Шверцерскиот бизнис на грчко-македонската граница повторно цути | Свет | DW | 16.12.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Шверцерскиот бизнис на грчко-македонската граница повторно цути

Шверцерите со луѓе се вратија во северна Грција, а профитот продолжува да расте. Павлос Зафиропулос од Солун јавува дека кон Македонија неделно минуваат 500 луѓе.

Во едно мало дуќанче спроти главната железничка станица во Солун, групи мигранти пијат чај и се обидуваат да си ги наполнат мобилните телефони. Во последните две години дуќанот- семеен бизнис кој го водат Евангелија Караниколас и нејзиниот сопруг- стана главно собиралиште на многу мигранти и бегалци кои се обидуваат преку ткн. балканска рута да стигнат до северна Европа.
Караниколас им нуди бесплатно користење на струјата и на тоалетите на луѓето кои спијат на улицата од другата страна на плоштадот и во напуштените згради. Им дава и бесплатна храна кога може, а на некои семејства и топло место за преспивање кога времето е многу студено. Затоа многумина мигранти ја нарекуваат „Мами“.

Денес, и покрај затворањето на границата со Македонија, речиси ништо не се промени. Можеби бројот на мигранти и бегалци е помал, но тие се уште доаѓаат- и заминуваат. „Тие се обидуваат да најдат начин да заминат“, вели Караниколас. Повеќето мигранти во продавницата ни потврдија дека бараат начин како да заминат од Грција.
Меѓу бегалците има и такви кои тврдат дека „туристи“. Еден од нив, Шариф (името е сменето) за ДВ вели дека дошол на неколку дена во градот. Зборува со источно-лондонски акцент и тврди дека во дуќанот дошол затоа што сакал да се дружи со свои сонародници од Авганистан. Неколку часа подоцна го видовме и во блиската напуштена зграда како разговара со членовите на едно семејство од Авганистан. Други мигранти ни кажаа дека семејството неодамна се обидело да ја мине границата илегално, но биле откриени од македонската полиција. Сега бараат друг пат. Иако вели дека е турист, Шариф повеќе се однесува како шверцер. 

Griechenland Menschenschmuggler in Thessaloniki Dönerladen

Продавницата на Караниколас во Солун

Порозни граници

По затворањето на рутата, мигрантите и бегалците се обидуваат да минат преку нелегални канали, минувајќи им незабележано на властите и полнејќи ги куферите со пари на шверцерите.
„Мислам дека е во пораст“, вели еден висок полициски функционер. „По затворањето на балканската рута имаше период на затишје, но сега е повторно во пораст. Постојат активни организации и постојат луѓе кои сакаат да бидат прошверцувани. Тоа е закон на понуда и побарувачка“.
Никој не знае точната бројка на луѓе кои биле успешно прошверцувани од Грција. Според извештај на европските имиграциски власти, околу 13 илјади мигранти и бегалци регистрирани во Грција се водат како исчезнати. Истиот извештај наведува дека околу 500 луѓе неделно ја минуваат северната граница со Македонија.

Според полицијата, шверцерската рута од Солун до Белград чини меѓу 800 и 1.300 евра по човек. Дополнителни 1.500 евра се потребни за да се стигне до Германија. Честопати, парите не ги плаќаат мигрантите, туку нивните семејства преку мрежи организирани низ повеќе земји. Полицијата вели дека шверцерските операции се организирани од криминални мрежи кои ја немаат пирамидалната структура на класичните мафијашки организации, туку се послободно организирани. Иако тоа ја олеснува инфилтрацијата во групата, во исто време овозможува брзо да се пополни празниот простор при евентуални апсења или рации.

Griechenland Menschenschmuggler in Thessaloniki LKW mit illegalen Flüchtlingen

Бегалци откриени од грчката полиција

Терористичка закана

Според експертите, Европа никогаш не може да се претвори во „тврдина“ и 100-процентно да ги запре бегалците. Ангелики Димитриади од атинскиот тинк-тенк Елиамеп вели дека поедноставно решение е да се создадат легални рути, со што би се намалила потребата од користење на услугите на шверцерите и криминалните банди. Криминалната активност ја загрозува и безбедноста на Европа. Истите подземни мрежи кои се финансираат од движењето на мигрантите би можеле да бидат искористени и од страна на криминални или терористички групи. „Настаните во Париз покажаа дека овие мрежи можат да бидат искористени за инфилтрација на терористи“, вели полициски функционер за ДВ.
„Секогаш е побезбедно доколку знаеме кој доаѓа“, вели Димитриади. „За да знаеме кој доаѓа подобро е да можеме да избереме кој ќе биде тоа. Зошто да не го легализираме? Можеме да знаеме кој доаѓа. Ќе биде побезбедно и од корист за сите“.
Но, со малата заинтересираност на Европа за создавање на легални миграциски рути, играта на мачка и глушец меѓу полицијата и шверцерите на грчката граница ќе продолжи, а мигрантите ќе останат нејзините главни жртви.

Реклама