1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Овцата Доли, беше клонирана на денешен ден пред 25 години
Овцата Доли, беше клонирана на денешен ден пред 25 годиниФотографија: Curtis/epa/dpa/picture alliance
Наука

25 години од Доли: Што се случи со првото клонирано животно?

Клер Рот
22 февруари 2022

Прочуената овца Доли беше клонирана пред 25 години. Оттогаш е постигнат голем напредок во истражувањето на матичните клетки. И многу други животни се клонирани - вклучително и домашни миленици.

https://www.dw.com/mk/25-%D0%B3%D0%BE%D0%B4%D0%B8%D0%BD%D0%B8-%D0%BE%D0%B4-%D0%B4%D0%BE%D0%BB%D0%B8-%D1%88%D1%82%D0%BE-%D1%81%D0%B5-%D1%81%D0%BB%D1%83%D1%87%D0%B8-%D1%81%D0%BE-%D0%BF%D1%80%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BA%D0%BB%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%BE-%D0%B6%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%BE/a-60870595

На денешен ден пред 25 години, овцата со име Доли стана првото клонирано животно, со користење на возрасна соматска клетка. Експериментот Доли одекна во вестите низ целиот свет. Тоа го промени светот на истражувањето на матичните клетки - и го одржа во живот британскиот институт кој го спроведуваше експериментот.

„Од лична гледна точка, една од најважните работи што произлезе од Доли беше опстанокот на истражувачкиот институт во кој работам“, вели низ смеа за ДВ, Алан Арчибалд од Институтот Рослин во Велика Британија, кој беше дел од експериментот во 1996 година.

„Се соочувавме со кратења од страна на владата. И парите што ги заработивме со продавање на интелектуалната сопственост на Доли нè одржуваа додека не најдовме алтернативни извори на пари“.

Како беше клонирана Доли

Доли е клонирана со помош на клетка земена од млечна жлезда на друга овца. Таа е родена во јули 1996 година со бело лице - јасен знак дека е клонирана, бидејќи ако би била во роднинска врска со нејзината сурогат мајка, би имала црно лице.

 Доли и ембриологот и професор Ијан Вилмут, чиј тим ја клонираше овцата
Доли и ембриологот и професор Ијан Вилмут, чиј тим ја клонираше овцатаФотографија: Andrew Milligan/empics/picture alliance

Истражувачите ја нарекоа Доли по американската пејачка Доли Партон, која е позната по нејзините големи „млечни жлезди“ - гради.

Доли е единственото бебе овца што се роди живо од вкупно 277 клонирани ембриони. Таа роди шест бебиња, а на шестгодишна возраст почина од белодробна болест.

Клонирање на луѓе

Иако човечки ембрион беше успешно клониран во 2013 година, досега не е постигнат напредок за клонирање на цело човечко суштество.

Но, се реплицираат и мајмуни: во Кина, Жонг Жонг и Хуа Хуа станаа првите примати клонирани со помош на техниката на Доли во јануари 2018 година. Од речиси 150 клонирани ембриони, сурогат мајките на овие мајмуни се единствените кои родија живи бебиња.

Одреден напредок е постигнат и во клонирањето на животни кои се на работ на истребување. Американските истражувачи успешно клонираа пор со црни нозе во 2021 година и загрозениот вид на коњ Пржевалски во 2020 година.

Во моментов се прават напори за клонирање на волнениот мамут, џиновската панда и северниот бел носорог.

Кинеските научници клонираа мајмуни

Клучно за производство на повеќе храна

Клонирањето на животни, исто така, им овозможува на големите индустриски фарми да произведуваат повеќе храна.

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) дозволува клонирање на говеда, свињи и кози и нивните потомци за производство на месо и на млеко. Во 2008 година, агенцијата соопшти дека ваквата храна е еднакво безбедна како и храната добиена од неклонирани животни - и затоа не треба да се означува.

Не е јасно колку месо и млеко добиено од клонирани животни се продава на американските пазари.

Практиката не е дозволена во Европа. Во 2015 година, Европскиот парламент гласаше за забрана на клонирање на сите животни на фармите. Но, сепак и на територијата на ЕУ се вршат определени лабораториски експерименти со клонирање, истакнува за ДВ,  Робин Ловел-Баџ, директор на Лабораторијата за биологија на матични клетки и развојна генетика на Институтот Френсис Крик во Лондон. 

Клонирање на домашни миленици

Создадена е и мала индустрија околу клонирањето на домашни миленици. Примерите ја вклучуваат компанијата ВиаГен во САД, Синоген во Кина и Соам Бајотек во Јужна Кореја.

Кучето Снапи беше клонирано во 2005 година во Јужна Кореја, мачката Лук во јули 2019 година во Кина, а Мис Вајолет и Мис Скарлет беа клонирани откако на американската пејачка Барбара Стрејсенд ѝ почина нејзиното куче Саманта во 2017 година.

„Оправдување за ова е да се замени загубеното многу сакано милениче“, вели Ловел-Баџ. „Сепак, ова е глупост.“

Klonschaf Dolly
Фотографија: Maurice Mcdonald/PA/epa/dpa/picture alliance

Тој вели дека иако е вистина дека клонираното животно во основа ќе ја има истата геномска ДНК како првобитното милениче, животните „не се едноставно производ на [нивната] ДНК“.

Дури и ако клонирањето е успешно, природата на животното во дел ја одредуваат неговите гени, но, исто така, и околината, што значи дека клонот никогаш нема да биде сосема ист како вистинското животно, вели тој.

Арчибалд додава дека иако технологијата за клонирање сега е поефикасна отколку кога беше направена Доли, процесот сè уште е прилично неефикасен. „Ќе ви требаат многу женски единки за да ги снесат јајцата кои би се користеле во процесот“, вели тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Димитар Ковачевски Христијан Мицкоски

Ковачевски и Мицкоски бараат решенија за енергетската криза

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница