Јовановиќ: Мултинационалните компании ќе го селат производството од Азија кон Балканот | Економија | DW | 17.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Економија

Јовановиќ: Мултинационалните компании ќе го селат производството од Азија кон Балканот

Европските компании ќе почнат да го селат производството од Кина кон Западниот Балкан, прогнозира во интервју за ДВ, д-р Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

ДВ: Во студија на Виенскиот економски институт, Вие се осврнувате на потенцијалот на земјите од Балканот да бидат дел од процесот на враќање на производството во случај германските компании да ја сменат насоката на инвестициите? Како дојдовте до ваков заклучок? 

Бранимир Јовановиќ: До овој заклучок доаѓаме врз основа на повеќе извори. Првиот е истражување на германски компании кои работат во странство. Истражувањето спроведено во март 2021 година покажува дека 40% од овие компании имаат проблеми со ланците на снабдување, а 27% од компаниите размислуваат за промени во тој поглед. Се разбира, нема сите да го преместат своето производство на Балканот, но дури и ако мал дел одлучат да инвестираат во регионот, тоа ќе биде значајно за малите земји од Западен Балкан. Вториот извор се интервјуата со агенции за промовирање на инвестиции од Западен Балкан, коишто ги спроведовме. Многу од агенциите изјавија дека по Ковид-19, забележуваат зголемување на интересот од странски компании, понекогаш дури и од компании кои размислуваат да инвестираат во регионот, наместо во Азија. 

Во Вашето истражување споменувате дека германските компании размислуваат да ги променат своите системи за испорака, по искуството со короната. Што значи конкретно тоа? Дали ќе има повеќе фабрики кои произведуваат во балканските земји, а не толку далеку, како сега во Азија?  

Во суштина, мултинационалните компании за време на пандемијата сфатија дека начинот на кој го организирале своето производство - со преместување на скоро сè во Азија - е премногу ризично. На почетокот на пандемијата, светот остана без заштитни маски, бидејќи сето ова производство беше преместено во Источна Азија и пандемијата ги затвори границите. Гледаме ваков вид на недостиг цело време во изминатите 15 месеци, а последниот е недостигот на чипови, што сериозно ја погоди автомобилската индустрија. Дополнителна причина е што геополитичките тензии со Кина постојано растат, што резултира со секакви протекционистички мерки и санкции, што ги прави инвестициите таму сè поризични. Со цел да се намалат овие ризици, мултинационалните компании размислуваат или да пренесат дел од своето производство од Кина во земјите кои се поблиску до нив, или да инвестираат во блиските земји, наместо да инвестираат во Кина. 
 
Може ли да објасните, што ќе значи таквото преместување на инвестициите? Кои фактори ќе го забрзаат ваквиот процес? 

Западен Балкан е првиот природен избор за германските и другите европски компании за ваков вид инвестиции. Тие имаат најниски трошоци за производство на континентот, но, што е уште поважно, тие се близу до ЕУ, и географски и културолошки. Покрај тоа, тие имаат репутација на релативно добри работници. Тие имаат свои проблеми, се разбира, како историја на конфликти и нестабилност, слаби институции, лоша инфраструктура, занемарено образование... Сите овие проблеми ги бркаат инвеститорите, но ако владите почнат да работат на овие проблеми, инвеститорите ќе го ценат тоа и ќе го ценат регионот повеќе. 

-повеќе на темата: Ланци на снабдување на германските фирми: Западен Балкан како замена за Азија?

Да речеме, процесот станува реален, но дали се подготвени работниците од Балканот за тоа, дали се доволно професионални? 

Она што го откривме во нашата студија е дека германските компании имаат генерално добро мислење за работниците од Балканот, претежно од социјалистичкото време, кога луѓето од овој регион работеа во Германија како гастарбајтери. Но, тие исто така велат дека кога ќе дојдат и инвестираат во регионот во денешно време, сфаќаат дека образованието во регионот е занемарено подолго време, и дека мора да вложат во обука на работниците, бидејќи образовниот систем не ги подготвил доволно добро. Потоа, од друга страна, тие велат дека луѓето се способни брзо да учат, искрени, лојални и вредни, што многу го ценат. Значи, воопшто, би рекол дека луѓето од Балканот имаат многу добар потенцијал, но владите треба да вложат повеќе во образованието, за да не остане неискористен овој потенцијал. 

Денес има и друг проблем - не само да се најде квалификувана работна сила на пазарот на трудот на Балканот, туку и каде да се најдат работници, кога тие емигрираат? 

