1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
НаукаГлобално

„Артемис 2“ тргна кон Земјата, честитки од Трамп

ЖА / агенции
7 април 2026

Астронаутите на НАСА со мисијата „Артемис 2“ го започнаа враќањето кон Земјата по успешна обиколка на Месечината, за време на која забележаа кратери, метеори и затемнување на Сонцето.

https://p.dw.com/p/5BksL
Вселенската капсула Орион со Земјата и Месечината за време на мисијата „Артемис 2“
Вселенската капсула Орион со Земјата и Месечината за време на мисијата „Артемис 2“ Фотографија: NASA/AP Photo/picture alliance

Астронаутите на мисијата „Артемис 2“ во понеделникот (6.04)  ја завршија својата обиколка околу Месечината и официјално го започнаа патувањето назад кон Земјата. За време на  историскиот лет, тимот забележа кратери на месечевата површина, метеоритски удари, затемнување на Сонцето, како и планиран прекин во комуникацијата со Земјата кој траеше околу 40 минути.

Главната научна раководителка на мисијата, Келси Јанг, им се обрати на астронаутите, нагласувајќи ја важноста на добиените податоци.
„Не можам доволно да нагласам колку научни сознанија веќе стекнавме“, изјави Јанг.

Набљудувања од орбитата и затемнување на Сонцето

Четворицата астронаути – Џереми Хансен, Кристина Кох, Рид Вајсман и Виктор Гловер – го поминаа денот во детално набљудување на структурата на месечевата површина. Тие пријавија и светлосни блесоци, предизвикани од удари на метеорити врз Месечината.

Екипажот на „Артемис 2“: Џереми Хансен, Кристина Кох, Рид Вајсман  и Виктор Гловер
Екипажот на „Артемис 2“: Џереми Хансен, Кристина Кох, Рид Вајсман и Виктор ГловерФотографија: NASA/Handout/AFP

Подоцна, екипажот беше сведок на ретка појава – затемнување на Сонцето, кога Месечината се најде помеѓу Сонцето и леталото.
„Навистина е тешко да се опише“, изјави Гловер. „Искуството е целосно величествено."

Јанг ја пофали нивната работа, истакнувајќи дека токму тие набљудувања значително ја доближуваат Месечината до научната заедница и јавноста.

Честитки од Трамп и рекордна оддалеченост од Земјата

Неколку часа подоцна, американскиот претседател Доналд Трамп исто така им честиташе на членовите на екипажот во видео повик во живо - и ги покани на прием во Белата куќа по нивното слетување на Земјата. „Се радувам да ве видам во Овалната соба“, рече Трамп. „Како што знаете, во последно време бев доста зафатен, но ќе најдеме време.“ Во таа прилика, тој ќе ги замоли за автограми, продолжи Трамп. Тој не го прави тоа често - „но вие сте навистина нешто посебно.“ Трамп ги опиша астронаутите како „современи пионери“.

Претходно, за време на прелетот над темната страна на Месечината, комуникацијата со НАСА очекувано беше прекината околу 40 минути. По воспоставувањето на врската, Кох порача: „Ние  секогаш ќе ја избираме Земјата  и секогаш ќе се избираме едни со други.“

Само неколку часа претходно, екипажот постави нов историски рекорд, отстапувајќи 406.778 километри од Земјата – најголема оддалеченост што човек некогаш ја достигнал. Досегашниот рекорд беше поставен од мисијата „Аполо 13“ во 1970 година.

Емотивен момент и враќање по „слободна повратна патека“

Посебно емотивен момент се случи кога астронаутите именуваа месечев кратер во чест на Керол Тејлор Вајсман, починатата сопруга на командирот на мисијата, Рид Вајсман.
„Тоа е светла точка на Месечината и би сакале да ја наречеме Керол“, рече Хансен со растреперен глас. Кратерот, во зависност од позицијата на Месечината, повремено е видлив и од Земјата.

Американскиот астронаут Рид Вајсман, кој ја предводи мисијата „Артемис 2“, набљудува од кабината во Орион
Американскиот астронаут Рид Вајсман ја предводи мисијата „Артемис 2“Фотографија: NASA/UPI Photo/Newscom/picture alliance

Рид Вајсман, поранешен маринец и тест пилот, имаше солзи во очите, астронаутите се прегрнаа, додека во контролниот центар во Хјустон беше одржан едноминутен молк. Керол Тејлор Вајсман почина од рак во 2020 година, а Рид Вајсман сам ги одгледува нивните две ќерки.

Капсулата „Орион“ го започна околу четиридневниот повратен лет кон Земјата по т.н. слободна повратна траекторија, при што леталото се насочува кон Земјата исклучиво под влијание на гравитацијата на Месечината.

Астронаутите беа лансирани минатата среда од  вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида.  „Артемис 2“ е првата мисија со човечки екипаж кон Месечината по повеќе од 50 години. НАСА планира ново слетување на Месечината во 2028 година, додека Кина најавува сопствена мисија во 2030 година.