Чешлањето на историјата ја засени економијата | Северна Македонија | DW | 11.07.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Чешлањето на историјата ја засени економијата

Повеќе политика, помалку економија. Скопје и Софија се договорија за празниците, но го запоставија бизнисот. По минатогодишниот залет, состојбите сега одат во надолна линија, алармираат стопанственците.

Политички и историски напред, економски исто така напред, па назад. По ваква траекторија се движат македонско бугарските односи во периодот по потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка. Ако економијата некогаш важеше за двигател на односите, за сметка на политиката, сега работите се сосема спротивни. Или, ако лани бројките беа позитивни во делот на трговската размена, годинава тие се во негатива. Се` погласно негодуваат и стопанствениците кои реагираат дека се чувствуваат запоставени и помалку изиграни од политиката која освен декларативно, велат многу малку се посветила на потребите за унапредување на економската соработка.

„Се додека економијата ја средуваше еснафот, таа се движеше во нагорна линија. Но по потпишувањето на Договорот за добрососедство политичарите како да заборавија на бизнисмените. Првата година работите тргнаа позитивно, но оваа, тие се загрижувачки. Не само што не се унапредени, туку тие се движат во негативна насока. Кога во јануари ја издадовме т.н. Бела книга, имавме таргет трговската размена од околу 700 милиони евра  годишно да се зголеми на една милијарда. Но сега што се случи, таа не е ниту половина од онаа која ја остварувавме и тешко дека ќе достигне 600 милиони, па дури и помалку", предупредува Зоре Темелковски, почесен претседател на Македонско-бугарската стопанска комора.

Историјата поважна од трговијата!?

Стопанствениците реагираат дека политичарите од двете Влади во изминатиов период целосно го ставиле фокусот на политиката и историјата. Ако до неодамна биле активно вклучени во процесите, сега предупредуваат дека речиси целосно се ставени на маргините:

„Ние како стопанственици сме ставени на страна и никој не не вклучува. Мораме нешто да преземеме бидејќи премногу се зборува за политиката, за историјата, а многу малку за економијата. Има голем застој и тоа е очигледно. Сега работите се одвиваат на високо ниво, но проблемот е што нема резултати, ние како стопанственици не ги чувствуваме. Работата со економијата се исполитизира и некој во Владата ја присвои како сопствен бизнис интерес. Повеќе е политичко ниво. Мора нешто да се направи и да се поместат работите но периодов како да нема слух за тоа. Прегласно се зборува за празниците наместо за економијата", реагира Темелковски.

Повеќе:

-Чиј е Гоце Делчев? Не реагирајте на провокации!

-Ѓоргиев: Фактите за Гоце Делчев се исти, но различно е толкувањето

-Гоце Делчев на испит во јунската сесија

Бизнисот бара сериозни анализи

За какви и чии бизнис интереси во Владата станува збор, Темелковски не сака да конкретизира. Но потенцира дека работите се повеќе од јасни, посебно за оние кои се вклучени во процесите. Негативните искуства вели се бројни. Од случајот со Фени, во делот на рудниците, гасификацијата за која имало конретни иницијативи, па до проекти од екологијата за кои стопанствениците од двете земји покажувале интерес за соработка преку конкретни инвестициски проекти:

„Не знам зошто е тоа така, но знам дека е потребна сериозна анализа за да видиме каде работите треба да се подобрат. Но проблемот е што никој периодов не се занимава со ова, не прави анализа. Затоа ние многу скоро ќе излеземе со Бела книга број 2, како продолжение на првата која ја издадовме на средбата во Скопје која им ја подаривме на двајцата вицепремиери. Од неа одговорно тврдам дека не е реализирано ништо“, предупредува Темелковски. 

Инфраструктурата приоритет

Забелешките на стопанствениците не ги загрижуваат премногу во Владата. Напротив, оттаму велат дека работите се движат во позитивна насока, а како пример ги наведуваат конкретните активности пред се во делот на инфраструктурата. Пред се во делот на железничкиот Коридор 8 кој е во фаза на реализација на потегот од Куманово до Бељаковце. За поефикасна реализација на овој проект, двете земји имаат формирана заедничка комисија која со здружен настап ќе лобира пред европските и меѓународните финансиски институции за обезбедување поволни средства за реализација на овој исклучително важен инфраструктурен проект за двете земји. Паралелно, се создаваат услови, се прават контакти и се детектираат областите во кои е потребно да се засили трговската размена, но и да се зголеми потенцијалот за инвестиции, не само од бугарска, туку и од македонска страна“, коментираат од Владата.

Се бара и автопат

За стопанствениците е значајно што се инвестира во железницата, но уште поважно велат е да се влезе во реализација и на проектот за автопатско поврзување со Бугарија.

„Ние мислиме дека е побрзо и поефикасно да се изгради експресниот пат. Тоа е заеднички инвестициски проект што би имал економска одржливост и исплатливост и би придонел за раздвижување ма економскиот развој и трговската размена. Но овој проект се` уште тапка во место, или е во најава. За него имаше и обезбедно пари преку европските фондови во износ од околу 170 милиони евра", нагласува Темелковски.

Скопје гледа интерес во Белене

Освен во делот на инфраструктурата, македонската страна гледа интерес и во делот на соработката во енергетските капацитети. Конкретно, за учество во нуклеаната централа Белене кој се гледа како стабилен, најбрз и најефтин начи за обезбедување енергија на долг рок. Сепак, овој проект е се` уште далеку од реализација:

„Бугарската страна објави повик во кој практично бара партнери за проектот. Ние како држава веројатно треба да го видиме нашиот интерес да учествуваме во таков објект, бидејќи со тек на време ние ќе ја губиме нашата базна енергија, немајќи јаглен. Но се`уште концептот од бугарста страна е нејасе и тие немаат до крај изградено финансиска конструкција ниту структура на заинтересирани страни. Многу е рално да се зборува за некоја конкретна реализација“, зијави неодамна вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев.

Трговијата во надолен тренд

По потпишувањето на договорот со Бугарија размената меѓу двете земји во 2018 година достигна до 695,2 милиони долари, што значеше раст од 16,9% во споредба со 2017 година. Но проблемот е што годинава статистиката изненадува и тоа непријатно. Бугарија инаку е шести трговски партнер за македонската економија. Според последните податоци кои што ги објави државниот завод за статистика, обемот на трговската размена во првите пет месеци годинава изнесува 257 милиони евра и бележи пад во споредба со истиот период лани. Традиционално, дефицитот е на македонска страна, односно повеќе се увезуваат бугарски производи, отколку што се извезуваат македонски стоки на пазарот во соседната земја. Најголем дел од трговијата отпаѓа на обоени метали и нафтени деривати.

 

DW.COM

Реклама