1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тие само немо посматраа

Феликс Штајнер
9 ноември 2018

80 години по ноќта на погромот над Евреите, секој Германец може да си го постави прашањето: како тогаш реагирало моето семејство? Феликс Штајнер фрла многу личен поглед наназад во историјата.

https://p.dw.com/p/37pUG
Deutschland | abgebrannte Synagoge in Gernsbach
Изгорена синагога во Гернсбах Фотографија: Hauptstaatsarchiv Stuttgart

Татко ми беше жив лексикон кога се работи за локалната историја. И, раскажуваше неверојатно интересно. Она што го знам за татковината и потеклото, го знам од него.

Повеќепати ми има раскажувано и како тој го доживеал 10 ноември 1938 година. Имено, погромот над Евреите во малото гратче на југозападот на Германија, каде што израснав, не се случувал вечерта на 9 ноември, туку утрото потоа. Татко ми тогаш бил првоодделенец и децата на крајот на наставата биле предупредени од својот наставник на патот до дома да ги избегнуваат синагогата и куќите на Евреите и да одат по заобиколни патишта. Зашто, таму можело да биде опасно.

Deutschland | Archivbild, Franz Steiner 1938
Франц Штајнер (таткото на авторот на текстот) на својот прв училишен ден во 1938 годинаФотографија: Privat

Се разбира дека татко ми и неговите пријатели - типично за шестгодишни и седумгодишни деца - грижливиот совет од својот наставник го сфатиле како директно барање да видат што тоа среде ден може да биде толку опасно во провинциското гнездо. Наишле на синагога во пламен кој пожарникарите не го гаснеле, искршени излози и опустошени продавници кои биле во сопственост на Евреи. И, биле сведоци како на улица се исфрла целиот мебел од станот на едно еврејско семејство кое живеело на првиот кат од еден објект.

Она што тогаш се случувало во малото гратче со неговите 30-тина еврејски жители, во меѓувреме е добро документирано. Меѓутоа, јас радо уште еднаш би му го поставил прашањето на татко ми - како реагирале баба ми и дедо ми кога нивниот најстар син им раскажал за она што се случува во градот среде бел ден. Дали се обиделе да му го објаснат она што од денешен аспект е необјасниво? Како го коментирале тоа што на нецели 300 метри оддалеченост од нашата куќа се газат жени и деца, а целиот мебел се уништува на ситни парчиња? Еврејските мажи, имено, уште во раните утрински часови на 10 ноември биле уапсени и со специјален воз транспортирани во концентрациониот логор во Дахау.

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Ако сум искрен со себе, и не сакам всушност да знам. Не мора и да се праша, зашто во принцип одговорите ми се познати. Не, баба ми и дедо ми не биле нацисти по убедување, тоа го знам сигурно. Но, го вртеле погледот на друга страна и молчеле, како и милиони други Германци. Родителите на четири мали деца ретко се „штоф“ за херои или маченици. А, дека постоел концентрационен логор Дахау и што во него случува знаеле откако таму во 1933 година со недели биле затворени градоначалникот и неколку социјалдемократи, членови на градскиот совет. Освен тоа, станувало збор за Евреи - што ние, католиците, имаме со нив? Зарем за тоа да се ризикува?

Deutschland |  jüdische Geschäfte am Gernsbacher Murgufer
Еврејски продавници во Гернсбах во 1920-те: Емануел Дрејфус, Браќа Баер и стоковната куќа на Емил НахманФотографија: Stadtarchiv Gernsbach

Систематската изолација и обесправување на Евреите не почнале во ноември 1938 година. Само неколку недели по преземањето на власта од страна на Хитлер, на излозите на продавниците во сопственост на Евреи било испишано „Не купувајте кај Евреи“, биле отпуштани еврејски службеници, забрана за работа добивале лекари, адвокати и новинари. Освен тоа, донесени биле Нирнбершките закони (со кои е институционализиран прогонот на Евреи, Роми и други т.н. неариевци врз расна основа, н.з.), бил одземан имот и многу други работи. Ноќта меѓу 9 и 10 ноември 1938, меѓутоа, претставувала премин кон отворен терор пред очите на целиот народ.И, и моето семејство само немо посматрало. Тоа ми пречи и ме засрамува, дури и 80 години потоа.