1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Еден е Лазо Лечиќ

Златко Калински
10 мај 2019

Лазар Лечиќ одново влезе во елемент, како некогаш! Беше главен актер на претставата организирана по повод неговиот 80-ти роденден. Свеченост која зрачеше со топлина, насмеани лица, прегратки, спомени...

https://p.dw.com/p/3IGqG
Лазар Лечиќ Македонија
Лазар Лечиќ во мај 2019 годинаФотографија: DW/Petar Stojanovski

***Дојдоа светски познати играчки и тренерски имиња. Данеу, Тврдиќ, Шолман, Плеќаш од златните мундијалски денови во Љубљана во 1970-та, нивните следбеници Јерков, Јариќ, Ивковиќ, Дамњановиќ, Ковачевиќ, Дино Раѓа, Гркот Јанакис, генерацијата на „лечиќевиот“ Работнички: Књазев, Боцевски, Ѓорчевски, браќата Луковски, Радосављевиќ, Георгиевски, Гешовски, Васиљевиќ. Конечно и тренерските бардови  Новосел, Ивковиќ, Маљковиќ, Ѓорѓевиќ - друштво на кое му припаѓа и Лечиќ. Свеченост која зрачеше со топлина, со насмеани лица, пријателски стисок на раката, прегратки, спомени...

Лазар Лечиќ како тренер „беше свој“ токму во пресрет и за време на големите натпревари. Не го крие задоволството:

„Ова се луѓе од сите генерации и средини каде што бев тренер. Реткост е да се соберат вакви великани на едно место. Наша поврзница се кошаркарските терени и топката. Нѐ гледаа илјадници луѓе на трибините и милиони крај ТВ-екраните. Овие 40-тина имиња кои се тука, во Скопје, имаат освоено повеќе од 100 медали на Олимписките игри, светските и европските првенства, медитеранските игри, балканијадите...“, вели Лечиќ.

Македонија Кошарка
На свеченоста во Скопје дојдоа светски познати играчки и тренерски имињаФотографија: DW/Petar Stojanovski

Почетоци со визија

Лечиќ млад заплива во тренерските води. Во раните 1960-ти години, кога Скопје беше зафатено од природните катастрофи, прво поплавата, а потоа и катастрофалниот земјотрес, во Градскиот парк проработе „кошаркарскиот вулкан“ Работнички! Го предизвика новопечениот белградски дипломец Лазо Лечиќ, кој ја насочи македонската кошарка во нова, прогресивна насока:

„Мој ментор беше Александар Николиќ. На Олимпијадата во Рим во 1960. ме водеше со себе, му водев статитистика и учев од него како се води тим. По враќањето во Скопје од студиите во Белград имав среќа да 'погодам' генерација на надежни млади кошаркари. Од постарите играчи на Работнички останаа малкумина, Књазев, Ѓорчевски.., а низ селектирањето на плејадата помлади се изнедрија Боцевски, Андоновски, браќата Луковски, Тевчев, Радосављевиќ, малку потоа и Георгиевски. Работнички со години беше расадник на квалитетни играчи, стана респектирана средина во исклучително квалитетната југословенска кошарка, а со успех играше и во Европа.“

Лазар Лечиќ
Лечиќ беше тренер кој уживаше во предизвицитеФотографија: DW/Petar Stojanovski

Репрезентацијата можност за тренерска надградба

Лазо брзо се афирмира во југословенската кошарка. Ранко Жеравица во него го препозна својот прв соработник во водењето на југословенската репрезентација, во ковењето на сребрениот медал на Европското првенство во Казерта во 1969 година и златниот медал на Светското првенство во Љубљана:

„Тоа беше интересна ситуација. Кога ме повика Ранко да станам тренер на репрезентацијата, во прв момент тука имаше отпори. Се плашеа дека ќе си заминам од Работнички, но сепак попуштија. Сфатија дека преку репрезентацијата ќе напредувам како тренер, дека таму се црпи и искуство и новите идеи и новите трендови во европската кошарка, кои ќе бидат применети тука, во Македонија. Успехот во Љубљана придонесе за големиот кошаркарски бум во Југославија. Многу нови игралишта, телевизиски преноси, години на силен кошаркарски прогрес. Подоцна станав селектор на јуниорската репрезентација на Југославија. Освоивме злато на Балканијадата, а, за жал, бевме 4-ти на Европското првенство."

