1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Четири поглавици наместо 90 пратеници

Никола Тодоров
2 февруари 2022

Ако веќе се намалува бројот на пратеници, тогаш поцелисходно е да се намали од 120 на 4, па нека се сведе на четворицата партиски поглавици. Така ќе заштедиме многу пари. Пишува Никола Тодоров

https://www.dw.com/mk/%D1%87%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%80%D0%B8-%D0%BF%D0%BE%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B8%D1%86%D0%B8-%D0%BD%D0%B0%D0%BC%D0%B5%D1%81%D1%82%D0%BE-90-%D0%BF%D1%80%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B8%D1%86%D0%B8/a-60628803

Во последната моја колумна предложив изборна реформа со имплементација на комбиниран изборен модел, со една изборна единица, без изборен праг, со отворени листи. Покрај ова, предложив и реформа на собранискиот Деловник и оневозможување на блокада на парламентот со поднесување на илјадници бесмислени амандмани, но и реформа на системот за референдумско изјаснување, со цел овозможување на успешно референдумско изјаснување, бидејќи овој систем, како што е сега поставен, го осудува секој референдум на пропаст. Во меѓувреме се наметна и темата за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, предлог кој на прв поглед изгледа разумен и прифатлив, но во себе носи определени скриени ризици, па затоа во продолжение ќе се обидам да објаснам зошто сметам дека намалувањето на бројот на пратеници од 120 на 90 не е добро решение. 

Повеќе ќе заштедиме на лешници 

Прво, ако државата заштеди околу пола милион евра годишно со намалување на бројот на пратеници, граѓаните со тоа нема да бидат побогати, ниту државата подобра. Точно, полoвина милион евра се многу пари за еден човек, ама во однос на државниот буџет од околу 4,5 милијарди евра, не се многу, односно се околу 0,01%. Тоа е како работник со просечна плата да заштеди годишно 34 денари и со тоа да се прогласи за домаќин. Далеку повеќе пари годишно се трошат на бадеми, лешници и репрезентации, така што образложението дека вака ќе сме штеделе е дегутантно и не држи вода. Има на што да се штеди во државава. 

Второ, со 90 пратеници, ретко кога една партија ќе има повеќе од 35 пратеници, така да повеќе од половина од општините односно градовите во државата никогаш нема да имаат пратеник. Парламентот ќе се претвори во скопски локален совет зошто најголем дел од пратениците ќе бидат од Скопје. 

Трето, помалиот број на пратеници често ќе доведува до блокада на парламентот и неможност од формирање на влада. Албанските партии нема да сакаат да прават коалиција со Левица, па веќе на следните избори ќе се соочиме со потенцијална парламентарна, а можеби и уставна криза. 

Четврто, за ова треба да се отвори Уставот. Ако играта е да се замаскира внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш е провидна игра. Јас преферирам на граѓаните да им се кажат работите онака како што се, наместо да се маскираат.  Ако пак не е игра, тогаш треба да сме свесни дека веднаш ќе се отворат и други прашања поврзани со Уставот, особено на национални или повеќе би рекол на националистички теми. Ова може да креира непотребни тензии во државата која и онака е расклатена од здравствена, енергетска, економска, социјална и би рекол морална криза. 

Петто, во иронија кажано, ако веќе се намалува бројот на пратеници, тогаш поцелисходно е да се намали од 120 на 4, па нека се сведе на четворицата партиски поглавици. Така ќе заштедиме многу пари, а можеме и да ја продадеме зградата на парламентот, па националниот парламент да се сведе на состанок на партиските поглавици во Клубот на пратеници.

Контрола наместо слобода 

Шесто, намалувањето на бројот на оние кои ги претставуваат граѓаните не може да донесе повеќе демократија. Нема логика. Напротив, уште повеќе ќе им ја олесни контролата на поглавиците над своите пратеници, по принципот помалку пратеници-помалку главоболки и помалку можности за партиска непослушност. Наместо дисперзијата на моќта, ова решение ќе донесе концентрација на моќта кај помал број на политичари. 

Седмо, заклучно со 31 декември 2020 година кај нас постоеле 1.332 институции. Само со мала рационализација, можеме да го намалиме државниот апарат за 30 институции, односно за триесет директори и стотина членови на Управен одбор. Еден директор со членовите на управниот одбор троши далеку повеќе од еден пратеник, и по однос на плата, но и по однос на возила, возачи, тендери, ресторани...

Овој сегмент да се рационализира и не за амбулантни возила, туку ќе има и за покачување на платата на наставниците. 

Осмо, се намалува бројот на пратеници, се зголемува бројот на министри, но што е уште потрагично - се зголемува бројот на административци. Еве, ајде еден предизвик, па наместо да го намалиме бројот на пратеници, да го намалиме бројот на административци. Непопуларно, нели! Епа, драги мои, ако е непопуларно да го намалиме бројот на администрацијата за 1%, односно за 1.300 административци, тогаш намалувањето на администрацијата за 30 пратеници и оневозможувањето сите градови да бидат соодветно застапени во парламентот, е хипокризија. 30 пратеници помалку ќе ни заштеди пола милион евра годишно како држава, ама намалување на администрацијата за 1% или 1.300 административци ќе ни заштеди околу 10 милиони евра првата година. Втората година ќе се заштедат 20 милиони, четвртата 40 милиони или за четири години 100 милиони евра, а наместо 131.000 административци ќе имаме само 125.800 административци. Има разлика, нели? Да бидам јасен, не предлагам бркање на администрацијата од работа, туку мораториум за вработување во несуштинските дејности. Така, по природен пат, најчесто преку пензионирање, ќе се намали администрацијата, а и приватниот сектор полесно ќе дојде до работна сила, која сѐ повеќе му недостасува. 

- повеќе од авторот: Бил Гејтс пушти (анти)вирус

Деветто, нискиот рејтинг на политичарите нема да се поправи ако се намали бројот на политичари, па така ниту парламентот нема да добие на кредибилитет ако наместо 120 има 90 пратеници. Парламентот ќе добие на кредибилитет кога ќе се ослободи од стегите на партиските поглавици, односно кога слободоумноста ќе ја победи партиократијата и кога партиите нема да бидат автократски, туку демократски ентитети, а кредибилитетот на политичарите ќе се зголеми, кога ќе престанат меѓусебно да се сатанизираат, омаловажуваат и навредуваат. 

Затоа апелирам, изборна реформа да не се прави базирано на калкулации за следните избори. Доста го менуваме изборниот законик како чорапи.

Луѓе, ајде наместо со решавање на измислени проблеми кои нема да донесат леб на ничија маса, да се зафатиме со нешто конкретно. Еве, предлагам да почнеме проект за инсталирање на фотоволтаици на покривите на јавните институции. Цената на струјата тешко дека ќе се врати на предкризното ниво, така што, на овој начин државата вистински ќе заштеди, ќе се намали увозот на струја, а и ќе се зголеми учеството на зелената енергија во енергетскиот биланс. Нели сме пред сѐ земја на сонцето.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Во македонскиот парламент нема потребно мнозинство за уставни измени

Прво избори, па уставни измени?

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница