Чарлиевите ангели поважни од НАТО | Северна Македонија | DW | 05.12.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Чарлиевите ангели поважни од НАТО

Како членството во НАТО, стана банална, бајата и одамна поарчена вест, што би рекле лански праски во споредба со почетокот на судењето на обвинетите во скандалот „Рекет“? Став на Ерол Ризаов

Ќе остане запишано во аналите дека во Македонија беше здодевна и не толку значајна работа за современиците и непосредните сведоци на најновата историја која се испишува во Лондон во декември 2019 година, на 70 годишнината од основањето на НАТО, најголемиот воен, а за многумина и политички сојуз во светот. Членството во НАТО, стана банална, бајата и одамна поарчена вест, што би рекле лански праски во споредба со почетокот на судењето на обвинетите во скандалот „Рекет".
Така процениле и  одлучиле големите македонски журналисти, истражувачи и љубители на јавниот интерес, демек така сака јавноста. Амин. Го дознавме со силна возбуда и вознес омилениот филм на обвинителката Вилма Рускоска  „Чарлиеви ангели" во кој таа главната улога како режисер во македонскиот римејк и ја доделува на колешката Катица Јанева. Ова прераскажување на филмот од страна на јавен обвинител во убава црвена капа во студеникав декемврски ден пред судската палата и пред очите на јавноста беше поинтересно и позначајно отколку веста од Лондон дека за првпат по прогласување на независноста на државата конечно  престанува опасноста од загрозување на Македонија однадвор. Дали е возможно би прашал некој при здрава памет, кој овие два дена не бил во татковината и ете не го видел ова чудо. Да, скопско и се е можно.  Ете тоа е главната содржина на „мацедонише цуштенде" баш на денот на историјата, од настанот број еден во светот на здодевната политика на планетата земја.

Кога обвинител раскажува филмови

Да ја оставиме историјата настрана, не е првпат и не е само кај нас случај современиците, па дури и директните учесници на големи историски настани да не го видат значењето на тој чин. Ако е за утеха, кога тогаш татковината ги препознава луѓето кои направиле историски промени и ќе ги смести таму кај што припаѓаат. Да се вратиме на драмата и големиот сеир од еден друг агол кој можеби донекаде ќе открие зошто настанот во Лондон  не беше вест број еден во Скопје. Не знам дали ќе се  најде некој од авторитетите во правната фела, ако уште ги има во Македонија, кои можат да објаснат што значи кога јавниот обвинител по почнување на судскиот процес, по првото рочиште држи конференции за печат и дава јавни изјави пред судската палата прераскажувајќи го филмот Чарлиеви ангели по втор пат по својот настап во судницата и притоа изнесувајќи ја и пресудата дека обвинетите Јовановски и Јанева се виновни.

