1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Griechenland Luftaufnahmen der griechischen Hafenstadt Thessaloniki
Фотографија: Vassilis Ververidis/ANE Edition/IMAGO
ПолитикаГрција

Шолц во Грција: Кризен менаџмент во Југоисточна Европа

Флоријан Шмиц
10 јуни 2022

Во фокусот на посетата во Солун е спорот меѓу Анкара и Атина и тензиите во Западен Балкан. Германскиот канцелар Олаф Шолц се залага за дипломатија и заемна соработка.

https://www.dw.com/mk/%D1%88%D0%BE%D0%BB%D1%86-%D0%B2%D0%BE-%D0%B3%D1%80%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%B7%D0%B5%D0%BD-%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B0%D1%9F%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D1%82-%D0%B2%D0%BE-%D1%98%D1%83%D0%B3%D0%BE%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%BE%D1%87%D0%BD%D0%B0-%D0%B5%D0%B2%D1%80%D0%BE%D0%BF%D0%B0/a-62086992

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска во Солун се среќава со германскиот канцелар Олаф Шолц. Неодамна, на самитот на ЕУ во Брисел тие договорија т.н. компензација – Атина ќе ги испорача старите оружја од советско време на Киев, како поддршка на Украина во војната против Русија, а за возврат ќе добие тенкови од Германија, за кои Грција и без тоа беше заинтересирана. На канцеларот пак оваа зделка му помага во контрирање на критиката во врска со неговите колебливи испораки на оружје на Украина. Значи, едната рака ја мие другата, во време кога руската агресија предизвикува ново мешање на картите во меѓународните односи.

Солун како локација за средбата не е избран случајно, тој се наоѓа близу границата со соседите Бугарија, Северна Македонија и Албанија. Историски, Солун, за разлика од главниот град Атина, е балкански град. На разговорите, покрај Шолц и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе учествуваат и високи по ранг претставници на земјите од Југоисточна Европа. Од 1996 година, во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, овие земји се обидуваат да ги подобрат меѓусебните односи.

Тука спаѓа и  Турција,  а односите помеѓу Анкара и Атина во моментов минуваат низ длабока криза. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган бара од  Грција демилитаризирање на островите покрај турскиот брег, пројавувајќи индиректно и аспирации кон островите Додеканес во источен Егеј. Се претпоставува дека тука се наоѓаат богати резерви на природен гас, што со години разгорува спор меѓу двете страни, а сега, кога Европа сака да се ослободи од зависноста од руски гас, тие добиваат уште повеќе на значење. Грција полага големи надежи во енергетскиот сектор како нов економски столб и во тој контекст има амбиции за преземање водечка улога во Југоисточна Европа.

Infigrafik Karte Griechische und Türkische Inseln DE
Грчко-турски спор околу острови во Егејско Море

Кризен менаџмент на Балканот

Вечерата во Солун се одржува веднаш по посетата на германскиот канцелар Олаф Шолц во Приштина и Белград. Србија е прва на листата на ЕУ кандидатите за прием, но истовремено е и едно од „проблематичните деца“ на  Балкан.  Српскиот претседател Александар Вучиќ ја води земјата со цврста рака. Набљудувачите се надеваат дека германскиот канцелар ќе најде јасни зборови за конечно да го наведе српскиот претседател на чекорот признавање на независноста на Косово. Истовремено, Вучиќ е добар пријател со рускиот претседател Владимир Путин, факт кој до почетокот на руската агресија врз Украина, Брисел и Берлин го прифаќаа со стиснати заби. Но, сега од Белград се очекува јасно изјаснување во прилог на Европа.

Но, една од главните причини за учеството на канцеларот на вечерата во Солун, според проценките на Јоргос Христидис, професор за компаративна политика на Балкан на Универзитетот Македонија во Солун, е новото заострување на спорот од страна на Анкара кон Атина. Берлин прво се обиде да зачува неутралност во грчко-турскиот конфликт, но сегашната посета на Солун се смета за дипломатски гест во прилог на Атина, смета Христидис. Намерата е преку мобилизирање на германската дипломатија да се избегнат регионални ескалации: „Во Европа ништо не би било понепотребно од натамошна криза во регионот. Сметам дека е важно Германија да посредува, поради нејзиното значење во ЕУ и посебните врски со Анкара."

Од криза во криза

По средбата во Солун, германскиот канцелар ќе го продолжи патувањето кон Бугарија и Северна Македонија. И тука е во прашање делумно кризен менаџмент – моментално Софија ги блокира пристапните преговори меѓу Брисел и Скопје. Бугарија отфрла признавање на македонскиот јазик. Атина го оконча спорот околу името со Северна Македонија во 2018 година и сега планира тесна соработка со двете земји. Во  Александропулос,  недалеку од турската граница, треба да биде изграден терминал за течен гас, увезен од земји како Катар или Азербејџан, а потоа преку гасовод транспортиран во соседните земји.

На почетокот на мај, премиерите на Грција, Србија, Бугарија и Северна Македонија го означија почетокот на изградбата на терминалот. За овие земји во прашање е економска независност и нова ера на заемна соработка. Во поглед на Бугарија, грчките планови за подобра соработка напредуваат, Софија гради нова атомска централа, која треба да биде приклучена на грчката снабдувачка мрежа, а Бугарија ќе добие пристап  до стратешки важниот источен Егеј. И пристаништето во Солун би добило на значење, со оглед на променетите политички сојузи, како раскрсница за нафта и гас.

На Брисел ѝ е потребна Југоисточна Европа

Уште еднаш се покажува дека стабилноста во  Југоисточна Европа има централно значење за ЕУ, не само во поглед на енергетското снабдување, објаснува Михалис Гудис, раководител на Фондацијата Хајнрих-Бел во Солун. Земји како Русија, Кина, како и Турција, би сакале да вршат влијание во регионот, па настапот на ЕУ кон државите од Југоисточна Европа е од енормно значење: „Во време во кое последиците од руската инвазија и војната во Украина предизвикуваат болни траги, стабилизирањето на јужното крило на НАТО е трансатлантска нужност од аспект на меѓународната безбедност.“ 

Соработка во енергетската област, вели Гудис за Дојче веле, може да ја зајакне поврзаноста меѓу југоисточноевропските земји. Притоа, поради климатската криза, важно е и тоа Грција да не ги занемари плановите за добивање одржлива енергија од сонце и ветер, кои и така бавно напредуваат, во корист на фосилните горива: „Ваквите мерки треба недвојбено да бидат привремени и од краткорочна природа“, вели Гудис. Примената на зелените енергетски концепти запнува и при соработката со комуните и граѓаните, кои треба да бидат повеќе вклучени. Трајно стабилизирање на регионот, економски и политички, е можно само ако владите и граѓаните влечат на една страна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Цар Борис Трети Охрид

„Цар Борис Трети“ внесе немир во Охрид

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница