1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Шарлатанство или алтернатива?

Александер Фројнд
22 мај 2019

Светската здравствена организација неделава треба да усвои нова „Класификација на болести“. Во моментов се води остра битка околу тоа дали традиционалната кинеска медицина треба да биде признаена како метод за лекување.

https://p.dw.com/p/3Ipyq
Symbolbild Akupunktur Kopfmodell
Фотографија: Colourbox/H. Schneider

Беше за полудување: јас се подготвувам за испит, а 10-годишната ќерка на моите јапонски домаќини беше толку настината што постојано шмркаше. „Исчисти го го носот, испиј топол лимон и не оди боса по дома“, ја посоветував јас, оти така сум научил.

Домаќините ме погледнаа зачудено и прашаа: „Каква врска имаат стапалата со нејзиниот нос? И зошто да пие лимон? Влага, ветер и студ ѝ влегле во телото и тие мора да се сузбијат со прехранбени производи кои загреваат“, ми објасни мајка ѝ. А, дури и стоплен, лимонот е „ладен производ“ кој уште повеќе го лади телото, а киселото ги стега ткивата и болеста така уште подолго ќе остане во детето, додаде таа.

Akupunktur
Акупунктурата е веќе етаблирана во западните терапииФотографија: AP

Сите бевме збунети. Малечката потоа јадеше супа од ориз со млад кромид и репка и многу брзо оздраве. Ако имала вистинки грип, ќе ѝ помогнела Мизо-супа и тофу-сирење, бидејќи таа лади, а кога човек има грип телото се бори со внатрешната топлина - така барем гласи ставот на моите домаќини.

Судир на светови

Таа случка тогаш ми предочи колку се фундаментално различни западната медицина и традиционалната кинеска медицина и зошто постои толку остар спор. Наизменично ја негираат ефикасноста на многу начини за лекување.

„Традиционалната кинеска медицина не се заснова на наука, туку на мистицизам, магија и анегдоти.“  Ова не го пишал припадник на западната школска медицина, туку реномираниот кинески истражувач Фанг Жузи во 2008 година во магазин за наука. Сепак, пред сѐ претставници на западната медицина „базирана на докази" се оние кои традиционалната кинеска медицина ја опишуваат како псевдонаука. Основните концепти на традиционалната кинеска медицина, според нив, се спротивни на природните закони и недостигаат емпириски докази. Фактот што кинеската медицина има долга традиција, ништо не кажува за нејзината ефикасност.

Повеќе:

Здравје: Подобро телелекар отколку д-р Гугл

Вносен медицински туризам во Германија

Приврзаници на традиционалната кинеска медицина критикуваат дека школската медицина е премалку ориентирана кон целта и дека „медицината базирана на докази“ често нема резултати бидејќи не го третира човекот како целина. Освен тоа, холистичкиот пристап на кинеската традиционална медицина не можел емпириски да се докаже. Претставници на западната школска медицина на кинеската влада ѝ префрлаат дека го поттикнува ширењето на традиционалниот кинески метод на западот само за да отвори нови пазари за кинеските производители. Претставници на традиционалната медицина, пак, ѝ префрлаат на школската дека е целосно зависна од фармацевтската индустрија.

Bärengalle als Medizin in Ostasien
Запленети пакувања со жолч од мечка, која наводно помага при проблеми со црн дроб и жолчкаФотографија: picture-alliance/dpaweb

Различни пристапи

Традиционалната медицина се користи превентивно, кај хронични болести и болки, додека школската медицина ја бара причината за нив. Ако таа не може да се утврди, се третираат симптомите. Според традиционалната медицина, животната енергија Чи е во сите живи суштества и таа ги држи двата пола Јин и Јанг во баланс. Јин е за мир, релаксација и студ, Јанг за активности, динамика и топлина.

Во човечкото тело Чи е пред сѐ во органите и тече низ телото преку Чи-канали. Тие проводници се од глава до пети, односно од едниот пол до другиот, слично како меридијаните на Земјината топка. Чи контролира, транспортира, храни, загрева и заштитува сѐ во организмот. Сѐ додека Чи непречено може да тече, човек е здрав. Кога протокот на енергија е попречен, човек се разболува. Таквиот баланс не се однесува само на човековото тело, туку и на социјалниот организам, целата околина и космосот.

Холистичка дијагноза и терапија

За да се постави дијагноза пациентот темелно се испрашува и набљудува. Но, се гледаат само тие делови од телото кои се видливи и не се прекриени со облека. Покрај држењето, се гледаат очите, јазикот, кожата. На различни точки и на трите различни длабочини Цун, Гуан и Цхи се мери пулсот и се распределува во 28 различни фактори. Терапијата се состои од давање неколкупати дневно лек од растителни, животински или минерални состојки. Терапијата е поддржана и со акупунктура, третирање со топлина, масажи и медитативни вежби како Таи Чи и Цигун.

Опасност за животните и луѓето

Независно од прашањето за ефикасноста на лековите, популарноста на природната медицина има драматично влијание врз одредени животински видови кои производителите на овие препарати сѐ повеќе ги користат како суровини. Особено во опасност се доведени тигри, леопарди, азиски црни мечки, носорог, антилопи, желки и други морски видови. Но загрозени се можеби и многу пациенти, не само заради тоа што сериозни болести понекогаш се третираат без никаков ефект. Иако производството и дозирањето се строго пропишани, честопати има значителни проблеми со чистината, со мувла и присуство на тешки метали и пестициди во нив. Во 2013 година, при контрола на кинески лековити тревки, во 17 од 36 примероци се пронајдени пестициди кои од Светската здравствена организација се оценети како екстремно опасни. Кај 26 од 36 примероци се најдени траги кои ја надминуваат дозволената граница од ЕУ.

Школска или традиционална кинеска медицина?

Покрај двете непомирливи позиции во двете групи, веќе се наметнува сознанието дека и двата метода можат и да се надополнуваат. Акупунктурата, на пример, е веќе етаблирана во западните терапии, а во денешна Кина пак паралелно се применуваат и западната медицина и традиционалната кинеска медицина.