Шумахер полни 50 години - останува сеќавањето | Панорама | DW | 03.01.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Панорама

Шумахер полни 50 години - останува сеќавањето

Михаел Шумахер денеска полни 50 години. Скијачката несреќа пред пет години драматично го промени неговиот живот, но животното дело на шампионот-рекордер во Формула 1 останува.

За Михаел Шумахер во последните години малку се слуша. Од несреќата при скијање на француските Алпи на 29 декември 2013 година, која за секунда повеќе го промени неговиот живот од безбројните титули и признанија, Шумахер живее во својата куќа во Швајцарија. И овој 3. јануари својот 50-ти роденден ќе го прослави далеку од очите на јавноста. Она што останува се сеќавањата.

„Се разбира прва работа, која ми паѓа на памет е кога Михаел ми го врачи победничкиот венец по една картинг трка“, вели Себастијан Фетел. Во тоа време тој бил млад талент, а Шумахер веќе големо име во циркусот на Формула 1. Веќе долго време Шумахер е негов пријател, а уште подолго, вели Фетел, негов идол. Михаел Шумахер - седмократен светски шампион со 91 Голема награда, рекорден на Формула 1.

Шумахер како возач на болид стана феномен, некој кој ги поместува границите, кој ја работи својата работа подобро од другите. Сакаше да биде перфектен.

„Една од карактерните црти која кај него навистина ме фасцинираше беше огромната енергија, која ја вложуваше во оваа професија. Тоа беше лудило, безгранично и навистина неверојатно“, вели Нико Розберг, кој три години беше колега на Шумахер во тимот на Мерцедес, од 2010 година, кога Шумахер со 41 година по тригодишна пауза се врати на пистата. 

Но што е потребно да се биде возач од светска класа? Тоа е контрола на највисоко ниво при најголема брзина, велат експертите, како и знаење дека секоја грешка може да има катастрофални последици. Шумахер тоа го увиде многу рано, на почетокот од кариерата. Беше во Имола на 1 мај 1994 година, кога загина Аиртон Сена, иконата на кралската класа во мотоспортот. Тоа беше црн викенд за Формула 1. Еден ден пред Сена загина и Австриецот Роланд Раценбергер. Шумахер победи во таа трка и истата година првпат ја освои ситулата светски шампион.

Пет титули по ред со Ферари

Шумахер во текот на кариерата беше поштеден од тешки повреди или несреќи. Неговата најтешка незгода се случи во 1999 година во Силверстон, кога ја скрши потколеницата. Една година подоцна започна неговата блескава ера, во која со Ферари освои пет последователни шампионски титили.

„Тој постави стандард на доминација, иако понекогаш беше контроверзно“, вели 59-годишниот Дејмон Хил. Тој знае за што говори. На листата на ривали кои се бореа за титулата со Шумахер беше и Хил, кој една година, имено 1996-та, успеа да излезе како победник против Германецот. 

Но со седум титули светски шампион, Шумахер и натаму е непрокосновен. „Освојувањето на седум титули е лудо“, вели Хил со насмевка.

Темелите на успехот во картинг

Шумахер успехот го постигна со работа. Тој е по струка автомеханичар, татко му работел како чувар на картинг патека. Заедно со својот брат Ралф, Шумахер возеше картинг во Керпен и ги постави темелите на својата единствена кариера.  

„Не можеш да ја победиш, таа сурова, природна глад“, изјави Луис Хамилтон пред неколку недели.

На крајот на сите спортски триумфи - трагедија, без која приказната за Михаел Шумахер не може да се раскаже. Меѓутоа, тешката скијачка несреќа би требало барем денеска, кога тој полни 50 години, да биде ставена далеку зад животните достигнувања на спортскиот гигант.

„Тој секогаш ќе биде најголем на сите времиња“, порача Луис Хамилтон за својот идол.

DW.COM

Реклама