50 години ДВ на македонски | Северна Македонија | DW | 22.04.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

50 години ДВ на македонски

Пред речиси 50 години, на 11 мај 1969 година, Дојче веле стана првата радио станица вон границите на тогашна Социјалистичка Република Македонија која започна со емитување програма на македонски јазик.

Почетоците на Дојче веле на македонски не ги диктираше политиката, туку реалните потреби на Македонците кои во 60-те години од минатиот век одлучија да си ја побараат среќата во тогашна Сојузна Република Германија.

Нивната желба да ги поздрават своите најблиски во татковината на мајчин јазик, го отвори патот за формирање на редакција на македонски јазик во тогашната Југословенска редакција. Започнавме скромно, со 10-минутна програма еднаш во неделата.

Од Келн, тогашното седиште на Дојче веле, кон Македонија протекоа првите поздрави и честитки, придружени секако и со по некоја песна, на македонски јазик. Првите чекори имаа голем одек во Македонија, па набрзо потоа, веќе во јуни 1970 година, програмата на македонски јазик добива редовен, секојдневен, 15-минутен термин.

Во тогашниот свет, длабоко поделен на два блока, во екот на Студената војна, се случува мало чудо. Дојче веле, медиум од капиталистичка Германија, склучува договор за соработка со Македонското радио - државен медиум од социјалистичкиот камп.

Токму тој договор ѝ овозможува на програмата на македонски јазик да се развива понатаму, засилена со десетици професионалци од Радио Скопје кои низ годините минуваат низ редакцијата на Дојче веле.

Веќе кон средината на 80-те години нашата програма добива получасовен термин, а неколку години подоцна и втора емисија која ја преземаат и иселеничките радија во Австралија.

Промотор на демократските вредности

Во првите години од независноста на Република Македонија, Дојче веле не само што е единствениот странски медиум кој емитува програма на македонски јазик, туку е и етаблиран промотор на демократските вредности. За тоа сведочат огромните бројки на слушаност во земјата, но и илјадниците писма кои годишно пристигнуваат на нашата адреса.

Преку радио брановите на Дојче веле на македонски со децении споделувавме информации, добри и лоши вести, заедно го учевме и германскиот јазик со курс кој и денес е актуелен на нашата интернет страница... Во екот на косовската криза, а подоцна и со конфликтот во Македонија, нашата програма прерасна во вистинско Метрополен радио со вести и информативни емисии кои надминуваа два часа дневно.

Го променивме и нашето седиште. Започнавме во Келн, а сега сме во Бон. На 31 декември 2012 година се збогувавме од радио програмата, а во новата година влеговме со видео и дигитална понуда која е актуелна и денес. Времињата се менуваа, а со нив и нашата понуда, но нашата мисија останува иста: преку вести и информации да бидеме мост на соработка меѓу Македонија и Германија, да ви ги приближиме Европа и светот и да наметнеме стандарди за професионално и објективно информирање.

Наградна игра

Со надеж дека и во иднина ќе останеме ваш веродостоен извор на информации, ви нудиме можност преку една мала наградна игра заедно да го прославиме големиот јубилеј: 50 години Дојче веле на македонски.

Сѐ што треба да сторите за да учествувате во неа, е точно да одговорите на следните две прашања:

1. На кој датум започна да се емитува програмата на македонски јазик на Дојче веле?

2. Во кој германски град е седиштето на македонската програма на Дојче веле?

Вашите одговори испраќајте ги на нашата Фејсбук страница (@dw.macedonian) заклучно со 11 мај. Првата награда е Ајпед, а втората Ајпод. Двајцата среќни добитници ќе ги извлечеме на 13 мај, понеделник.

Реклама