90 години од „Нирнбершките закони“ – смртоносна идеологија
15 септември 2025
Кој е Германец? Како се станува Германец? За тоа Германците дебатираат со векови. Уставот тоа прашањето го реши трезвено и лаконски: Германец е лице што поседува германски пасош. Државјанството не може да му се одземе. А, дискриминацијата на било кој државјанин врз основа на верата, потеклото или јазикот е спротивна на темелните вредности. Тоа е поуката што творците на германскиот Устав ја извлекоа од нацистичкиот терор меѓу 1933 и 1945 година. Во тоа време пред сѐ Евреите, но и Ромите, хомосексуалците, социјално загрозените лица и политичките противници систематски беа обесправувани, тероризиран и убиен.
Расизмот врз основа на потекло не е надминат
Загрижувачки е што дури и 80 години по крајот на нацистичкото владеење, темелниот принцип на еднаквост за сите Германци сè уште се доведува во прашање. „Дали некој е Германец не се одлучува на хартија, туку меѓу ушите“, пиша на платформата Х кон крајот на јули годинава Штефан Мелер, претседател на покраинскиот огранок на партијата Алтернатива за Германија (АфД) во Тирингија. Изјавата ја доведува во прашање еднаквоста на Германците. Тоа е една од многуте причини зошто бројни германски судови повеќекратно ја потврдуваат неуставноста на делови од АфД.
Историчарот Ролф-Улрих Кунце од Технолошкиот институт во Карлсруе смета дека АфД со таквите изјави негува историски континуитет. „Од моја перспектива програмата на Алтернатива за Германија без прекин се надоврзува на нацистичката идеологија. Во тоа време се разликувало меѓу државјаните на Рајхот и германските граѓани, што беше регулирано со т.н. Закон за државјаните на Рајхот во склоп на Нирнбершките закони. Тоа е налик на ова како АфД разликува меѓу „вистински Германци“ и „Германци по пасош““, посочува Кунце.
Кога парламентот послушен на Адолф Хитлерна 15 септември 1935 година ги усвои т.н.. „Расни закони“ во Нирнберг, прогонот на еврејското население одамна бил станат секојдневна појава. Хитлеровите паравоени сили ги тероризирале луѓето на улиците, а првите концентрациони логори веќе биле отворени. Но, законското обесправување на еврејското население и покрај тоа бил важен чекор во германската политика на истребување.
Нирнбершките закони: верификација на неправдата
Кунце вели дека тоа денес се нарекува законска верификација на беззаконието. Во тие закони се забрануваат бракови, па дури и сексуални контакти меѓу Евреи и т.н. ариевско население. Освен тоа, Евреите до душа биле германски државјани, но не и државјани на Рајхот. Со тоа ги загубиле политичките права и станале граѓани од втор ред.
„Се работело за теоријата за супериорноста на т.н. бела раса над сите други и нејзиното самопрогласено право да владее со светот“, објаснува Ролф-Улрих Кунце. „Овој расизам според потеклото е директен производ на најстариот облик на дискриминација што ни е позната во историјата на европската култура, а тоа е антисемитизмот“, вели Кунце.
Ваквите закони во општеството довеле до апсурдни мерила за утврдување кој е Евреин, а кој не. Правниците во нацистичката држава разликувале меѓу „Германци по крв“, „мешани од прв степен“, „мешани од втор степен“ и „четврт-Евреи“. Таквите категории одлучувале за живот и смрт. Иако победата над нацистичка Германија во 1945 година стави крај на политиката на истребување и Германците пишуваат нов, слободарски Устав, се чини дека расизмот врз основа на потеклото не е надминат до денес. „Некои луѓе во Германија се порамноправни од други“, вели Карен Тејлор во интервју за ДВ. Таа е претседател на Сојузната конференција на организации на мигранти. „Да зборува плакативно, уставното ветување за еднаквост важи само за луѓето со „германска крв“. Особено мигрантите доживуваат дека не се еднакво заштитени“. Вели Тејлор. Барањето на крајната десница да може на имигрантите да им се одземе германското државјанство, го зајакнува таквиот впечаток.
Позитивна страна на миграцијата
Како да се надмине таквиот расизам во општеството? Карен Тејлор вели дека ретко се зборува за позитивните аспекти на миграцијата. „Во Берлин сме горди што во градот кулинарски може да се патува низ светот и што постои културна разновидност. Но, миграцијата е повеќе од храна и културни програми. Станува збор за луѓе, за нивните приказни и традиции, кои долгорочно ја збогатуваат Германија“, вели Тејлор. Таа апелира до секој поединец да придонесе за надминување на расистичките и антисемитските предрасуди во општеството. „Погрешно е да се чека на државата. Секој од нас - на училиште, во здруженија, во секојдневниот живот - може да преземе одговорност“, заклучува таа.