60 Jahre DW Erol Rizaov mazedonischer Journalist (privat)

Ерол Ризаов

Рускоска зборуваше многу внимателно нешто многу значајно за своите чувства, не само во врска со филмот за Катица Јанева, туку и за тоа дека има цврсти докази кои ќе ја докажат вината на обвинетите. Рече дека очекувала, или пак можеби  погрешно била информирана, дека обвинетите ќе ја прифатат вината, како што тоа го направи еден од нив, па уште утредента падна пресуда. Три години апсана. Која судска ефикасност во земјата на долгогодишните судски процеси каде застаруваат пред да завршат, а и кога ќе завршат и ќе се изречат пресуди не се реализираат, односно никој не оди во затвор. Потоа Рускоска зборуваше поопширно и за изневерени надежи и очекувања, за нанесување на удар на правосудниот систем од страна на обвинетата Катица Јанева, кажа што мисли за обвинителите естрадни ѕвезди,  за штетите и срамот нанесен на државата кога еден специјален  обвинител од кој сите очекувавме да курдиса владеење на правото кое го немало никогаш во доволна мерка во редовното обвинителство е втурнат во корупциски скандал поради алчност итн, итн. Човек прво помислува дека станува збор на конференција за печат на Рускоска по пресудата на судот во која се констатира вина  и по изречување на висината на затворската казна. Што мислите дали станува збор за  класичен притисок врз судот, или црвенкапа  го препознала навреме волкот.
Се сеќавам кога јавниот обвинител Марко Зврлевски пред пресудата на судот на новинарот Томче Кежаровски, во интервју за весникот „Вест" самиот однапред пресуди дека е виновен за тоа што го пишувал пред сто години  и дека очекува казна од најмалку четири ипол  години затвор. Така и би. Ваквите дела застаруваат само кога државата треба да плати отштета на невино осудени, или почесто кога се спасуваат криминалци врвни политички функционери. Целата највисока правосудна правна фела во Македонија од обвинители и судии за жив срам го одмолчи ваквото јавно поплукување и скрнавење на правниот поредок во земјата. Не сум забележел негде во светот, дури и каде владеењето на правото е, исто така проблематично, јавниот обвинител да прејудицира судска одлука изрекувајќи ја пресудата прво во дневен весник, па во судот. Обвинителката Рускоска деновиве го направи безмалку истото. Пред новинари и пред целата јавност ја искажа својата разочараност надвор од судската сала што сите обвинети не ја прифатија вината и така експресно не заврши овој судски процес. Сега ќе излегуваат секој ден приказни за валканите гаќи на голем број луѓе. Ова е време кога повеќе им се верува на криминалците отколку на носителите на правосудниот систем по нивна сопствена вина, да не зборувам за возбудата од раскажување филмови и сценарија по социјалните мрежи и соопштенија на партиските штабови. Каков НАТО, какви бакрачи.

Гледај видео 02:01

Добредојде за Северна Македонија во НАТО

Разочаран и претседателот Пендаровски

Сосема неочекувано, барем за мене, на истата тема се јави и претседателот на државата Стево Пендаровски. И него го трогнало и разочарало предавството од страна на специјалниот обвинител Катица Јанева на која и беше доверено од сите релевантни политички партии и лидери да го воведе владеењето на правото во земјата со гонење на криминалот и злосторничките здрженија од највисоките врвови на политиката и власта по повеќегодишното незаконско прислушкување и држење под надзор на илјадници граѓани чии содржини предизвикаа шок во јавноста, притоа давајќи и неа и на нејзиниот тим целосна доверба и силна финансиска поддршка. А таа возврати, вели Пендаровски, со вмешаност во коруптивен сканадал. Сигурно претседателот Пендаровски располага со одредени сознанија, но непримерно е да влезе во вакво прејудицирање на судската постапка и зошто тоа го направи баш на денот кога и тој со полно право поради својот минат труд требаше да ги искаже своите оценки за историската димензија и за иднината на Македонија како полноправна членлка на НАТО може само да се претпоставува. Прашање е дали Пендаровски е поразочаран од тоа што Катица не прифати дека е виновна, или што судењето ќе биде главна предизборна кампања која ќе носи најмногу поени. На некој очигледно многу му се брзаше.
Ете така драги мои и деновиве како на денот кога пред неколку месеци се креваше знамето на НАТО пред македонската влада, поважна вест беше зошто не се интонираше државната химна и кој не бил на свеченоста, а требал да биде и кој до кого не сакал да седи, а дента кога во Лондон се вееше македонското знаме на јарболите на 30 земји членки на НАТО и кога учествуваме во работата на Алијансата како некрунисана членка, се чека уште Шпанија, поважна вест е првиот ден од најновата судска сапуница „Рекет" и дополнителната разочараност на преседателот Пендаровски и обвинителката Рускоска. Утре кога ќе бидеме и формално членка на НАТО и кога ќе почнат преговорите на Македонија со ЕУ позначајно ќе биде колку ангели можат да застанат на врвот од една игла и што кажал Никола Груевски кога го направил првиот чекор на слободна територија. Неговите пак наследници и намесници смислиле итроштина да нема амнестија и аболиција за политичари со рок на употреба додека не ја освојат власта, а потоа кога ќе седнат на престолот ќе дадат виза и за амнестија на воени злосторници. Па и тој филм го гледавме. Се вика Жална Македонија.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама