја и во Белград и во Приштина. Ова е многу позитивен развој на настаните и мислам дека тука имаше позитивна атмосфера што придонесе за успех“, изјави Сарацин за ДВ на маргините на конференцијата на граѓанските организации што се одржа пред завршната средба на лидерите.

Германскиот посредник истовремено ги намали очекувањата и еуфоријата на некои кои потпишувањето на овој договор го гледаат како конечно решение за конфликтот меѓу Србија и Косово. „Истовремено, природно е дека успеавме, бидејќи во тој контекст не се обидовме да решиме некои отворени билатерални прашања, туку ги оставивме на страна. Во исто време, мора да бидеме јасни и да кажеме дека нема секогаш да можеме да ги туркаме отворените билатерални прашања настрана, но порано или подоцна ќе треба да разговараме за решавање на тие работи, ако сакаме патот на регионот кон ЕУ да биде успешен“, рече Сарацин.

Со други зборови: одложувањето на конечното решение за овој, за Германија и ЕУ, но и за регионот, најголемиот безбедносен проблем, не може вечно да се остави настрана. Ова на прес-конференција го потврди и самиот канцелар Шолц, кој рече дека се надева на брзо решение. Бидејќи, во сенка на руската агресија врз Украина и новосоздадената безбедносна ситуација, ЕУ и регионот на Западен Балкан, како што рече, „мора да покажат единство и да се борат за слободата на Европа“. 

Берлински процес
Излегување од ќорсокак: самит за Западен Балкан во БерлинФотографија: Michele Tantussi/Pool via REUTERS

Миграции споменати на маргините 

Иако на овој самит се очекуваше значајно место да има нерегуларната миграција, за неа се разговараше само на маргините. Иако Србија не беше директно повикана поради неусогласената визна политика со ЕУ, која во последните денови предизвика многу тензии на линијата Белград-Берлин-Брисел, во завршниот документ на самитот се наведува дека „ учесниците на состанокот ја истакнаа важноста од адаптација на визната политика на земјите од Западен Балкан кон правното законодавство на ЕУ во визниот сектор, што е важно за процесот на пристапување“.

Во пресрет на самитот, дел од соговорниците на ДВ изразија сомнеж за брзото спроведување на потпишаните договори. Од друга страна, Зоран Тегелтија изрази оптимизам дека договорите може многу, многу брзо да се спроведат. „Договорите минуваат низ процес на усвојување и ратификација во домашното законодавство и се надевам дека за неколку месеци ќе бидат имплементирани“, рече претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Пратеничката во Европскиот парламент Виола фон Крамон-Таубадел смета дека политичарите од Западен Балкан од прагматични причини ќе се залагаат за брзо спроведување на овие договори. „Верувам дека и повеќето шефови на влади кои го потпишуваат договорот имаат интерес за негово спроведување. Овој успех всушност можат добро да го 'продадат' на лице место, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните. И се надевам дека со притисокот од Берлин и Брисел, како и од самите граѓани, брзо ќе се спроведе“, вели пратеничката на Зелените за ДВ. 

Подарок од Брисел 

На крајот од самитот, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги развесели присутните со подарок од Брисел: милијарда евра за енергетскиот сектор - половина за ублажување на акутната криза, а половина за инвестиции во обновливите извори на енергија и приклучување на европската енергетска инфраструктура.

Тука корист може да има и Хрватска, бидејќи во последните месеци, пред сѐ поради ЛНГ-терминалот на Крк, таа се гледа себеси како главен енергетски играч во регионот и може да има корист од тие средства, особено во однос на изградбата на нови гасоводи, меѓу другото и кон Босна и Херцеговина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема