Што да се прави со победата... и со поразот | Северна Македонија | DW | 23.10.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Што да се прави со победата... и со поразот

Македонската политика многу често страда од чуден фатализам. Доколку не се остварат замислените проекции на локални избори, како да доаѓа крајот. Власта е во парламентот, а не во советите. Пишува Љупчо Поповски

Претерана или не; предвремена или не; вистинска или не – победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори навистина го има белегот на политички спектакл. Се чини дека никој не очекуваше ваков размер на победата – ниту победниците, ниту поразените, ниту политичките аналитичари, ниту пошироката јавност. Се очекуваше дека ќе има значајно осипување на гласовите на СДСМ, но дека многу негови кандидати ќе паѓаат поснопица во големи градски центри изгледаше прилично неверојатно и за најголемите оптимисти во опозицискиот табор.

Кога некои работи ќе се случат толку убедливо – не победата на ВМРО-ДПМНЕ, туку поразот на СДСМ – тогаш се поставува клучното прашање: дали тоа во партиските трустови мозоци некој успевал барем да ги насети. Се разбира, целата „војна“ не е сосемa завршена.

Главното прашање е што може Христијан Мицкоски да прави со победата изразена во 50.000 гласови во однос на главниот политички ривал. И што може да направи Зоран Заев по ноќта полна со шокови и речиси незамисливиот страв – партијата да го загуби целото Скопје. Но стравовите не се тие што ја водат политиката, туку вештината и – бројките на гласачите.

На прв поглед изгледа дека Мицкоски може да биде сосема задоволен. Неговото лидерство во партијата конечно го доби завршниот печат. Тој може да оди на партискиот конгрес во ноември целосно релаксиран, никој не ќе може да го поставува прашањето за неговото водство, како што се случуваше четири години наназад по редицата изборни порази. Сега тој може да се препушти кон главната цел – победа на парламентарните избори, кога и да се случат тие. Многу работи му одат во прилог: сега го нема разногласието во повеќе ешалони во членството, многу незадоволници, поттикнати од овој или од оној, речиси да исчезнаа. Тие се или збришани или тивко се вратија во главното јато.

Mazedonien Ljupco Popovski

Љупчо Поповски

Враќање на „заблудените“

Потоа, тој успеа да ги донесе назад „заблудените гласачи“ од пред четири години кои им ја донесоа победата на сдсмовските кандидати во вистинските скопски вмровски бастиони – Кисела Вода, Гази Баба и Аеродром. Пред четири години тоа изгледаше како „историски инцидент“. Мицкоски тоа го направи лани во јули на парламентарните избори и сега на локалното гласање бројките за партијата ги задржа на истото ниво во Гази Баба и Кисела Вода и успеа да ги зголеми за две илјади во Аеродром. Излезноста на овие и ланските избори е речиси иста – 50 отсто, па сепак гласовите за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се помалку за 30.000. Партијата првпат падна под 300.000 гласови (281.000) и тоа е работа што треба да го загрижи Мицкоски и неговите високи аѓутанти. Сега треба да размислуваат како плафонот да го кренат повисоко. Затоа што без 300 и кусур илјади гласови, победа на парламентарни избори тешко ќе биде можна. Барем не онаква на каква се навикна ВМРО-ДПМНЕ кога победуваше.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski

Мицкоски успеа да ги донесе назад „заблудените гласачи“, но иако излезноста на овие и ланските избори е речиси иста, гласовите за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ се помалку за 30.000

Студениот туш од Левица дека не размислуваат да коалицираат со партии „кои имаат дамки во своето работење“ изгледаше како работа за неверување во вмровскиот штаб. Мицкоски по кој знае кој пат му понуди на Димитар Апасиев заедништво во политичката битка, но пак беше сурово отфрлен. Апасиев во постојаната битка на десницата (без оглед што неговата партија на овие избори доби многу левичарски гласови) изгледа дека добро знае, или барем има политички осет, дека ВМРО-ДПМНЕ речиси во истиот миг ќе ја закачи Левица како на приврзок за клучеви и со тоа инстантно ќе ја подјаде нејзината супстанца.

Тоа е „македонскиот“ проблем со победата. „Албанскиот“ е поголем. ВМРО-ДПМНЕ навистина умешно успеа да ја искористи Алијансата за Албанците како понтонски мост за обид за рехабилитација во албанскиот избирачки кампус, и од тоа најголема штета имаше партијата на Зијадин Села. Од лани во јули досега коалицијата на Алијансата и Алтернатива загуби дури 30 отсто од гласовите (од 81 илјада се сведе на 55 илјади). Тоа е драматичен пад за Села, Арбен Таравари и Африм Гаши. Без оглед што тројката се обидуваше „сојузништвото“ со ВМРО-ДПМНЕ да го претстави како некаква локална варијанта, гласачите очигледно не мислеа така.

Nord-Mazedonien | Zijadin Sela und Arben Taravari

Зијадин Села (л.) и Арбен Таравари: Од лани во јули досега коалицијата на Алијансата и Алтернатива загуби дури 30 отсто од гласовите (од 81 илјада се сведе на 55 илјади), што е драматичен пад за Села, Таравари и Гаши

Затоа за Мицкоски радоста од реалната победа може да има ограничени дострели. Посакуваниот албански партнер можеби ќе се лизга уште подолу во поддршката. На некој начин Алијансата само во еден обид потроши голем дел од кредитот кај гласачите, мислејќи дека за победата во Гостивар или Тетово вреди да се стане партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Но Села и компањоните добија неочекувано многу малку. Сега разликата меѓу ДУИ и АА/А е 2:1. Но тука нема што да му се забележи на ВМРО-ДПМНЕ – тие ја искористија својата шанса што им се понуди.

Зоран Заев има други, многу потешки маки. Сега на 31 октомври треба да се спасува она што може да се спаси. И сдсмовските стратези да разберат каде навистина згрешија и да бидат искрени спрема себеси. Не е доволно да се каже дека гласачите испорачале „жолт картон“, туку зошто е тој е испорачан. Изгледа дека Заев и другите околу него размислуваа за лош резултат, но не за пораз. Тој во ноќта на изборите им изгледаше дури и како неприроден.

Заев сега брутално разбра дека медениот месец меѓу него и гласачите заврши. Направи неверојатни работи, го смени дури и името на државата, ја внесе во Северноатлантската алијанса, но како да ги остави политичките инстинкти во фиока. Некои порази изгледаат како да биле вкалкулирани (како оној во Прилеп), но некои беа шокантни за сдсмовците – тој во Штип. Но раководство изгледа како да не разбра зошто одредени локални трки добија државен одек – особено таа во Куманово и онаа во Битола. Максим Димитриевски беше сеприсутен во медиумите, а СДСМ, наместо да го смири огнот, со редица чудни постапки постојано го држеше случајот на насловните страници. Се разбира, во корист на Димитриевски. Во Битола Заев во август изјави дека досегашната градоначалничка Наташа Петровска за четири години направила колку за три мандати и потоа СДСМ не ја номинира за уште една трка. Тие два локални настани имаа генерален одзив, па многумина од гласачите мислеа дека има нешто чудно при изборот на кандидатите.

Pressekonferenz der Nordmazedoniens Premierminister Zoran Zaev nach den Kommunalwahlen

Заев сега брутално разбра дека медениот месец меѓу него и гласачите заврши

Другиот дел од сликата е покомплициран. Барањето решение за блокадата на Бугарија, со потези кои често одеа од една крајност во друга, воопшто не го импресионира електоратот. Очигледно тој повеќе сака поцврст став кон неразумните уцени на Софија. Многу граѓани мислат дека Заев преминува неколку граници што не може да се поминат барајќи решение за патот кон ЕУ.

