Кој кумувал на даночно затајување од поголеми размери?
16 јануари 2026
Јавноста со голем интерес ги очекува првичните информации од вчерашната (15.01) акција под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), во која, истражители од Обвинителството со асистенција на полициски службеници од МВР вршеа претреси на повеќе локации во државата.
Како што информираа од ОЈО ГОКК, се обезбедувале лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери.
Според очевидци, вчеравечер било „фреквентно“ пред полициската станица во Кисела Вода. Дел од медиумите неофицијално објавија дека меѓу приведените (повеќе од десетина лица) имало и сопственици на фирми, но и вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), меѓу кои и една управничка. Според шпекулациите, осомничените, наводно, одобрувале поврат на ДДВ за фирмите на кои не им следувал поврат, а за возврат фирмите ним им испорачувале и до 20% од добиената сума.
Дали навистина даночни службеници ја злоупотребувале службената позиција во спрега со други субјекти за нивни интереси, а на штета на Управата и на државата? Од ОЈО ГОКК деталите за акцијата ги најавија за денеска.
Одобрување за затајување или ослободување од данок
Во јавноста подолг период владее впечатокот дека битката против криминалот и корупцијата сѐ уште не е фатена во костец со случаи од висок политички профил, додека токму такви случаи се спомнуваат во меѓупартиски пресметки по неколкупати дневно.
Но, во случајот со последната акција, наводно, не станувало збор за „звучни имиња“. Сепак, во перцепцијата на граѓаните, примањето пари од административен службеник за одобрување на затајување или ослободување од данок, е на трето место при препознавањето на коруптивните практики.
Ова произлегува од податоците во Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија за 2025 година, изработен од Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС). Во него се вели дека граѓаните не го препознаваат само поткупот даден во пари, туку препознаваат и други посложени форми на корупција, како непотизам, клиентелизам и.т.н.
„Највисока свест е забележана кај давање пари или услуга на административен службеник за да се добие тендер, концесија или јавна набавка (77,3%), давање пари на полицаец за да се избегне одземање возачка дозвола (76,8%) и примање пари од административен службеник за одобрување на затајување или ослободување од данок (75,6%)“, се наведува во Извештајот.
Променлив тренд
Што се однесува до санкциите, податоците од Државниот завод за статистика, укажуваат дека бројот на лица прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба во Македонија значително варира. Бројките се движат од 90 лица во 2010 година, 75 во 2020, 80 во 2021, 98 во 2022, 126 во 2023 и 60 во 2024 година.
Во периодот од 2010 до 2020 година имало променлив тренд: просекот во првите четири години бил околу 90 осудени лица, додека во 2014 бројот достигнал врв од 193, потоа постепено се намалил на 92 во 2018 и го достигнал најниското ниво од 53 во 2019 година. Потоа бројот постепено се зголемувал до 2023 година, по што следувал остар пад во 2024 година.
Бројот на лица осудени за давање или примање поткуп бил многу мал за целиот период. Највисокиот забележан број бил 20 лица во 2010 година, а најнискиот само 3 лица во 2018 година.
„Иако бројките останале ниски и во следните години - 7 во 2020 и 2021 г. и 8 во 2022 г. - во поново време е забележан благ пораст, со по 13 осудени лица и во 2023 и во 2024 година“, се наведува во Извештајот на МЦМС.
Корупција кај „поголемиот дел од службениците"
Интересно е да се види е и каква е перцепцијата на граѓаните за корупцијата меѓу службениците и во јавната администрација? Според Извештајот, мислењето на граѓаните дека корупцијата е во голема мера навлезена меѓу службените лица и во јавната администрација бележи намалување во 2025 година.
Додека во 2023 година дури 74,4% од испитаниците сметале дека службениците се вклучени во корупција, во 2025 година тој удел се намалил на 69,0%, што претставува враќање на нивото од 2021 година. Истовремено, уделот на оние кои сметаат дека „сите се вклучени“ се намалил на 23,4% во 2025 година, во споредба со 30,5% во 2023 и 30,7% во 2021 година.
Спротивно на тоа, уделот на граѓаните кои веруваат дека „поголемиот дел од службениците“ се вклучени во корупција пораснал на 45,6% во 2025, во споредба со 43,9% во 2023 и 38,9% во 2021 г. Само 5,9% од испитаниците во 2025 г. сметаат дека речиси ниту еден службеник не е вклучен во корупција.
„Ова укажува дека иако вкупната перцепција за корупцијата меѓу службениците бележи одредено намалување во 2025 година, значителен број граѓани веруваат дека корупцијата е вкоренета кај поголемиот дел од службениците“, се оценува во Извештајот на МЦМС.
Фактори кои влијаат на ширење на корупцијата
Во однос на факторите кои влијаат на ширењето на корупцијата, во 2025 г. најголем дел од граѓаните сметале дека желбата за брзо лично богатење на оние на власт (77%) е главен поттикнувач на корупцијата. Веднаш потоа следуваат неефикасноста на судскиот систем (75%), наследените проблеми од минатото (74%) и недостигот од строг административен надзор врз корупцијата (74%).
Голем дел од граѓаните го истакнале непочитувањето на законите (73%) и недоволната заштита на лицата што пријавуваат корупција (73%). Две третини (66%) го сметале постојното антикорупциско законодавство за слабо, а 65% укажале на преклопување на службените должности со лични интереси. Најмал дел од граѓаните (36%) сметаат дека ниските плати во јавниот сектор ја поттикнуваат корупцијата.
Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија за 2025 година е аналитички преглед на распространетоста, карактеристиките и промените на корупцијата во земјата. Тој е изработен од МЦМС врз основа на Системот за следење на корупцијата, во рамки на проектот „Граѓанско општество за добро владеење и антикорупција во Југоисточна Европа: Градење капацитети за застапување врз основа на докази, политичко влијание и граѓански ангажман (СЕЛДИ.нет)“, поддржан од Европската комисија.