Трусните кошаркарски средини како предизвик

Лазо беше тренер кој уживаше во предизвиците. Работнички, а подоцна и МЗТ Скопје беа неговите „чеда“. Но, тој успеваше да се носи во кошаркарски секогаш зовриениот Борац во Чачак, да го запали обично академското гледалиште во Љубљана. И Арис и Солун беа критична кошаркарска зона. Трусните кошаркарски подрачја го привлекуваа:

„Од Љубљана до Солун беше омилениот мој кошаркарски простор. Одбирав тимови, кои негуваат интересна, убава кошарка. Го вградував во нив мојот темперамент, а играчите тоа го прифаќаа. Во Чачак, со Борац, успеавме да направиме историски резултат, прво учество во европските купови. Дури успеав да им го донесам првиот Американец во клубот. Но, тука заврши мојата мисија во Борац, бидејќи дојде Стане Доланц, ме однесе во Љубљана и ми 'нареди' да потпишам 10-годишен договор со Олимпија! Мојот темперамент не ми дозволи да останам толку долго во едно место. Уследи пат во Солун, во Арис, со Галис и Јанакис. Голема, шампионска екипа, учество во Купот на шампионите, темпераментна публика, критички настроени новинари“, си спомнува Лазо.

„Тренер пред времето, менаџер, мотиватор“

Имаше свој пристап во начинот на комуникација со новинарите. Бараше од нив провокативни прашања, конвенционалноста не беше негова карактеристика. Имаше шмекерска жичка, се испреплетуваат безброј анегдоти, кои го надополнуваат тренерскиот опус, а „грешките во чекори“ му беа дозволени само на Лазо:

„Судиите ме сакаа, а во Кошаркарскиот сојуз ми гледаа низ прсти. Правев ситни провокации. На пример, гледам судиите навиваат за домаќинот и измислував разни штосеви, но никого никогаш не сум навредил. Сето тоа беше дел од играта.“

Лазар Лечиќ
Лечиќ млад заплива во тренерските водиФотографија: DW/Petar Stojanovski

Од сѐ изговорено, за името на Лазар Лечиќ  провејува силен респект:

Божидар Маљковиќ: „Мотивацијата на играчите, неговото сфаќање на кошкарската игра ,водењето на тимот, брзината на контранападите, додавањата по целиот терен, односот кон судиите, играњето понекогаш со четворица играчи на теренот, а понекогаш и со шестмина!!! -сето тоа беше Лазар Лечиќ.

Иво Данеу: „Тој е легенда, тој е најголемиот оптимист во кошарката, тој беше забавувач надвор од теренот, а како тренер беше извонреден. Тој се внесуваше целиот себеси на теренот. Како тренер играше заедно со своите играчи покрај аут-линијата, а понекогаш влегуваше и внатре во теренот.“

Рато Тврдиќ: „Ме воодушеви како тренер на репрезентацијата на Светското првенство во Љубљана. Јас тогаш го видов неговиот тренерски талент и знаење. Се држеше повлечено, малку настрана, не кажуваше тоа што го знае, а зборуваше само кога тоа беше потребно. Ми се допаѓаше неговиот став во однос на кошарката.“

Благоја Георгиевски: „Од сите овие тренерски имиња кои дојдоа во Скопје, Лазо беше многу поразличен. Тренер пред времето, менаџер, мотиватор. Со играчи кои со својата височина по малку заостануваа во однос на противниците, направи големи резултати. Тој беше мајстор да ја постави играта во одбрана. Секаде каде што работеше тој остави своја трага.“

Во овој славенички момент, несоодветно беше да се бара од Лазо  коментар за денешниот момент во македонската кошарка:

„Болна тема, многу работи се погрешно поставени. Наместо создавање играчи во клубовите, се ангажираат странци со сомнителни квалитети. Наместо да се искористи успехот на репрезентацијата на ЕП во Литванија и кошаркарската еуфорија која завладеа во земјата, се случија конфронтации, недоразбирања. Македонија има таленти, може да биде многу успешна во 'малите' спортови, но потребни се многу работа и посветеност“, велиЛечиќ и разгвоорот за ДВ го завршува во свој стил:

„Благодарам за честа што ми е направена, сево ова ме исполнува, освен моиве 80 години, кои не ми се допаѓаат!“ 

***текстот е објавен на 10 мај 2019 година.