1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што договорија историчарите за Цар Самоил?

ДТЗ
1 април 2022

Бугарските историчари тврдат дека има напредок во работата на мешовитата комисија. Прашањето за Гоце Делчев допрва треба да се најде на преговарачката маса.

https://p.dw.com/p/49LOh
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Во позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за ХI и XII век, поминала дводневната средба во Скопје на македонско - бугарската мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Детали од разговорите не се соопштуваат, ниту пак официјално се потврдува оптимизмот искажан од страна на бугарските историчари дека е постигнат договор за Цар Самоил, а дека прашањето за Гоце Делчев допрва треба да се најде на преговарачката маса.

Оптимизмот дека комисијата е на чекор до договор го подгреаја бугарските историчари, кои пред петочниот состанок во изјава за новинарите ја најавија можноста за заедничко чествување на Цар Самоил, а како следна тема на која ќе се разговара беше наведено прашањето за Гоце Делчев. Ниту едната ниту другата страна по средбата не потврдија дали навистина е постигнат договор, ниту пак изнесоа детали за разговорите коишто се водеа во Скопје.

Копретседавачот на бугарскиот дел на Комисијата, Ангел Димитров, на прашањето дали имало напредок на состанокот, одговори: „Кога ќе стигнеме до крајот, тогаш ќе ви кажеме. Сега не. Има чекори напред, тоа може да се утврди“, одговори Димитров.

Нова средба во мај

Ова беше втора од предвидените пет средби на Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија за годинава. На дневен ред беа забелешките дадени од бугарската страна за средовековниот период за македонските учебници по историја за седмо одделение, откако беа разгледани македонските забелешки за бугарските учебници за шесто одделение.

Според најавите, во текот на 2022 година би требало да се одржат пет средби на Комисијата. Досега Историската комисијата има дадено препораки до владите во Скопје и Софија за заедничко чествување на пет личности – Цар Самоил, браќата Кирил и Методиј и Свети Климент и Свети Наум Охридски. До крајот на годината се планирани уште вкупно четири средби на Комисијата. Наредната средба ќе биде одржана во Софијаз, на 12 и 13 мај 2022 година.​

Позитивна атмосфера

Копретседавачот од македонска страна, Драги Ѓоргиев во вторникот (29.03) изјави дека работата на Комисијата се одвива во позитивна атмосфера и доколку така продолжи, ќе дојде до приближување на ставовите.

-повеќе на темата: Дали 24-ти мај може да биде клучен ден за Софија и Скопје?

Вакви најави имаше и од страна на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој е оптимист дека во најскоро време заедничката историска комисија на Северна Македонија и Бугарија ќе излезе со резултати. „Колку што сум информиран, напредокот е огромен. Се радувам, дека кога од двете страни има дух да работиме заедно, се постигнуваат успеси“, рече Петков во четвртокот (31.03) за време на посетата на Благоевград.

Наспроти ова, бугарските медиуми ја пренесуваат анкетата на Галуп, која покажала дека 68,9 % од испитаниците ја поддржуваат тезата дека Бугарија треба да ја задржи својата цврста позиција во однос на Северна Македонија. Нешто повеќе од една петтина, пак, се со мислење дека Бугарија треба да ја омекне својата позиција во однос на соседната земја.