Западен Балкан е сè уште добар во оваа смисла, барем многу подобар од земјите од Централна Европа. Сè уште има многу луѓе во регионот кои немаат работа. Проблемот е што многу од овие луѓе не го добиле образованието што требало да го добијат, заради тоа што немаат најдобри вештини за наоѓање добра работа. Затоа толку многу нагласувам дека образованието мора да се подобри. И вториот проблем поврзан со ова е што многу луѓе, особено млади, ги напуштаат земјите од Западен Балкан, во потрага по подобар живот во земјите на ЕУ. Проблемот со иселувањето е голем проблем за регионот, што не може да се реши преку ноќ, но ако владите се осврнат на работите што ги споменав погоре, тоа би довело до подобар квалитет на живот.

Branimir Jovanovic Wirtschaftsexperte des WIIW

Германските компании имаат генерално добро мислење за работниците од Балканот, вели Јовановиќ


 
Што мислите, кои балкански земји пред сѐ би можеле да имаат некаков бенефит? Што е со квалификуваната работна сила во Албанија, Босна, Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија ... 

Земјите од Западен Балкан се слични во некои аспекти, но се различни во други. Албанија и Црна Гора се главно туристички земји, додека другите имаат економии кои се базираат првенствено на производството. Албанија и Црна Гора добија најмногу странски директни инвестиции од сите источноевропски земји во изминатата деценија (по глава на жител), но најголемиот дел беше во недвижнини и туризам. Инвестициите во туризмот треба да продолжат, без сомнение, но другите сектори не смеат да се занемарат, како што се енергијата, особено обновливите извори, и храната и земјоделството. Од другите економии, Србија во последните години успеа да се етаблира како регионален центар за производство, претежно во автомобилската индустрија, привлекувајќи дури и високо технолошки компании, кои отвораат истражувачки центри и соработуваат со универзитетите. Тоа го должат на доброто образование, кое успеаја да го задржат дури и по распадот на Југославија и амбициозните инвестиции во инфраструктурата последниве години. Но, тие мора да продолжат со уште поголеми инвестиции во образованието и инфраструктурата, пред сѐ во зелената агенда. Другите земји од Западен Балкан треба да следат слична рута, прилагодена за нивните специфичности. Исто така е многу важно земјите да не се натпреваруваат меѓу себе во однос на привлекување инвеститори, туку да се обидат да работат заедно на ова, со усвојување слични стратегии и поддршка на регионалната економска соработка. Регионот на Западен Балкан заедно има многу поголем потенцијал отколку секоја земја поединечно. 

-повеќе на темата: Работа има – има ли кој да работи?

Зарем не сте премногу оптимистички расположени за ова? 

Дека компаниите размислуваат да го приближат производството до матичните земји е јасно. Анкетите несомнено го потврдуваат ова. Но, дали тоа навистина ќе се случи, ќе зависи од достапноста на алтернативни локации. На компаниите им се потребни локации кои не се само конкурентни во однос на платите, туку исто така се стабилни, имаат ефективни влади, функционални институции, добра инфраструктура, квалитетна работна сила. Западен Балкан е близок и конкурентен во однос на трошоците, но заостанува според квалитетот. Ако успеат да ја надминат оваа слаба страна, ако започнат да ги подобруваат своите институции, инфраструктура и образование, дефинитивно можат да имаат корист од овие трендови. Но, ако тие не сторат ништо и продолжат да спијат додека светот се менува, не треба да очекуваме да видиме какви било промени во однос на периодот пред пандемијата.  

И, кога зборувате за процесот на враќање на производството, кога сметате дека тоа ќе се случи  - во блиска иднина или подолгорочно?

Не треба да очекуваме дека сите европски компании што инвестирале во Кина сега ќе го вратат своето производство во Европа. Тоа нема да се случи, бидејќи преселбата на производствениот капацитет е скапа. Она што треба да го очекуваме е дека бројот на компании што ќе го прават тоа ќе се зголемува постојано. Помеѓу 2014-2018 година имаше околу 250 компании кои го вратија своето производство во Европа, а бројките во последните неколку години беа околу 70. Сега треба да видиме дека оваа бројка постојано ќе се зголемува во наредните години и дека некои од овие компании ќе дојдат и на Балканот. Можеби уште поважно, треба да видиме европски компании, кога ќе инвестираат во странство со цел да ги намалат трошоците за производство, да се одлучат да инвестираат на Балканот, место во Кина. Се разбира, не треба да очекуваме да го видиме ова за една година или за краток временски период, бидејќи тоа е тренд и ќе се случува на подолг период, во следната деценија или можеби дури и повеќе. 

DW.COM

Поврзана содржина