1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

75 години од конференцијата на Јалта: Поделба на моќта

Ралф Бозен
4 февруари 2020

Кога нацистичка Германија била пред пораз, идните победнички сили од Втората светска војна пред 75 години во Јалта донесле историски заклучок. Освен тоа, го отвориле и патот за најважната глобална организација.

https://p.dw.com/p/3XEYm
Jalta Konferenz 1945
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пред 75 години една фотографија го обиколи светот: рамо до рамо седнати како статуи британскиот премиер Винстон Черчил, американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт и советскиот диктатор Јозеф Сталин. Формални, во нивните капути кои делуваат како оклопи, сериозно гледаат во камерата. Сцена која треба да го демонстрира единството меѓу големите сили и да даде надеж за траен мир по војната започната од нацистичка Германија.

Фотографијата е настаната за време на конференцијата во Јалта, свикана од Советскиот Сојуз. Во палатата Ливадија во црноморското одморалиште на полуостровот Крим т.н. „големи три” на 4 февруари 1945. преговараат за финалната фаза на Втората светска војна, бидејќи од Хитлер на големо фаленото „илјадагодишно царство” е пред пропаст.

Предлози за поделба на Германија

На западот и југот на Европа Американците и Британците напредуваат и покрај отпорот на германската војска. Од истокот советските сили за време на зимската офанзива напреднале до 100 километри до главниот град. На 30 април Хитлер ќе се застрела во неговиот „бункер на фирерот”, на 8 мај Германија капитулира. До крајот на војната бројот на жртвите ќе достигне околу 60 милиони лица.

Во Јалта, каде што порано руските цареви и аристократијата ги минувале своите одмори, по првите средби во Техеран чиј домаќин исто така бил Советскиот сојуз, сега треба да се разработат грубите рамки на новиот светски поредок, како и да се преговара поделбата и „чистењето на Германија од нацистите“. И, тројцата најмоќни мажи во тоа време треба да ги разработат принципите на новата поделба на моќта. Тука спаѓа и основањето на идната најважна организација на светот, Обединетите нации, кое го форсира Западот.

Bildergalerie Südukraine Livada Palast Jalta
Место на одржување на историска средба: Палата Ливадија на ЈалтаФотографија: DW/A. Al-Khashali

Победничките сили се надеваат на долготрајна соработка

Конференцијата ја третира тешката задача да ги стави под еден чадор делумно различните интереси на победничките сили. Тоа што ги обединува комунистот Сталин и капиталистот Черчил е заедничкиот непријател Германија. Уште ништо не навестува дека сојузниците во анти-Хитлер-коалицијата само кратко време подоцна, со почетокот на Студената војна во 1947 година, ќе станат спротивставени страни.

„Черчил и Рузвелт за време на војната постојано беа во контакт и се среќаваа. Со Сталин пак се сретнаа само еднаш во Техеран кон крајот на 1943 година. Сметале дека соработката треба да продолжи и по војната за многу години, ако не и децении и затоа биле подготвени на компромиси", вели историчарот од Келн, Јост Дилфер во разговор за ДВ.

Повеќе: Хитлеровите пропагандни лаги и првата жртва на војната

Делегациите прислушувани

Черчил и Рузвелт не се задоволни со изборот на Јалта како зафрлена локација за конференцијата. Тешко болниот американски претседател мора да патува околу 11 илјади километри со брод и авион. Од британскиот премиер се цитира изјавата дека „не можело да се најде полошо место од Јалта дури да го барале и цели 10 години".

За стратегот Сталин е очигледно важно средбата да се одржи на советско тло за да може како домаќин постојано да ги држи уздите в раце. Се погрижил за тоа да се инсталираат телеграфи и телефони на висока фреквенција. За да ги прислушува странските делегации наредил дури и во грмушките околу палатата Ливадија да се постават микрофони. За итен случај имал и бункер на располагање. За релаксирана атмосфера избрани келнери од луксузните хотели во Москва биле повикани да послужуваат најфина храна, за разлика од општата состојба на глад во земјата

Jalta Konferenz 1945
Преговорите во ЈалтаФотографија: Imago/Leemage

Шефовите на западните влади немаа илузии

„Од друга страна, Рузвелт и Черчил знаеле со кого си имаат работа. Дека оваа грубо брутална советска диктатура била насочена кон проширување на своето влијание во Европа. Тие немале никакви илузии“, објаснува историчарот и експерт за Источна Европа, Вилфрид Лот од Универзитетот Дуизбург-Есен.

