Јутјуберот Резо ја бламира партијата на Меркел | Свет | DW | 24.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Јутјуберот Резо ја бламира партијата на Меркел

Видео на јутјубер со критички напад врз ЦДУ има милиони кликови. Како реагира партијата на Меркел? Неодлучно, сними против-видео, па не го објави. Дали дигиталната генерација ќе изврши пресинг врз ЦДУ?

Кого уште го интересираат изборите за Европски парламент? Телевизиските дуели и специјалните емисии на оваа тема во германската телевизија достигнуваат квоти од само околу два милиони гледачи, половина од гледаноста на вестите. И тоа и покрај водечките кандидати, шарените студиски сценографии и скапите воведни видео снимки.

Значи, не постои интерес за политиката без оглед на предизборното време? Да, постои. Тоа го покажува „Уништувањето на ЦДУ“, видео на 26-годишен информатичар, музичар и јутјубер, кој самиот се нарекува Резо. Неговата пресметка со партијата на  Ангела Меркел,  нејзината климатска, образовна и надворешна политика, всушност нејзината целокупна политика, има преку пет милиони прегледи од објавувањето во саботата.

Еј, воено злосторство, диги!"

Во видеото младиот човек седи пред својот компјутер, зборува на начинот на бројни млади луѓе – „еј, диги“ наместо „драги гледачи“. Тој покажува факти, цитати и статистики од интернет. Резо боде онаму каде боли: во време на владеењето на ЦДУ јазот меѓу сиромашните и богатите е продлабочен, вели тој. ЦДУ не прави доволно против промената на климата, не се спротивставува на злоупотребите извршени од страна на САД. Така Резо, кој досега не е познат како политички активист, со аргументи ја притиска ЦДУ до ѕид. На Јутјуб вакво нешто се нарекува „уништување“.

„Како прво, сметам дека е добро кога младите луѓе посилно се интересираат за политиката, а ова видео сигурно има прилог во таа насока“, вели пратеникот од ЦДУ во германскиот Бундестаг и дигитален експерт, Томас Јарцомбек во разговор за Дојче веле. Глумење добро расположение по острото критичко видео? Јарцомбек е еден од ретките од неговата партија кој барем уште на почеток сигнализираше подготвеност за дијалог со Резо.

Предизборни цупкања без Јутјуб канал

„Она што го сметаме за лошо, е големата едностраност на видеото и што тоа се занимава исклучиво со ЦДУ“, продолжува Јарцомбек. „За редица нешта кои се тематизираат во него, може да се има сосем друго мислење.“ Јарцомбек признава дека неговата партија има дефицити во стигнувањето до младите луѓе преку новите медиуми.

Deutschland Berlin CDU Werkstatt-Gespräch Kramp-Karrenbauer und Ziemiak (picture-alliance/dpa/K. Nietfeld)

Паул Цимиак и Анагрет Крамп-Каренбауер, генералниот секретар и шефицата на ЦДУ

„Многумина во нашата партија токму сега сфаќаат дека ваквите прилози достигаат огромен домет, делумно поголем отколку класичните информативни формати како централните емисии со вести на ТВ.“ Оттаму, потребно е ставање нови тежишта, вели Јарцомбек: „Многумина пратеници на викенд вредно патуваат и цупкаат од еден до друг предизборен термин во својот изборен округ. Притоа, разговараат со само неколкумина луѓе, додека на интернет можеме да достигнеме до многу поголема целна група отколку што тоа беше досега.“

Во куќата Конрад Аденауер, централата на Христијанско демократската партија во Берлин, со денови се очекуваше одговор на видеото на Резо. Во средата генералниот секретар на ЦДУ, Паул Цимиак, во интервју го обвини Резо за  „мешање псевдофакти“. Шефицата на партијата Анегрет Крамп-Каренбауер изјави: „Се прашувам зошто не ни се префрла одговорност и за седумте катастрофи во древен Египет.“

Видео за во канта

Истовремено во ЦДУ се работело на видео-одговор, во стилот и слично на она на Резо. За таа цел најмладиот пратеник во Бундестагот од ЦДУ, Филип Амтор (26 години), поминал еден цел ден пред камери за да реагира на критиките на Резо. Тој го оценува за одличен клипот снимен во кулисите на една хемиска лабораторија, останата од претходно снимање предизборен спот за ЦДУ, објавен претходно. 

Потоа раководството на ЦДУ сепак решило да не го објавува видеото-одговор. Одлучено е да не се дава „избрзан одговор“, туку да се инсистира на „политичка конфронтација со различи аргументи, анализи и изведување заклучоци“, напиша генералниот секретар Цимиак во четвртокот во отворено писмо до Резо.

Заострување или дискурс?

Значи, отворено писмо наместо видео. ЦДУ има „храброт и обврска на комплексни прашања да даде добро промислени и соодветни одговори“, пишува Цимиак во писмото и го поканува јутјуберот на разговор преку Твитер. Комуникациска катастрофа, само три дена пред  изборите за Европски парламент?  Не мора да се толкува така, смета Уве Јун, експерт за политичка комуникација и професор на Универзитетот Триер. „Скептичен сум дали овде навистина требаше да се одговори во ист стил“,  истакнува Јун во разговор со ДВ.

„До одредени групи се стигнува подобро со остри формулации и јасно позиционирање. Меѓутоа, секогаш е потребна добра аргументација и одмерување на 'про' и ‘контра' аргументите. Од тоа живее политичката култура во нашата земја.“ Тоа е тешка задача за комуникаторите, потенцира Јун. „Согледувам колку тешко им паѓа на партиите да се справат со овие предизвици. Тие не добиваат толкаво внимание колку оние кои се позиционираат многу еднострано."

Уште во конфликтот околу авторските права, првенствено ЦДУ се чинеше дека е притисната во тешка дефанзива, додека политичките активисти на Јутјуб и на Твитер креираа расположение контра партијата. Размената на удари меѓу Резо и ЦДУ меѓутоа имаше барем еден ефект: кратко пред европските избори, и младите гласачи во Германија повторно страсно дискутираат за политика.

 

DW.COM

Реклама