Чао директори! | Северна Македонија | DW | 19.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Чао директори!

Македонија ќе мора полека да се помести од удобноста на партиската држава кон ригорозност и професионалност на администрацијата. Прв чекор кон оваа изнудена промена веројатно ќе биде Законот за високи раководни служби.

Рајнхард Прибе се плаши дека патот кон ЕУ ќе биде многу подолг и потежок отколку патот до НАТО. Од каде тие стравувања на најсилниот авторитет кој досега се занимавал со нашата мала државичка? Па тој, повеќе и од нас самите, го знае и хардверот и софтверот на функционирањето на македонскиот правно-политички систем. Не само што го знае, туку и го напиша на хартија и ни го плесна в лице, и тоа два пати. И знае дека тој компјутер е 286-ка, полн со вируси и разни други бубачки. Сега, кога веќе ни го кажаа тоа, ќе мора полека да се помириме и да се поместиме од удобноста на партиската држава кон ригорозноста и професионалноста на административниот апарат. Бидејќи можеме уште сто пати да го промениме името на државата, ако не се промениме себеси нема да влеземе во ЕУ. Едно е кога ова ќе ни го каже Мицотакис, а друго е кога ќе го каже некој со седа коса кој доаѓа од државата отаде планините Шварцвалд.

Првиот чекор кон оваа изнудена промена најверојатно ќе биде најавениот Закон за високи раководни служби. Мислам дека тајмингот е така поставен што Препораката ќе биде директно условена од отпочнувањето на спроведувањето на овој закон, или барем обезбедување на широка политичка и општествена поддршка за него. Со новиот закон, кој ќе има печат од Европската унија и ќе биде најверојатно консензуално донесен (без разлика на неволноста на политичките елити) можно е да отпочне и темелно преструктуирање на смислата на постоењето на партиите во Северна Македонија. Овој закон ќе биде на некој начин изрезбан во камен и ќе биде пристојно алиби за оваа и сите наредни политички елити кога на врата ќе чукне армијата на гладни партиски усти. Три пати ќе чукнат, ако нема кој да им отвори ќе се откажат. Така, партиите би се исфилтрирале, би станале помали но можеби пофункционални, пофлексибилни за креирање на политики и помалку зависни од партиската база. Можеби и конечно ќе се спасиме од патологијата на организирање на огромни партиски митинзи и мерење на тоа кој колку автобуси донел.

Но Заев заводнички вели дека некои од актуелните партиски вработувања ќе одат во приватниот сектор, каде платите биле повисоки. Е тоа не ми се допаѓа. Секое вработување на приватниот сектор со помош на Заев, приватниот сектор многукратно го „наплаќа“.

Други колумни од Гордан Георгиев:

Културата на Бети, на Роберт и на Асаф

-Десницата и нацијата

-Левицата и нацијата

Зошто го кажувам ова иако во моментов изгледа утопистички? Затоа што нема влез во ЕУ поинаку. Од расположивите информации што ги има јавноста, законот ќе биде една комплицирана (намерно комплицирана!) спрега на селекција на раководните лица во високата служба во државата. Тој ќе мора да осигура некаква независност и некаква компетентност на раководните лица. Дотолку подобро за партиите ако успеат да изнајдат квалитетни кадри кои би се провлекле низ филтерот. Во него ќе остане политичкото влијание на владеачките структури но системски ќе се ограничи или минимизира. Ќе се воспостави некакво централно тело-комисија за селекција на големите и важни директори и високите ешалони во државната администрација (државни секретари на пример). Очекуван проблем е кој ќе седи во таа семоќна комисија и како ќе се обезбеди нејзината независност во оваа мала роднинско-фамилијаристичка држава во којашто „секој знае некого“. Добар патоказ за процедура, транспарентност и објективност е неодамнешниот избор на Комисијата за спречување на корупција. Според мене, во комисијата за избор на висока раководна служба треба да има и некаков а-ла Прибе странец, дури и со право на вето доколку утврди дека членовите на комисијата почнале „и во петок да мрсат". Да, тоа ќе биде уште еден удар за суверенистите, но тие и така попат ја изгубија битката за суверенитетот. 

