1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали канцероген чипс завршил во македонските продавници?

ДТЗ
4 август 2023

Проверките следат по алармот дека во српскиот чипс е откриено високо ниво на акриламид. Ако се потврди дека го има во земјата, производот веднаш ќе биде повлечен од продажба.

https://p.dw.com/p/4UmlI
чипс
Дали канцероген чипс завршил во македонските продавници?Фотографија: etiennevoss - Fotolia

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) врши проверки дали канцероген чип произведен во Србија завршил на македонскиот пазар. Ако се потврди дека го има во земјата, производот веднаш ќе биде повлечен од продажба.

Проверките следат по алармот дека во чипсот е откриено високо ниво на акриламид.

„Во Системот за брзо предупредување на ниво на ЕУ сѐ уште не е нотирано дека овој производ е забранет и дека треба да се повлече од пазарите, а дали е кај нас влезен или не, веќе проверуваме“, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски.

Аларм

Европската комисија прва го вклучи алармот дека високо ниво на канцероген акриламид е откриен вочипс со вкус на пиперка, произведен во Србија. На хрватска граница била стопирана пратка на чипс со вкус на пиперка, произведен во Србија, во кој е утврдено високо ниво на акриламид. Проблемот е пријавен до Европскиот систем за рано предупредување, по што производот е безбедно уништен.

Од српското Министерство за земјоделство информираа дека во тек е вонредна контрола во погоните каде се произведува чипсот. 

Зошто е опасен акриламидот?

Акриламидот најчесто може да се најде во леб, пржени компири, чипс, житарки за појадок, бисквити, крекери, кафе. Станува збор за хемиско соединение кое се формира во храната при термичка подготовка -  печење или пржење. Проценките се дека присуството на акриламид во храната може да го зголеми ризикот од развој на рак кај сите возрасни групи, а досегашните истражувања за потенцијалните ефекти од внесувањето на акриламидот преку исхраната врз здравјето на животните и луѓето, покажале и ефекти врз нервниот систем.