Јанева се надева на брза екстрадиција на Грујевски и Бошковски | Македонија | DW | 19.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Јанева се надева на брза екстрадиција на Грујевски и Бошковски

Љупчо Шврговски останува во тимот на одбраната на Горан Грујевски, но до завршувањето на екстрадициската постапка и двајцата притворени ќе мора да добијат или да си ангажираат адвокати во Грција.

„Од медиумите прочитав информација за приведување на мојот клиент Горан Грујевски во Солун“, вели неговиот адвокат Љупчо Шврговски, кој заедно со адвокатите Миле Петревски и Петар Василев е во тимот за правна одбрана на обвинетиот поранешен началник на Петтата Управа во УБК. Адвокатот Петар Василев поединечно е бранител и на вториот приведен од грчката полиција - Никола Бошковски, исто така вработен во УБК.

Бошковски и Грујевски вчера нааеродромот „Македонија“ во Солун биле уапсени од грчката полиција, кога со фалсификувани бугарски пасоши се обиделе да заминат од Грција. Тие од пред три месеци беа во бегство, за да ја избегнат мерката притвор што им беше одредена откако СЈО поднесе обвиненија за предметот „Тврдина и Таргет“, заради незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР, како и за физичко уништување на дел од таа опрема. Бидејќи се приведени во странство, сега правната одбрана мора да ја обезбедат таму.

Ljupco Svrgovski Staatsanwalt Mazedonien (Petr Stojanovski)

Шврговски останува бранител на Грујевски

„Ако е точно дека се приведени, и дека се во екстрадиционен притвор во Грција, во таков случај ние не можеме да даваме правна помош во друга држава. Сега на двајцата им следува право на бранител по службена должност или право по свој избор да ангажираат тамошно лице што ќе им даде правна помош“, вели Шврговски. 

На прашањето дали по завршувањето на екстрадициската постапка и враќањето на Грујевски во Македонија, тој и натаму ќе биде во тимот за негова одбрана, Шврговски одговара: „Апсолутно, да!“

Јанева: Се надеваме на брза екстрадициска постапка

Но, тоа најверојатно нема да биде многу брзо. Во просек екстрадициската постапка трае од 3 до 6 месеци и зависи со каква брзина Министерството за правда ќе го испрати преведен материјалот од обвинителните акти за кои двајцата се товарат пред Кривичниот суд. Врз основа на тие докази, грчките власти треба да одлучат дали ќе ги екстрадираат приведените.

Griechenland Flughafen Thessaloniki Makedonia Airport (picture-alliance/dpa/S. Barbarousis)

Според неофицијални информации, обвинетите биле уапсени на аеродромот во Солун

Од СЈО, кое ги покрена обвиненијата против Грујевски и Бошковски за предметот „Таргет и тврдина“, се надеваат дека екстрадицијата ќе се случи што поскоро.

„Информирани сме од МВР дека двете обвинети лица се приведени во Солун. Други информации немаме, а и во натамошниот дел од постапката ние немаме никаква надлежност. Се надеваме дека екстрадициската постапка ќе заврши што побрзо, дека од грчки притвор ќе бидат префрлени во Македонија и дека судењето ќе започне побрзо“, вели специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева за ДВ. 

Го прашавме Шврговски - дали фактот дека двајцата се решија на бегство, ќе им ја отежне позицијата во судската постапка за делата за кои се товарат? Според него, бегството нема да има влијание за предметите за кои им се суди, но ќе има големо влијание ако се одлучува во однос на мерки за нивно обезбедување, односно, ако двајцата побараат да се бранат од слобода под одредени понудени гаранции. 

 

DW.COM

Поврзана содржина

Реклама