Што бара Груевски во Берлин? | Македонија | DW | 06.09.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Што бара Груевски во Берлин?

Ова прашање се поставува во текст на магазинот „Остеуропа“ кој единствен во германскиот печат денеска информира за посетата на поранешниот македонски премиер, овојпат како лидер на ВМРО-ДПМНЕ на Берлин.

Никола Груевски е македонскиот моќник, кој во својата земја затвора опозиционери и систематски ја уништува демократијата. Но, некои германски политичари сепак го прифаќаат, пишува во анализата на магазинот.

„Балканската рута не беше затворена со договорот меѓу ЕУ и Турција, туку неколку недели претходно, кога малата балканска земја Македонија ја затвори границата за бегалците. Соработката во бегалскиот проблем сега се наградува од партиите на Унијата (владејачките сестрински ЦДУ и ЦСУ, н.з.). Во моментов делегација на десно-конзервативната ВМРО е во Берлин. Ја предводи Никола Груевски, македонскиот моќник. Состанокот беше инициран од пратеникот на ЦСУ (Христијанско-социјалната унија, н.з.) Тобиас Цех“.

Магазинот пишува дека Груевски бил премиер до јануари годинава кога поднел оставка во рамките на Договорот од Пржино, кој треба да овозможи фер и слободни избори. „Формално, Груевски ги почитува сите термини... но ниту еден од условите кои треба да овозможат фер и слободни избори од него не е исполнет“.
И покрај оставката, Груевски не се откажа од моќта, се наведува натаму во текстот.

„Никој во Македонија не се сомнева дека тој и натаму во свои раце го држи политичкото кормило“.

Критичен кон посетата на Груевски е пратеникот на СПД, Јосип Јуратовиќ кој е и член на комисијата за надворешна политика на Бундестагот.
„Договорот од Пржино мора итно да биде спроведен, а изборите на 11 декември мора да бидат спроведени според меѓународните демократски стандарди“, вели Јуратовиќ.

И покрај случувањата во Македонија и обвинувањата за авторитарен стил на владеење, ЕУ и натаму му се додворува на Груевски.

„Особено конзервативците, во прв ред германските конзервативни партии и австриската ОВП (Австриската народна партија), го сметаат за важен партнер, откако Македонија ја затвори Балканската рута. Додека претседателот Реџеп Таип Ердоган во Турција треба да ги спречи бегалците да пристигнуваат до европското копно, Груевски треба да ги задржува оние кои успеале да пристигнат до Грција“, пишува магазинот Остеуропа.

Реклама