Тука тензијата ќе се јави помеѓу објективните барања на власта (ресорниот министер, партијата) да може да назначува луѓе кои ќе можат да ги спроведуваат политиките и програмата на власта, наспроти најспособниот кандидат кој можеби не го дели истиот светоглед со власта којашто во тој момент владее. Во Франција, држава со долга административна традиција, процесот е речиси комплетно политизиран, со тоа што му се дава политичко (речиси дискреционо) право на политичкиот раководител да ги избере и назначи директните раководители и директори под него. На Македонија нема да и’ се дозволи тој луксуз, токму заради историјата на катастрофални кадровски решенија и големата корупција во високите ешалони. И тоа е добро, иако ова решение може реално да му ги врзе рацете на политичарот во спроведувањето на политиките. Да, се очекуваат „недоразбирања“ во административниот систем и одредени искричења помеѓу политичката и административната власт, но сето тоа би требало да се „пегла“ во од. Па и Рим не беше изграден за еден ден...

Во моментов, тука има уште една конкретна политичка логика: сакаме зацврстување на партиската база или привлекување на волатилните (летечки) непартиски гласови? Базата секогаш е помирна и полојална, овие другиве се погласни и ни се качуваат на глава. Затоа изјавата на Манчевски е точна и добро одзвонува во ушите на партиските активисти и симпатизери, колку и да не е втемелена на реалните можности на оваа власт. Проблемот е што таа изјава ги легитимира високопрофилните вработувања на разно разни дизели и други ниско-откански горива, додека базата тешко дека ќе најде соодветна сатисфакција и задоволување на своите апетити.

Вие врескајте колку сакате, ама напливот на функционерско-партиски вработувања му доаѓа како „кец на десетка“ на Дамјан. Неговата изјава ем реално ја отслика состојбата во партијата и правилно ги дијагностицираше очекувањата на активистите од благодетите на власта, ем му создава совршено алиби да направи добар закон за превенција на таквите вработувања во иднина. И партијата сита, и Шарените на број. Сосема е можно децата и роднините на високите функционери во власта да дознале дека се подготвува Закон за висока раководна служба кој наскоро ќе биде објавен и потоа донесен. И сосема е можно во општата паника да се поклопија „бутај колку што можеш“ стратегиите на одредени поединци кои се’ уште не си ги вдомиле своите. И исто така можно е раководителите во власта да го одобриле овој „последен воз“. А останатите гладни усти? Дури почнат да го мразат Дамјан, веќе ќе биде доцна. А што е со ВМРО-ДПМНЕ, тие крунисани кралеви на партиските вработувања? Па ќе гласаат ЗА и ќе се китат со демократичост, освен ако не се договорат со СДСМ на некаква лидерска средба дека премолчениот токсичен меѓупартиски консензус мора да опстои во одредена мера, без разлика колку се мразиме пред камери. А ДУИ? Е тука не знам, но секако ќе се обидат да изнајдат некаков „етнички“ процеп, за повторно и повторно да го дисторзираат системот.  

Точно е дека Заев дојде на власт во СДСМ со паролата „ајде да бидеме како ВМРО, и да се грижиме за своето членство“, но во меѓувреме многу работи се променија, а и самиот Заев се промени. Менгемето на ЕУ стиска околу вратот и нема намера да го попушти притисокот. Не постои држава во Европа која нема некаква легислатива за селекција и назначување на високите раководни служби, па макар да се викала Бугарија или Романија.

Дали СДСМ може да се лизне на овој закон? Може секако, бидејќи ваквото решение може да значи раслојување на партиската база и изневерени очекувања дека „овојпат ќе бидеме како ВМРО“. Но, и ЕУ не е наивна. Сигурен сум дека ќе се договорат за некакви невидливи „преодни и завршни одредби“ кои ќе и’ овозможат на актуелната влада уште малку да дише. Конечно, владите паѓаат дома, особено кога ги китат со ордени и ловорики надвор. Прашајте ја Меркел, прашајте го Обама, прашајте го и Бучковски.

 

DW.COM

Реклама