Трагедијата со модуларната болница во Тетово е еден од меѓниците кој на некој начин ја смени политичката наклоност на бирачите – три, пет, седум проценти, не е посебно важно. Премиерите на која било влада во Европа знаат дека основната работа е партијата да се зачува на власт. Тоа изгледа дека е сурово, но така е во политиката. Со оддолжувањето на одлуката дали ќе ја прифати оставката на Венко Филипче, Заев им даде неверојатно многу муниција на своите политички ривали и тие ја употребуваа до последниот ден, а и понатаму ќе ја употребуваат. Прифаќањето на оставката по брза постапка, а не отфрлањето на рати, можеше да избегне голем дел од опозицискиот артилериски бараж. Така и учеството на Филипче во кампањата како потпретседател на партијата беше доведено во комплицирана ситуација. Политичарите во Европа си одат и пак се враќаат, нема тука ништо невообичаено.

Претходни колумни на авторот:

Дали популизмот е антиелитизам?

ЕУ стана премногу немоќна за својата сила

Големите илузии на Балканот

Каде го снема политичкиот инстинкт

Но изгледа дека Заев тука не го најде политичкиот инстинкт. Како и во случајот со Ана Петровска. Дали ги превиде или не ги очекуваше настаните што следуваа, тој како доследен лидер на коалицијата го послуша барањето на Маја Морачанин од ДОМ, Петровска да биде сменета, за после да дојде до неочекуван развој на настаните. ДОМ и ЛДП си заминаа сами на изборите, отфрлената Ана Петровска како независен „зелен“ кандидат на изборите за градоначалник на Скопје доби 10.000 гласови, а нејзината советничка листа двајца советници. Голем дел од тие гласови ќе ги добиеше Петре Шилегов и сега веројатно ќе беше во водство. Барањето виновници за овие настани тешко дека ќе ги промени политиките, но некои потези треба да се антиципираат.

Nordmazedonien | Umweltexpertin | Ana Petrovska

Отфрлената Ана Петровска како независен „зелен“ кандидат на изборите за градоначалник на Скопје доби 10.000 гласови

Во македонската политика како мантра се врти една наводна вистина дека тој што го има Скопје на вистински начин е власт во Македонија. Шилегов има шанси да победи во вториот круг, без оглед што Данела Арсовска е во предност. Победникот ги мобилизира гласачите, но исто така и поразениот може да предизвика гласачите сами повеќе да се мобилизираат. Доколку Шилегов ги загуби изборите, тоа во никој случај не може да биде крај за една влада. Таа не е само влада што е насочена кон Скопје, туку е за цела држава. Кој го донесол тоа политичко правило во Македонија?

Тоа нема врска со регуларните политички процеси – власта се освојува на парламентарни избори, а не на локални. Што требаше да направи Емануел Макрон по летошните регионални и комунални избори? Па, неговата партија не освои ниту еден регион, а социјалистите го водат Париз од 2001 година досега без прекин и за време на конзервативни и центристички политичари. На локалните избори ова лето во Шпанија конзервативците триумфално ја задржаа власта во Мадрид, па премиерот Педро Санчез не помисли дека тоа треба да биде причина за негова оставка, ниту пак некој ја побара. Виена со децении има левичарски градоначалник, а со државата во голем дел од тие години владееше конзервативна влада. Па Виктор Орбан ги загуби локалните избори во 2019 година од кандидатите на здружената опозиција во 10 од 15-те најголеми градови, вклучувајќи ја Будимпешта. Тоа се локалните власти, парламентот има друго мнозинство. Или што требаше да направи Андреј Пленковиќ во Хрватска, кога годинава Томислав Томашевиќ од левичарско зелената коалиција однесе триумф во Загреб? Да каже дека без Загреб не може Хрватска да оди напред? Лабуристот Садик Кан го освои во мај вториот мандат за прв човек на Лондон, а конзервативецот Борис Џонсон командува со Британија.

Македонската политика многу често страда од чуден фатализам. Доколку не се остварат замислените проекции на локални избори, како да доаѓа крајот. А тие се само еден меѓучекор во клучните политички пресметки. Така е и со овие локални избори. Зошто освојувањето на Скопје од страна на опозицијата би било крај за владата? Тоа може да биде едно долго заедничко патување во ноќта. А поуките за оние што загубија? До нив тие треба сами да дојдат.