Јавната дебата да се води со визии, а не со „бомби“ | Северна Македонија | DW | 11.05.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Јавната дебата да се води со визии, а не со „бомби“

Политичките фактори мора да научат дека и во политиката има етика, посочуваат аналитичари

Четири аудио-снимки од разговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и уште толку од разговор на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го одбележаа изминатиот викенд. Сето тоа за време на одбележување на Денот на Европа и на европските вредности, а во пресрет на утрешната лидерска средба кај претседателот на државата, на која ќе се разговара и околу можен датум за одржување на парламентарните избори. Граѓаните кои досега без преокупирани со тешко секојдневие во време на корона-криза, прашуваат: ако е ваков воведот во договорот за избори,  каква ли ќе биде кампањата?

Враќање во мизерната реалност

„По речиси два месеци поминати во време на корона-вирусот, објавувањето на нови т.н. бомби само нѐ потсетува дека се враќаме во нашата мизерна политичка реалност", коментира аналитичарот Џелал Незири.

„Јас не верувам дека овие незаконски прислушкувани разговори, кои исто така незаконски се објавуваат, имаат некое влијание кај гласачите од левиот или десниот политички спектрум. Ниту уверуваат некого да не гласа за сопствената партија, ниту пак носи гласови од спротивниот табор. Кај нас луѓето кои се традиционални следбеници на една политичка партија тешко се убедуваат да гласат за друга политичка партија, најмалку во предизборниот период, а уште повеќе со ‘бомбите'. Единствениот ефект кој се постигнува е одвлекување на неопределените да бидат инволвирани во политиката или да гласаат за некоја од опциите. Ако е оваа целта, тогаш истата е постигната“, смета Незири.

Според него, „бомбите“ стануваат еден вид на реалити-шоу, спектакл и средство за задоволување на човечката љубопитност за разговорите помеѓу јавните личности, особено ако се за небитни работи.

„Од тоа што го знам, ниту една земја во регионот не наликува на нашата, каде секој што поседува мобилен телефон е можен прислушувач, а политичките актери - дилери на компромитирачки материјали. Оваа шпионска мизерија за политички цели мора да престане, политичките фактори мора да научат дека и во политиката има етика, а наместо ‘бомби' јавната дебата да биде околу платформи, идеи и визии за подобро утре на граѓаните“, вели Незири.

Освен што откриваат отсуство на грам политички морал, тој потенцира дека објавувањето на разговори кои немаат никаква врска со јавниот интерес, носи и опасност за девалвирање на такви можни материјали кои би укажувале на висока корупција и организиран криминал.

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus (DW/P. Stojanovski)

По повеќе седмици во корона-криза, враќање во политичката реалност

Снимки без правна разрешница

Според Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, сѐ што е од јавен интерес мора да се објави, но треба да се има предвид дека исполнувањето на битието на кривичното дело „Неовластено прислушкување и тонско снимање“ е казниво со казна затвор од една до пет години.

„Македонската јавност во изминатите години беше сведок на повеќекратни објави на снимени разговори за кои секогаш се тврдеше дека му служат на јавниот интерес. Во тој поглед, неспорно е дека Европскиот суд за човекови права во својата пракса е дециден дека приватноста на политичарите не може да има предност кога се штити јавниот интерес. Сепак, значителен дел од објавените материјали воопшто не спаѓаат во доменот на јавниот интерес, ниту пак служат за утврдување на вистината или нечија вина во кривична постапка. Во таква ситуација, кога постојано имаме објавување на ‘нови' и ‘нови' снимки без правна разрешница, се загрозува концептот на владеење на правото и се повредува правото на приватност, иако ограничувањето нe е предвидено согласно закон и тоа не го бараат причините на јавниот интерес. На крајот, Јавното обвинителство е тој орган кој што по допрен глас може да покрене постапка доколку смета дека има сомнение за сторени кривични дела“, вели Пировска.

Редовно средство

Во јавноста може да се забележат различни реакции: дел најостро го осудуваат објавувањето на „бомби", други го поттикнуваат, што укажува дека нема едногласна осуда која ќе изврши силен јавен притисок против ваквиот тренд.

„Покрај редовните теории на заговор - кој на кого му пушта закана и порака со овие материјали, ако нема нивна посилна осуда, тие се закануваат да станат редовно средство на нашиот политички маркетинг", оценува аналитичарот Петар Арсовски.

„Негативната кампања, па со тоа и објавувањето на политички и лични пикантерии за изборните опоненти, е стара практика, и полека доминира врз политичката комуникација веќе последните 15 години. Во таа смисла ние не сме никаков исклучок. Но, кај нас оваа практика се кристализираше во еден конкретен облик: објавување нелегално стекнати или снимени аудио и (ретко) видео материјали. Мислам дека во ситуација на перманентна системска криза, а особено политичка, политичките елити нема да сакаат да престанат, зашто им се ефикасно средство. Граѓаните не сакаат да престанат, зашто им се интересни. Медиумите не сакаат да престанат, зашто им дигаат рејтинг. Дури, и по некое чудо, лидерите да се договорат џентлменски да запрат, таквата практика, а и материјали, се толку раширени, што можат да бидат снимени од секого, и да се појават од секаде. Суштинскиот проблем е што тајното снимање ќе стане политичка мода", предупредува Арсовски.

Засега на повидок нема знаци дека некој ќе и стави крај на таа „мода“ и покрај тоа што земјата се соочува со многу сериозни предизвици: два месеца е во вонредна состојба и во здравствена криза со потенцијални економски импликации, три месеци е со распуштен парламент, и четири месеци со техничка влада.

 

Реклама