Јункер „расположен и опуштен“ на гости кај Трамп | Економија | DW | 25.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Јункер „расположен и опуштен“ на гости кај Трамп

Претседателот на Европската комисија Јункер во Вашингтон ќе се обиде да спречи трговска војна со претседателот на САД, Трамп. Тој со себе носи аргументи, но не и понуди. Исходот од средбата е неизвесен.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер во Брисел е познат како некој кој речиси секого срдечно ќе го гушне и бакне ако тоа придонесува за добро расположение на разговорите кои треба да бидат водени. Меѓутоа, во моментов не е познато со каков говор на телото ќе реагира американскиот претседател Доналд Трамп за време на разговорите во четири очи во Овалната канцеларија. Повикувајќи се на начинот на кој делува Јункер, Трамп на неодамнешниот состанок на Г7 во Канада го нарече „вистински убиец“. Жан-Клод Јункер тогаш не беше сигурен дали зборовите на Трамп треба да ги сфати како комплимент. За искусен преговарач каков што е Јункер, едно е сигурно: „Одам во Вашингтон. расположен и опуштен“.

Конкурент, противник, па дури и непријател

Американскиот претседател Трамп воведе царини на увозот на челик и алуминиум од ЕУ, на што Унијата одговори со воведување на царини на стоки од САД. Двете страни поднесоа жалба кај Светската трговска организација (СТО). Трамп веќе со месеци се заканува со воведување на царини на европските автомобили, кои пред сѐ би ја погодиле германската автомобилска индустрија. Трамп пред десет дена во интервју за телевизијата ЦБС, ЕУ паушално ја прогласи за конкурент, противник па дури и непријател.

Лери Кадлоу, советник на претседателот на Европската комисија од посетата на Јункер на Вашингтон очекува понуда за бесцаринска унија. „Јункер со себе има важен предлог“, изјави Кадлоу. Меѓутоа Европската комисија неколку дена подоцна соопшти дека нема понуда, која ќе биде претставена на масата во Вашингтон. Јункер ги отфрла сите предлози за билетарални договори меѓу земјите членки на ЕУ и Трамп. „ЕУ самата е одговорна за своите трговски политики. Затоа се залудни обидите да се поделат Европејците“.

ЕУ сака „деескалација“

Американскиот претседател не разбира дека заедничката трговска политика на ЕУ е работа на сите 28 земји членки. „ЕУ е многу комплицирана. Тоа можам да ви го признаам. Можеби најкомплицитраната работа воопшто“, се жалеше Трамп во интервјуто за ЦБС. Претседателот на Европската комисија поради тоа уште еднаш си зададе цел да му ја претстави на Трамп позицијата на ЕУ и предностите на можната трансатлантска слободна трговија. „Мојот став веќе го изнесов на состанокот на Г7 во Канада. Таму пред претседателот на САД ги повторив европските аргументи. И тоа ќе го сторам повторно. Не станува збор за 'фејк-њуз' туку за објективни факти“.

„Ако конфликтот се прошири со воведување царини за автомобили, ќе биде катастрофа“, изјави еврокомесарката за трговија Цецилија Малмстром, која заедно со Јункер патува во Вашингтон. На Трамп мора да му се стави до знаење дека производниот синџир е така изврзан така што со новите царини во опасност ќе се најдат и работни места во САД. „Сакам ситуацијата што е можно побргу да се смири и деескалира, пред целата работа да ја доведе во опасност економијата, трансатлантското пријателство и светскиот поредок“, изјави Малмстром пред заминувањето во САД.

Доналд Трамп не се осврнува на вакви аргументи и трговската политика ја меша со безбедносната и одбранбена политика. Тој во споменатото интервју истакна: „Кога станува збор за трговијата, ЕУ нѐ искористи. Многу од тие земји се членки на НАТО и не ги имаат платено своите сметки“. Малмстром смета деке е грешка трговските прашања да се мешаат со воената алијанса: „Трговијата се одвива меѓу претпријатија и луѓе, а не меѓу држави. Граѓаните, поради тоа, на крајот ќе ја платата сметката“.

ТТИП како решение?

ЕУ е најголем трговски партнер на САД и најважен пазар за американските производи. Унијата неодамна потпиша договор за слободна трговија со Јапонија. Иста спогодба штотуку се ратификува со Канада, додека во моментов пак се водат разговори со Латинска Америка и Кина. Американскиот министер за финансии Стивен Мнухин на состанокот на Г20 во Аргентина на дневен ред ја стави можноста за целосна бесцаринска размена на производи меѓу САД и ЕУ.

Дали тоа би можело да биде решение? Бесцаринската трговија би била дел од сеоопфатниот ТТИП договор меѓу ЕУ и САД. Станува збор за спогодба која Трамп по доаѓањето на функцијата ја стави под прашање. Преговорите за ТТИП повторно продолжија.

Цецилија Малмстром не може да предвиди што ќе биде договорено на состанокот меѓу Јункер и Трамп. „Да се оди таму, да се разговара. Тоа е пристапот кој сите го одобруваат. Треба да се обидеме. Потоа ќе видиме. Ако нема никаков резултат, тогаш ќе дискутираме за она што треба да го направиме“, изјави Малмстром.

 

DW.COM

Реклама