Шансите на Ангела Меркел | Свет | DW | 21.11.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Шансите на Ангела Меркел

Одлуката на Ангела Меркел да се кандидира за четврти мандат како германска канцеларка нуди многу шанси. Меркел може да биде вистинската личност во борбата против популизмот, смета Кај- Александер Шолц.

Ангела Меркел во меѓувреме е 11 години канцеларка и 16 години претседателка на Христијанско-демократската Унија на Германија (ЦДУ). Во овој период таа придвижи многу: пресврт во политиката на задолжување, преполовување на бројот на невработени, двојно повеќе издатоци за истражување и модернизирање на нејзината партија. Надворешнополитички Германија во сите овие години стана погласна, меѓу другото и поради фактот што другите станаа потивки. Така, за време на финансиската криза, еврокризата и кризата околу Крим, насоките ги одредуваше канцеларката.

Многумина меѓутоа сметаат дека Меркел придвижи - премногу. Старите конзервативци во нејзината партија негодуваа поради нејзината „социјал-демократизација“ на ЦДУ. За секој втор Германец оние еден милион бегалци кои ги прифати во земјата, беа премногу. Од гневот поради тоа, но и од трендот на генерална критика на елитите профитираше деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија, која ја спои нејзината мрежа кон новата „црна Интернационала“. Други пак критикуваат дека Меркел сторила премалку, за да ги амартизира долгорочните ризици од нејзината политика.

И ако во моментов толку многу пофалби, кои се делумно претерани и кон кои Меркел впрочем по навика пристапува претпазливо, пристигнуваат од странство, во Германија мислењата за Меркел многу се разидуваат. Заминување од политиката во овој момент немаше да биде славно.

Не отстапува кукавички

Постои една германска поговорка: човек мора да си ја исрка чорбата што си ја надробил. Во овој случај поговорката не треба да изразува злорадост, туку шанса за задоволство. Меркел сега има најверојатно уште четири години можност сето она што го започна, натамошно да го оформува или да го коригира. Во прв ред последиците од бегалската криза. Прифаќањето на овој предизвик ќе ѝ донесе симпатии.

Меркел има шанса да покаже дека по сите тие години на европската и на меѓународната политичка сцена, не ги заборавила грижите на Германците. Таа може да покаже дека има добри одговори за новиот конфликт меѓу богатите и сиромашните и меѓу градот и селото. На тој начин таа би можела барем да ги запре или уште подобро - да ги заслабне социјалните поделби и политичката проларизација, значи хранливата почва на која вирее десниот популизам.

Kommentarfoto Kay-Alexander Scholz Hauptstadtstudio

Кај-Александер Шолц

Против популистичкиот тренд

Старата и веројатно нова канцеларка има шанса за такво нешто, зашти располага со соодветната доза на моќ, углед и искуство, зашто како прагматичарка има слобода да бара решенија за проблемите, кои се ослободени од идеологија и зашто сега е свесно подготвена да им се спротивстави на овие проблеми. Таа при синоќешното објавување на кандидатурата истакна дека посакува единство во општеството како рецепт против поларизацијата. Таа сака да влезе во борба. И тоа е исправно!

Ако Меркел и го спроведе тоа, би можела да ја заштити нејзината партија од натамошно нагризување од страна на АфД. Но и повеќе. Таа би можела на западниот свет да му покаже дека може и поинаку од она што го навестува моменталниот популистички тренд.

Меркел како пример

И уште нешто: шансите на Меркел се состојат и во тоа да ја искористи нејзината улога, на пример како жена на чело на држава. И тоа пред сѐ за илјадници жени кои од поново време живеат во Германија и кои доаѓаат од култура која им дава само малку права. За нив Меркел може да биде охрабрување за да се еманципираат. Од науката е познато дека жените имаат одлучувачка улога, кога станува збор за интеграцијата во ново општество. Меркел би можела ним да им даде поттик, што потоа позитивно би се одразило и на целото општество. Во оваа смисла одлуката на Меркел и натаму да посакува да биде канцеларка отвора многу шанси и со самото тоа е добра одлука!.

 

DW.COM

Реклама