Што не поплави: пропусните отвори или отворените пропусти? | Македонија | DW | 11.08.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што не поплави: пропусните отвори или отворените пропусти?

Градителството е крајно сериозна дејност која не трпи импровизации, авантуризам и јавашлак, предупредуваат градежни експерти, по проблемите што ги откри поплавата во скопскиот регион.

По првичната санација на шететите во скопскиот регион кој беше зафатен од поплавите, а одбележана со многу хаос и организациски пропусти, во стручната се прават првични анализи за причините кои однесоа над 20 човечки жртви. Регионални експерти од областа на хидрометеорологија веќе изнесоа ставови дека врнежи од 95 литри на квадратен метар за краток период, сепак не се количество вода кое би требало да предизвика такви разорни последици во човечки и материјални загуби, доколку постоел елементарен инфраструктурен одговор за приливот на атмосферски води.

Mazedonien Goran Markovski

Горан Марковски

Според хидролошката анализа што ја објави Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), меѓудругото, прстот е вперен и во „немање доволно водопропусни отвори под автопатот (обиколницата)“, по што водите директно на повеќе места се прелеваат и прават хаос на автопатот.

„Проблемите кои ги покажа обиколницата е очигледно голем минус на целиот проект и потребна е ревизија за да се утврди каде и колкави пропусти за одведување на вода таа треба да има“, се вели во анализата.

Имало ли дополнителен проект?

Дали обиколницата била проектирана и градена според сите стандарди? Тешко може да се стигне до проектот за неа во Јавното претпријатие за државни патишта, како и до оценките од ревизиите што ги вршел Градежниот факултет, со кој јавното претпријатие соработувало неколку децении. Што не поплави: пропусните отвори или отворените пропусти?

„Сметам дека проблемот не е во бројот на водопропусти кај обиколницата“, вели пензионираниот професор од Градежниот факултет, Живко Велјановски. Тој се сеќава дека при ревизијата на основниот проект, Факултетот побарал да бидат дефинирани сливните подрачја што гравитираат кон водопропустите од обиколницата.

Гледај видео 01:55
Now live
01:55 минути

Огромни последици од невремето

„По барање на факултетот, тоа сливно подрачје беше дефинирано. Но, она што не знам дали беше реализирано, а на што инсистиравме при ревизијата, е да се направи регулација со која водата после обиколницата нема да тече така по површината, туку ќе се слева во одреден реципиент - канал. За тоа побаравме да се се изработи дополнителен проект. Тоа беше важно, бидејќи кај Стајковци на пример, нема реципиент што би ја прифатил таа вода. И во случајов се покажа дека после патот таа колична на вода немала каде да оди и направила штата“, објаснува Велјановски.

Овој сегмент е нотиран и во анализата на УХМР: „Во делот на Скопско Поле под падините на СЦГ, постојат неколку канали кои би требало да ја собираат водата и преку ободниот канал кој започнува од населбата Ченто да го олеснат истекувањето на водите низводно кон Вардар. При вакви екстремни води, овие канали се немоќни. Самите канали имаат свои аномалии, било гледано од технички или одржувачки аспект, но секако при правилна работа и функционирање би ги ублажиле загубите“.

Стручно знаење и перманентни истражувања

Професорот од Градежниот факултет во Скопје, д-р Горан Марковски, фокусот го става на значењето на секое исечено дрво, на улогата на чистите и одржувани канали, на важноста на инфраструктурата, на штетноста на бесправното градење, на потребата од сериозен пристап кон кризните ситуации, на општествената одговорност...

„Бидејќи не располагам со повеќе информации од она што е достапно во средствата за јавно информирање, со одреден професионален ризик, би рекол дека, генерално, причините треба да се бараат или во неочекувано големото количество набрзина надојдена вода или, во што не би сакал да верувам, релативизирање односно потценување на нејзиното потенцијално разорно дејство. Или пак, можеби и во двете. Она што со голема сигурност може да се каже, е дека скопската обиколница, односно трупот на автопатот, кој на овој потег во најголем дел е изграден врз насип, одиграл улога на своевидна земјена брана, која на места не успеала да го издржи притисокот од надојдената вода. Треба да се напомене дека овој објект ниту е наменет, ниту пак проектиран да издржи вакво дејство, па од таму не треба многу да чудат ни евидентираните оштетувања“, вели Марковски.

По поплавата, одново се актуелизира прашањето кои стандарди треба да се почитуваат при проектирање на ваков вид објекти.

„Неодминливи елементи при проектирањето на сообраќајниците се објектите (пропусти, мостови, канали) кои треба да овозможат непречено течение на површинските води. Нивниот отвор (слободен профил) се утврдува преку максималното количество вода кое може да се појави во одреден, со стандарди пробабилистички дефиниран, временски период. До овој податок се доаѓа преку сеопфатна хидролошка анализа која се базира на долгогодишни статистички податоци, проучување на сливното подрачје, климата, топографијата и геологијата на теренот, флората, нивото на подземните води и сл. Тоа е сложен процес кој бара висок степен стручно знаење, перманетни истражувања, мерења, како и ред други активности кои треба во континуитет да бидат поттикнувани и подржувани од релевантните институции“, објаснува Марковски.

Од УХМР се жалат, дека и покрај крајните напори да одржи нормален мониторинг, со години наназад функционирањето на хидрометеоролошката служба е доведена на многу ниско ниво.

„Секоја година буџетот е се помал и помал, се отплаќаат старите долгови за комуналии, нема средства за одржување на станиците, нема средства за нова опрема за мерење за нови станици. При секое заминување во пензија нема вработување за пополнување на работното место, по секоја поплава се ветуваат нови вработувања, но за жал ништо од тоа. Потребно е активирање на нови технологии, но и одржување на целиот мониторинг- систем. Дел од овој систем се состои и од набљудувачи за мерење на ниво на вода и паднати врнежи, а тоа се обични граѓани ангажирани од УХМР да вршат мерење на овие податоци и за тоа земаат минаимален финансиски надомест, кој не е сменет 20 години“, се вели во анализата на УХМР, посочувајќи го и податокот дека во РМ постојат околу 100 дождомерни станици и 65 хидролошки станици, а во развиените земји имало преку 1000 станици распоредени на површина колку нашата.

Урбани поплави

Сечата на шумите, непланското градење, негрижата за одводните канали, го наплатија данокот во поширокиот скопски регион. Но, опасноста е надвисната и над урбаното јадро. УХМР во анализата посочува дека има зачестена појава на „урбани поплави“, кога водата од врнежите паѓа на бетонските урбани површини и брзо излегува на улица каде заезерува одредени места, или пак преку канализација ги поплавува подрумите.

„Некогашните зелени површини, каде земјата ја впивала водата, сега се претворени во бетон или на место на некогашните зелени дворови сега има изградено подземни гаражи и подруми. На овој начин се прекинува природниот процес на впивање на дождовната вода во почвата“, се вели во анализата.

Во неа не е спомнат проектот „Скопје 2014“, кој најдраматично го претвори во бетон централното градско јадро од двете страни на Вардар и тоа во непосредна близина на реката, со што е зголемена опасноста од вакви последици.

Професорот Марковски предупредува дека градителството е крајно сериозна дејност која не трпи импровизации, авантуризам, јавашлак, притисоци: „Тое е дејност која треба да почива единствено на знаење, одговорност, сериозност, почитување стандарди... Секој поинаков пристап, како масивно градење на несигурни стрмни падини, узурпирање речни корита, шпекулативно користење неквалитетни материјали, бесмилосно силувани решенија и слично, е осуден на пораз. Кога - тогаш!“

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама