1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клонираните шницли веќе се во нашата чинија?

Ј. Мирбах/бг10 септември 2015

ЕУ наскоро ќе мора да донесе одлука дали да даде дозвола за месо кое потекнува од клонирани животни. Едни вели дека тоа е неморално и штетно, а други дека е научно докажано дека тоа месо не се разликува од нормалното

https://p.dw.com/p/1GU6s
Фотографија: Fotolia/Dudarev Mikhail

Да, ние веќе јадеме месо од клонирани говеда и свињи. Досега важеше правилото дека месото од клонирани животни е забрането за користење во исхрана во ЕУ. Но на големо веќе се увезуваат јајцеви келии, сперма и млеко од клонирани животни, воглавно од САД. Спермата се користи за оплодување. Досега не постоеше обврска да се означуваат така одгледуваните животни. Тоа значи дека во моментов секој, веројатно не знаејќи купува месо од клонирани животни. Прашањето е дали техниката на клонирање носи со себе некакви ризици.
Во супермаркетите не се продава месо од клонирани животни, бидејќи тоа би било скапо, туку месо од нивното потомство. Научниците велат дека според актуелните сознанија месото е потполно исто како и месото од неклонирани животни, па потрошувачите не се изложени на посебен ризик. Кристоф Тен, кој работи во независниот институт за биотехнологија „Тестбиотек“, вели дека премалку се знае за месото од клонирани животни. „Треба да почекаме и да не го јадеме тоа месо додека не ги добиеме резултатите од научното истражување“. Засега нема статистички податоци за уделот на месото од клонирани животни во вкупната понуда, но тој е многу мал.

Дали постои ризик за животните?

Да, постои. Животните побрзо заболуваат, често се појавуваат компликации кога доаѓаат на свет, а забележани се и чести малформации. Критичарите на таа технологија, како Кристофер Тен, имаат и етички забелешки. „И женките на кои ќе им се пресади оплодена јајце клетка често имаат здравствени проблеми. Се зголемува страдањето на животните“. Но, германскиот Сојузен институт за здравје на животните наведува дека потомството на клонираните животни нема посебни здравствени проблеми. Останува само етичката дилема: смееме ли тоа да го правиме?

Ernährungsindustrie gegen Verwendung von Klonfleisch
Тешко ќе биде да се дознае дали јадеме месо од клонирани животни.Фотографија: AP

Зошто треба да се воведе означување на животните?

Затоа што увозот на сперма на клонирани животни е во пораст. Доколку не се означи потеклото на животните, за неколку години потрошувачите нема да бидат сигурни која шницла потекнува од природно зачнато, а која од клонирано животно. Токму поради тоа Бјерн Петерсен од Сојузниот институт за здравје на животните вели дека означувањето на животните е непотребно: „Има смисол да се означува нешто само тогаш кога можете нешто и да контролирате. Но, јас во ниту еден случај не можам да докажам дека некое теле потекнува од обична крава или од клон. Доколку не можеме да ја исклучиме злоупотребата тогаш означувањето е бесмислено“.
Засега клонирањето не е профитабилно, процесот не е ефикасен, а технички е многу покомплициран од обичниот приплод. Технички се изводливи и целни мутации за да се добие повеќе месо. Во ЕУ таквите постапки се забранети, но многу е тешко да се докаже дека се работи за клонирање. „Во принцип го правиме истото што со векови го прават одгледувачите, но далеку побрзо“, вели Петерсен.
Од друга страна, дури и ЕУ да одлучи да го забрани месото од клонирани животни, реално не е можно да се спречи продорот на месо произведено со турбо-приплод во САД или во Кина.
Парламентот на ЕУ и Комисијата треба да се договорат за правилата. Постојат три можности: забрана за клонирање и за пуштање во промет на месо од такви животни, обврска за означување на клонираните животни и на месото кое потекнува од нив, или слободно клонирање и продажба. Според спроведените анкети, мнозинството граѓани се за средното решение- за обврската за означување. Со тоа месото кое потекнува од клонирани животни нема да биде забрането, но ќе биде јасно означено, и секој ќе може да одлучи дали сака да го купи или не.