Што ќе научи Вучиќ од гатачката на Груевски? | Македонија | DW | 05.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што ќе научи Вучиќ од гатачката на Груевски?

Според „македонското сценарио“ на Вучиќ, секундантите одамна ги подготвија реквизитите: џипови со привремени таблички и затемнети стакла, фантомки и булдожери, камерите на режимските медиуми... Пишува Немања Рујевиќ

По сопствено признание, српскиот претседател Александар Вучиќ од многу работа стигнува да гледа телевизија дури во ситните часови. Што гледа таму? Ако успее да се избегне самиот себе во репризите од конференциите за печат и мелодраматичните гостувања кај Миломир Мариќ, може да „фати“ и некој извештај од Македонија. Би ја видел тамошната копија на себе, до неодамна еднакво непобедливиот Груевски, како по 10 години ја губи власта додека ткн. традиционални коалициски партнери му бегаат како стаорците од Титаник. На поранешниот лидер му останаа една шака набилдани билмези и залудени пензионери со закрвавени очи подготвени да го одглумат „народниот гнев“. 
Вучиќ, со други зборови, во телевизорот би блеел како во кристална топка на локалната гатачка која му ја предвидува иднината, само не знае да каже колку е блиска или далечна. Сам, во карирана пижама и домашни влечки, тогаш би останал соочен со доказот дека секоја власт е минлива, дека вчерашната победничка стисната тупаница за час се претвора во канџа што гребе по внатрешната страна на ковчегот во кој се положуват политичките мртовци. Го чека потоа кус и немирен сон- не затоа што има опозиција од која треба да се плаши- туку напросто поради фактот дека власта не е вечна.

Подготовка на теренот

Како ќе си замине големиот мешетар кога ќе му дојде времето? Или, како ќе предаде макар делче од своето сѐвластие по првиот пораз, што би можело да се случи веќе на изборите во Белград? Мирно, со честитки за победникот? Бучно, со засилени ескапади за предавници и странски амбасадори кои ја враќаат земјата во мрачните двеилјадити? Насилно, со индуциран народен гнев? Со крв?

Тешко е да се избегне впечатокот дека тлото под нозете веќе со години се тапка за ова последно сценарио, македонското. По уводните две години во кои глумеше Европеец, газираниот Вучиќ ја користи секоја телевизиска секунда за на партиските војници- од ред зависни од партиската книшка или заслепени од Пинк- да им порача дека светските сили, албанските „убијци“ и петоколонашите од опозицијата само чекаат да излезат од паричникот на Сорос и да ѝ ја одземат на Србија светлата иднина планирана за две години. Теренот е исчистен за битката во која, според ракописот на Вучиќ, не може да има милост. Најавата за тоа веќе ја даде со изјавата дека може да собере повеќе од 100 илјади луѓе кога сака, само засега нема, бидејќи има поважна работа.

Mazedonien Erstürmung des Parlaments (picture-alliance/dpa/B. Grdanoski)

Како ќе си замине големиот мешетар кога ќе му дојде времето? Фото: насилство во македонскиот парламент на 27 април 2017

Големата премиера

Според „македонското сценарио“ на Вучиќ, секундантите одамна ги подготвија реквизитите: џипови со привремени таблички и затемнети стакла, фантомки и булдожери, камерите на режимските медиуми. Пробите се во тек. Среќниците од парановинарските и пара-аналитичките редови на кои им припаднаа крупните споредни улоги одамна вентилираат од насловните страници на таблоидите и се препотуваат под рефлекторите на студијата, статистите лајкуваат и ретвитаат додека не се онесвестат. Кога ќе процени дека веќе нема каде, режисерот ќе даде знак дека почнува големата премиера.
Можно е дека „европските партнери“ тогаш баш и нема да аплаудираат на изведбата, како што аплаудираат на пробите. Вучиќ сигурно прочитал како од тврдењата дека „политичките мерила за Балканот се поинакви“ (Дејвид Мекалистер) се стигнува до предупредувањата дека владејачката клика „нема да може да избега од рацете на независното правосудство“ (Јосип Јуратовиќ). Тоа е приказната за тоа како, „европските партнери“ се досетуваат на европските вредности и владеење на правото токму тогаш кога некој балкански демократор, кој свесно го поддржуваа, ќе стане испушено луле.
Во таа епизода, кога ќе исчезне поддршката од Западот, Вучиќ ќе го извади европскиот беџ од реверот исто толку лесно како што ги отстрани своите двајца политички татковци. Вечерите со Ангела Меркел додека во позадина трепери Александер Плац ќе останат матни спомени кои, впрочем, ги има и Груевски па не му вредат многу.
Но, сето тоа нема да биде многу важно. Поважно е српската Скупштина да не стане македонското Собрание. Да нема крв. Однесувањето на братијата на Вучиќ за жал не остава многу надеж дека на тој, близок или далечен ден, власта ќе биде мирно предадена. Ќе зависи од студените глави на граѓаните и од тоа дали во полицијата и во службите на доволно важни позиции ќе останат доволно чесни луѓе. Или макар доволно уплашени од идното правосудство кое- можно е и тоа чудо да се случи- ќе биде слободно.

 

DW.COM

Реклама