1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

250 години од раѓањето на таткото на модерниот универзитет

Хајке Мунд
22 јуни 2017

Вилхелм фон Хумболт се смета за татко на модерниот универзитет. Но, тој е помалку познат од неговиот светски познат брат Александар. Прусите му се благодарни за новиот образовен систем.

https://p.dw.com/p/2fC1l
Wilhelm von Humboldt preußischer Gelehrter
Фотографија: picture-alliance/prismaarchivo

Човек денес може да само да посака министер за образование како Вилхелм фон Хумболт: космополит, лингвист, филозоф, државник и писател - сѐ ова во една личност. Вилхелм фон Хумболт течно ги зборуваше најважните јазиците на новиот и стариот свет и долги периоди од својот живот помина во најважните европски центри во 18-от век: Париз, Рим, Лондон, Виена и секако во пруската метропола - Берлин. Иако во јавноста секогаш е во сенка на неговиот брат Александар, тој не е помалку значаен.

Живот поминат во секојдневно учење

Неговиот живот во основа е секојдневно учење. По прераната смрт на неговиот татко - благородник и земјопоседник - Вилхелм фон Хумболт уште во детството, а подоцна и како тинејџер, има можност да стекне одлично образование од приватни професори. Неговата мајка, напредна и богата, го сака само најдоброто за своите два сина: филозофи, напредни педагози и сестрани учители кои на Вилијам и неговиот брат Александар ќе им го дадат не само неопходното образование, туку ќе им го објаснат и светот.

Истражувачкиот дух, интелектуалната љубопитност и пруската дисциплина брзо се развиваат кај браќата. Двајцата треба подоцна да постигнат големи успеси, секој во својата професија. Тие имаат интензивен контакт со познатите мислители на своето време: од Шилер и Гете до Фихте и Шлајермахер, а ја проучуваат и модерната филозофија на Кант. Благодарение на богатството од родителите, финансиски се независни и можат слободно да си ги остварат своите лични интереси.

Berlin - Denkmal, Wilhelm von Humboldt
Споменик на Вилхелм фон Хумболт во БерлинФотографија: picture alliance/Arco Images/Schöning

Љубопитство за истражување и страст за патување

На 23 години Вилхелм фон Хумболт во 1790 година почнува да работи во државна служба. Но, бргу се откажува од ова, бидејќи животот во администрација во Берлин му е премногу здодевен. Се жени со жена една година постара од него која потекнува од добро ситуирано семејство. Имаат невообичаен брак за тоа време: Вилхелм, што е спротивно на пруските поимања за пруско-воен идеал за машкост – се грижи за децата. Ги храни, ги пресоблекува и ги чува. Каролин е високо образована и смела. За време на патувањата таа, сосем еманципирано, носи машка облека, бидејќи е попрактична за јавање.

Долгите патувања ги водат низ Франција и Шпанија, делумно и низ предели високо на Пиринеите, што во 18 век им се случувало само на заталкани патници. Учителот на нивните три деца е секогаш со нив. Дел од патот го поминуваат на маски, дел на коњи.

Независен научник и кралски дипломат
Вилхелм фон Хумболт го води истиот порив за истражување како и неговиот брат Александар. Младиот надарен лингвист за кратко време почнува да зборува повеќе јазици, усовршувајќи ги на ниво на мајчин јазик, впивајќи сѐ што е непознато и ново за време на сите патувања. Тој длабоко во себе е космополит од убедување. Развој на духот низ практични и животни ситуации и откривање на непознати културни светови нему му се поважни од проучување на книги и теории.

Во 1802 година Вилхелм фон Хумболт по вторпат стапува на државна должност кај прускиот крал Фридрих II. Но, овојпат има среќа - го праќаат на работа во Рим како дипломат. Таму во голема мера е независен. Постојано е меѓу писатели, учители и познати уметници. Но, набргу доаѓа крај на периодот на совршен баланс меѓу неговите афинитети и официјалните државнички обврски. По загубената војна од Наполеон, Прусија не е само воено поразена, туку е и политички разнишана и банкротирана држава. Населението гладува, сиромаштијата и последиците од војната го уништуваат животот.

Неопходни реформи на прускиот образовен систем

Wilhelm v.Humboldt - Kreidezeichnung von Franz Krüger
Вилхелм фон Хумболт на цртеж од Франц Кригер (22.06.1767, во Берлин)Фотографија: picture alliance/akg-images

Во ваква вонредна состојба, во 1808 година кралот го повикува Вилхелм фон Хумболт назад во Берлин и го назначува за директор на прускиот оддел за култура и образование. Школството во Прусија е целосно закоравено и нема допир со реалноста. Нема подвоеност меѓу црквата и државата. Се учи по стари ригорозни канонски правила. Учениците се едуцираат по црковни норми. На жените не им е дозволено повисоко ниво на образование.

Со доаѓањето на Хумболт започнува нова ера во образованиео. Тој од корен го реформира закоравениот пруски образовен систем. Во 1810 година воведува единствен тростепен школски систем: основно образование, „занаетчиско училиште" односно гимназија и високо образование.

Основач на модерниот универзитет

Дополнително, тој ја менува и застарената наставна програма и методи: учителите и професорите треба „да бидат адвокати на образованието на младите луѓе" и да се ориентираат кон практичниот живот. Систематско учење и холистичка едукација преку музика и уметност се исто така многу важни за Хумболт, како што е важна математиката за тренинг за мозокот. Еднакво важно за него е и развојот на критичко мислење. Неговото мото е „Знаењето е моќ, оној кој се образува е слободен".

Вилхелм фон Хумболт на ова позиција е 16 месеци, но го поставува курсот за иднината на едно модерно образовано општество. Со својата реформа, овој филозоф и независен научник го црта новиот пејсаж на универзитетите во земјата. Старата „професорска величественост" е укината и заменета со модерна дидактика. Со воведувањето на модерен универзитет кој се базира на научни истражувања кралството Прусија го добива најнапредниот образовен систем во Европа.

Највисоко образование на сите човечки сили во една целина"

Кога Вилхелм фон Хумболт починал на 8. април 1935 година во Берлин, тој зад себе остави големо духовно наследство. Тој сакаше младите луѓе да го добијат „највисокото образование на сите човечки сили сплотени во една целина", неговиот идеал беше образовани, писмени и самосвесни граѓани, независно од општествениот статус или семејното воспитување.

Образовниот идеал на Хумболт и денес би можел да биде основа за образовниот систем во Германија. Но, регионално-политичките интереси на покраините и обемните наставни планови – кои имаат корен во строгата пруска администрација – се во спротивност со него. Отворената, космополитска образовна филозофија на еден Вилхелм фон Хумболт дури и за Германија е далечна утопија.