1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПанорамаГлобално

„Артемида 1“ ќе го отвора патот за населување на Месечината

29 август 2022

Луѓето последен пат стапнаа на Месечината пред 50 години. Наскоро тоа треба го повторат. Засега тргнува мисијата „Артемида 1“ - без екипаж. Ова треба да биде прв чекор кон изградба на населби на Месечината.

https://p.dw.com/p/4GAx7
Артемида 1 Артемис 1 Месечина Марс вселена НАСА
„Артемида 1“ на 29 август стартува кон МесечинатаФотографија: Ben Smegelsky/NASA via ZUMA Press Wire/ZUMAPRESS/picture alliance

Од 2030-тата треба да започне долгорочно населување не само на Месечината, туку потенцијално и на Марс. Реализацијата на овој план започнува денеска (29.08) со првиот пробен лет на „Артемида 1“ (Артемис 1). „Артемида 1“ лета без екипаж, но ова е само прв чекор во мисијата која има за цел да однесе луѓе- на Месечината, првпат помисијата „Аполо 17“ од 1972 година. Населување на Месечината има важна улога во истражувањето на планетата Марс, бидејќи астронаутите сакаат да ја искористат површината на Месечината како меѓустаница на долгиот пат до „Црвената планета“. Според партнерите во „Артемида“ (Артемис) - НАСА и Европската вселенска агенција ЕСА, програмата „Артемис“ ќе покаже што се сменило во истражувањето на вселената во последниве 50 години.

Од 1972 година досега се случија многу работи. Амбициите се зголемија, техниката е унапредена. Програмата „Артемис“ предвидува испраќање луѓе на Месечината во 2025 година, како и изградба на трајна населба преку понатамошни мисии во следниве години.

„На почетокот луѓето ќе бидат на Месечината само една недела, а во следните мисии на 'Артемис' би требало таму да останат еден или два месеца, додека не се воспостават постојани населби“, објаснува за ДВ Јирген Шлуц, инженер во ЕСА. Во рамките на оваа програма на Месечината за првпат ќе стапнат и жени и луѓе од сите раси.

мисија „Аполо 17“ Месечина
Мисијата „Аполо 17“ на Месечината од 1972 годинаФотографија: Heritage Images/picture alliance

Што претставува програмата „Артемис“?

Денешното лансирање е прво од шест мисии на Месечината кои се планирани до 2028 година. За време на мисијата „Артемис 1“ во вселенскиот брод Орион нема да има екипаж. Оваа мисија е безбедносен тест, но следните треба да бидат со екипаж. Програмата „Артемис“ е покрената во 2017 година и со неа треба да бидат обновени патувањата во вселената. Се работи за заеднички проект на агенциите НАСА и ЕСА, како и вселенски агенции од други земји.

„Сакаме луѓето да продолжат да ја истражуваат вселената. Месечината ни е најблискиот сосед. Има ресурси и други својства кои може да се искористат за истражување, но првенствено ни е важно со 'Артемис' да 'фатиме корен' во вселената,“ објаснува Шлуц. 

НАСА ја именуваше програмата според сестрата близначка на Аполон, Артемида, која во грчката митологија е божица на Месечината. Мисијата стартува од вселенската станица Кенеди на Флорида во 14:30 по средноевропско време. Вселенскиот брод Орион би требало да полета кон Месечината и да биде на пат од 26 до 42 дена. Леталото најмалку шест дена ќе кружи околу Месечевата орбита пред да се врати на Земјата и да слета во Пацификот.

На одмор на Месечината

Безбедносен тест за идните летови со екипаж

Целта на овој вселенски лет е тестирање на безбедноста на Орион и Системот на вселенско лансирање (Space Launch System, SLS) во пресрет на идните летови со човечки екипаж, вели Шлуц. „Со програмата ‘Артемис’ луѓето би требало да се вратат на Месечината. Со првата мисија ‘Артемис 1’ се тестираат транспортните системи со кои тоа би се овозможило,“ нагласува Шлуц.

Орион е вселенски брод за делумно повеќекратна употреба. Опремен е со соларни панели и автоматизиран систем за слетување, како и примарни и секундарни погонски механизми кои го водат леталото од Земјината орбита кон Месечината. Европската вселенска агенција, заедно со европски компании како Ербас, одигра централна улога во развојот на технологијата за овој вселенски брод. Иако Орион може да прими шестчлен екипаж, мисијата „Артемида 1“ ќе има само два патника: куклите Хелга и Жохар кои се опремени со сензори за мерење на зрачење.

Орион вселенски брод НАСА
Орион може да прими шестчлен екипаж, но мисијата „Артемида 1“ ќе има само два патника: куклите Хелга и ЖохарФотографија: Airbus

Кога луѓето ќе живеат на Месечината?

Долгорочна цел на програмата „Артемис“ е населување на планетата Марс. Според Шлуц, Месечината е важна станица на тој пат – еден вид истурена станица за истражувачите на Марс. Базниот камп „Артемис“  - прво место за слетување на Месечината, би требало да биде изграден до крајот на оваа деценија.

И кинеската и руската вселенска агенција исто така планираат на почетокот од 2030-тите таму да постават своја база – Меѓународна станица за истражување на Месечината. Во базниот камп мисиите ќе може да останат до два месеца и тие ќе се користат како испостава за оптимизација на технологијата и условите за живот. Астронаутите таму ќе стигнуваат за помалку од една недела, што е импресивен подвиг со оглед на тоа дека пред само 200 години на истражувачите им биле потребни четири недели да стасаат од Европа до Америка.

Како е да се живее на Марс?

Ејден Каули, експерт за истражување на материјали од Европската вселенска агенција, ЕСА, објаснува дека на Месечината ќе се тестираат системи и технологии потребни за живот на други планети.

Со Аполо 11 до Месечината

„Условите за живот на Месечината се тешки. Еден од најголемите предизвици е заштита на астронаутите од радијација. Истражуваме изработка на станбени модули чија надворешност ќе биде од реголит (месечева прашина), за да ги заштитиме од зрачење“, објаснува Каули.

На Месечината исто така ќе бидат тестирани и системи за управување со ресурси, заштита од зрачење и производство на енергија, кои потоа ќе бидат префрлени на Марс. Патувањето до Марс трае половина година, така што Месечината е многу полесно достапно поле за истражување.

„Не можеме туку така да повикаме некого кога ќе ни затребаат нови алатки, но со помош на 3Д печатар можеме да печатиме алатки и други предмети од материјалите достапни на Месечината“, вели Каули.