Ѕвездата која значеше смрт | Свет | DW | 01.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ѕвездата која значеше смрт

Пред 75 години нацистите ги принудија Евреите во Германија да носат жолта ѕвезда. Тоа значеше исклучување од општеството и беше подготовка за Холокаустот.

Давидовата ѕвезда првобитно не значела стигматизација, ниту била исклучиво еврејски симбол. И покрај тоа, таа ѕвезда по периодот на националсоцијализмот во Германија е поврзувана со Холокаустот. Евреите по донесувањето на Нирнбершките закони за расите во 1935. биле сѐ повеќе исклучувани од општествениот живот. Тие закони прецизно регулирале кој е полнокрвен Евреин, полуевреин, еврејски мешанец од прв или втор степен или кој важи за Евреин. Мнозинството од тие луѓе подоцна морале да ја носат ѕвездата.

„Внатрешните непријатели да се направат видливи“

Уште пред војната шефот на главниот безбедносен уред на Рајхот, Рајнхард Хајдрих, барал можност „внатрешните непријатели на Германија“ некако да се направат „видливи за цел свет“.

Reinhard Heydrich quer

Рајнхард Хајдрих

Набрзо по ноќта на погромот во ноември 1938 година, кога насекаде во Германија гореа синагоги и беа уништувани еврејски продавници, Хајдрих напиша: „Секој Евреин во согласност со Нирнбершкиоте закони би морало да носи посебна ознака. Тоа е можност која олеснува многу други работи.“ Така на националсоцијалистите подоцна им беше многу полесно да наоѓаат Евреи и да ги транспортираат во концентрациони логори. И, така беше не само во Германија.

Уште кога почнуваше војната, во септември 1939 година во окупираната Полска, Евреите кои таму живееја мораа на раката да носат бела лента со сина ѕвезда. И во другите окупирани земји еврејското население имаше обврска да се обележува.

Хитлер прво се колебал

Пред војната режимот сѐ уште не сакал да ја воведува таа мерка. Тактичко одолговлекување можело да се види дури и кај Адолф Хитлер, кој пред функционерите на НСДАП рекол: „За проблемот на обележување се размислува околу две до три години и еден ден тоа - вака или онака - ќе биде спроведено. [...] За тоа треба да се има нос и да се почуствува: што можам да направам, а што не можам да направам?“ Значи, тој сѐ уште покажувал извесна подготвеност на компромиси, стравувајќи од премногу жестока реакција на светот.

Но, кога почнува војната, завршува и воздржаноста. Министерот за пропаганда Јозеф Гебелс во 1941 година го потсетил Хитлер на идејата за обележување на Евреите и кон крајот на август за тоа добил и дозвола. На први септември 1941 година е донесен полициски указ кој стапува во сила. Тој ги регулира сите детали: „Шестокраката ѕвезда со големина на дланката, со жолта боја, со црни контури и натпис 'Евреин' мора да се носи видливо на левата страна од градниот дел на облеката, за која мора да биде сошиена“. Указот важел за сите еврејски граѓани постари од шест години. На Евреите им било „забрането да се појавуваат во јавноста без еврејска ѕвезда“. Оние кои се обидувале да ги покријат ѕвездите со чанта, ревер од мантил или со шал, морале да сметаат со жестоки казни од страна на Гестапо.

Deutschland Judenstern Rampe KZ Auschwitz

Депортациите на Евреите во логорите на смртта почнаа само еден месец по воведувањето на обврската за носење на жолтите ѕвезди

Обележувањето било само подготовка за она што нацистите го нарекуваа „решение на еврејското прашање“ - уништувањето. Евреите не само што морале да носат ѕвезди, туку без дозвола не смееле ниту да го напуштаат округот во кој што живеат. Не е случајно што депортациите во логорите на смртта почнале само еден месец подоцна, во октомври 1941-вата.

DW.COM

Реклама