Но планот на Сталин функционира. „Атмосферата во целина била добра. Одвреме-навреме по некој ќе се налутел, ќе станел или немало да прифати нешто. Но, во целина имало соработка“, вели историчарот Дилфер.

До 11 февруари 1945 година тројцата лидери на држави преговараат околу иднината. Резултатот: Черчил ја наметна Франција како дополнителна окупаторска сила над поразената Германија, Рузвелт доби ветување од Сталин за влез на Советскиот сојуз во идната организација на Обединетите нации и за влез во војната против Јапонија. Сталин пак успеа областите во кои беа навлезени неговите трупи да останат во Советскиот сојуз.

Professor Dr. Dülffer
Дилфер: Атмосферата на преговорите во целина била добраФотографија: privat

Германија не смее веќе да го нарушува светскиот мир

Шефот на Кремљ исто така направи територијални отстапки на Далечниот Исток на сметка на Јапонија и Кина, и воведе право на вето во идниот Совет за безбедност. Преговарачките партнери ја одложија и конечната демаркација на Полска за по капитулација на Третиот рајх. Сепак, Сталин се согласи како источна граница на демаркационата линија да се земе онаа каде што застанаа неговите трупи при нападот во 1939 година. Тогаш Советскиот сојуз сѐ уште ѝ беше сојузник на Германија.

Во завршната декларација од конференцијата стои: „Наша силна волја е да се уништи германскиот милитаризам и националсоцијализмот и да се погрижиме Германија никогаш да не биде во состојба да го наруши светскиот мир. (...) Нам не ни е цел да го уништиме германскиот народ, но само со искоренување на националсоцијализмот и милитаризмот, ќе има надеж за достоинствен живот на германскиот народ и нивно место во меѓународната заедница."

ПовеќеВтора светска војна: Првите бомби паднаа врз Вилун

Компромиси кои оставија отворени прашања

Секој постигна по нешто, резимира историчарот Дилфер: „Сталин триумфира на тешките прашања околу териториите. Западните сили ги реализираат рамките за изгледот на идниот мир."

Колегата на Дилфер, Витфрид Лот оценува: „На крајот од конференцијата сите тројца експлицитно велат: ова е добар резултат. И можеме да се надоградуваме на него. Со други зборови, тие од конференцијата заминале исто толку оптимистички како кога дошле. „Резултатот од овие преговори беа дузина компомиси кои останаа нејасни по разни точки."

Учесниците на конференцијата се водеа од тоа дека вистинските одлуки во Европа ќе бидат донесени по крајот на војната. Оттука, Јалта е една преодна конференција, која проектираше некои одлуки за иднината. „Во реалноста, со конференцијата во Јалта никогаш не беше постигнат траен мир“, вели Лот во интервју за ДВ.

И на последователната конференција на големата тројка во Потсдам, кај Берлин, на 17 јули 1945 година, не беа надминати и расчистени сите отворени прашања и несогласувања. Со тоа се отвори патот кон Студената војна.

Zweiter Weltkrieg Eroberung von Berlin 1945 durch Rotarmisten
Советски трупи пи влегувањето во поразениот БерлинФотографија: picture-alliance/RIA Nowosti

Нова конференција на големите сили за сегашноста

Но каков беше извонредниот, траен резултат од Јалта? Покрај согласноста Советскиот Сојуз да влезе во Обединетите нации, историчарот Лот го посочува и основниот договор според кој заеднички требаше да се понесе одговорноста за иднината на победената Германија. Притоа, конференцијата на Крим ја подигна свеста за значењето и потребата од врвната дипломатија.

„Преговорите за поствоениот поредок на Јалта беа работа на шефовско ниво и се покажа дека кога шефовите седнаа заедно, тие беа во позиција да бараат компромиси и да изградат меѓусебна доверба“, вели Лот. Ова искуство беше повторно докажано и во подоцнежните кризи. Спротивно на тоа: „Секогаш кога недостасува врвната дипломатија, има проблеми. Дури и ескалацијата на Студената војна може да се оправда со тоа дека меѓусебната доверба на врвот исчезна за брзо време, бидејќи не беа вложени никакви напори."

Во светло на актуелната светска состојба на криза дефинитивно би било време за една Јалта-конференција во согласност со новите услови, смета келнскиот историчар Дилфер. „Дел од соработката и размената се случува во Обединетите нации, но нова конференција на големите сили дефинитивно би имала смисла." Станува збор за градење заедничка свест, „дека навистина може да се изгради нов мировен поредок како оној по Јалта, по страшната светска војна. Тоа денес можеби е повторно потребно."