Црвени и други потерници за бегалецот | Македонија | DW | 18.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Македонија

Црвени и други потерници за бегалецот

Поплаките за тоа дека Интерпол не издава потерница за Никола Груевски се празна реторика. Интерпол не апси, тоа може да го направи само земјата каде што се наоѓа некој бегалец. Унгарија тоа нема да го направи.

Просто е неверојатно колку работи овде постојано се поврзуваат со бегалецот во Будимпешта и колку за нив сѐ уште нема барем еден пристоен одговор, па макар бил и делумно точен. Приказната со него не е завршена, без оглед колку и да изгледа дека политичкото влијание на Никола Груевски се префрла на маргините. ВМРО-ДПМНЕ се чини полека се обидува да ја исчисти таа краста, иако неволно. Нејзиното најголемо искушение ќе биде следната недела – доколку вмровските пратеници се согласат да му се одземе мандатот на Груевски и јавно да ја отфрлат лажната приврзаност ќе ја направат најдобрата работа за партијата. Таа тогаш ќе може да воздивне и нејзиното лидерство да почне да се подготвува за изборите што брзо ќе дојдат, без оглед што до нив може да има уште година и пол. Доколку не соберат храброст уште долго време ќе останат заробеници на човекот кој троши туѓи пари и мечтае да се врати да ги построи како порано.

За тоа време оваа краста веќе си најде добро тело во владините, судските и полициските структури. Ситуацијата е веќе трауматична за власта – неговата книга со насловна страница, од која тој со некој вид потсмевање им испраќа порака на сите оние на кои им се измолкна низ прсти, беше еден од хитовите на Саемот на книгата. Без оглед на тоа што во неа е испечатен неговиот докторски труд и што нејзината содржина е речиси неважна за читателите. Пораката е друга, како филмот на Стивен Спилберг „Catch me if you can“ (Фати ме ако можеш). Истрага на обвинителството, внатрешна истрага во полицијата, одлуки за притвор во неколку судски процеси – сето тоа е магла и пајажина. Би било целосно неполитички политичките, судските и разузнавачките структури на кои им избега Груевски да не се свесни дека неговиот престој во Будимпешта е како темпирана бомба, без оглед што писанијата на поранешниот премиер ги читаат сѐ помалку луѓе во Македонија.

Mazedonien Ljupco Popovski (Petr Stojanovski)

Љупчо Поповски

И без оглед што секоја нова фотографија оттаму предизвикува сѐ помалку внимание. Тој може и воопшто да не се јавува од Будимпешта, но каменот околу вратот на властите секој ден тежи сѐ повеќе. Таа тежина на каменот е целосно во согласност со големата тајност на информациите како дојде до неговото бегство и кои беа структурите што му помогнаа (за унгарските разузнавачи веќе знаеме).

Проверките на Интерпол

Информацијата дека Интерпол не ја поставил на неговата страница потерницата за Груевски зачуди многумина. Одговорот на централата на Интерпол во Лион на прашање на Алсат – дека за таа работа објаснување треба да дадат македонските власти, на одреден начин ја шокираше јавноста и повторно ги разгоре теориите дека Груевски намерно бил пропуштен. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пред некој ден изјави дека документите за распишување на потерницата по Груевски за терористичко загрозување на уставниот поредок за 27 април биле доставени до Интерпол. Тој очекува потерницата да биде објавена, но вели дека „Интерпол сѐ уште врши некакви испитувања“. Какви – не спомна, но тврди дека Македонија ги испратила сите потребни документи.

Можеби е така, можеби Интерпол уште врши некои проверки. А можеби и не е задоволен од аргументацијата на македонските власти. За тоа овде нема одговор и тешко е да се верува дека ќе има. Како што немаше одговор на најважното прашање – како избега Груевски. Едно од објаснувањата што ѝ беше понудено на јавноста е дека поради огромниот број барања од Турција за распишување потерници за сите оние кои властите на Реџеп Таип Ердоган ги сметаат за приврзеници на имамот Фетула Ѓулен или за симпатизери или членови на терористичката курдска организација, Интерпол станал многу повнимателен, освен ако не се работи за озлогласени криминалци. Може да има дел вистина во тоа, но прашање е колкав е тој дел.

Interpol Logo (Getty Images/AFP/R. Rahman)

Доколку македонските власти издале барање за црвена потерница шансите Интерпол да ја распише се помали од вообичаените

Неколку прашања се нејасни околу македонското барање до Интерпол. Најважното од нив за кое нема одговор (а веројатно нема ни да има, затоа што тоа е доверливо) е дали овдешните власти имаат распишано меѓународна или таканаречена „црвена потерница“. Меѓународните потерници се повидливи на страниците на Интерпол, црвените по обичај ги нема. Доколку македонските власти издале барање за црвена потерница шансите Интерпол да ја распише се помали од вообичаените. Вообичаено недоразбирање настанува кога црвената потерница се поистоветува со меѓународната. Потоа, второто недоразбирање е кога Интерпол се поистоветува со некаква наднационална полициска сила која гони низ светот избегани криминалци. Интерпол не е тоа – тој само овозможува светска полициска соработка и нема моќ ниту да апси ниту да приведува кого било. Таа задача останува на локалните полициски служби каде што се наоѓа некој бегалец по кого се трага. Тие може, а и не мора да го уапсат. Ниедна земја не е правно обврзана да упаси некого врз основа на црвена потерница.

Азилот – несоборлив адут

Во моментов валидни се 58 илјади црвени потерници, од кои само 7.000 се јавни. Само во 2018 година Интерпол издал 13.516 потерници. Доколку се обидете да видите дали името на Никола Груевски на листата на Интерпол за црвени потерници него нема да го најдете. Но тоа не значи дека го нема, затоа што можеби не е јавно. Реакцијата на  Интерпол на прашањето на Алсат дека новинарите треба одговорите треба да ги побараат кај македонските власти можеби лежи во објаснувањата како се издава црвена потерница. Таа се издава кога се бараат некои бегалци под обвинение или да отслужат казна затвор. Од она што го кажа Спасовски до Интерпол биле доставени документи со кои Груевски се бара за терористичко загрозување на уставниот поредок во настаните на 27 април. Шефицата на одделението за организиран криминал во обвинителството, Вилма Русковска, неодамна најави дека обвинението за организаторите на 27 април ќе биде поднесено на крајот на мај и се пожали дека Интерпол не сака да ги објави потерниците за Никола Груевски и Никола Бошковски.

Други колумни од авторот:

Што да се прави со победата?

Британска метла... а и естонска

Дали Русковска не сакајќи ја помешала процедурата? Нема обвинение за Груевски за 27 април (има само истрага), а бара од Интерпол да помогне при неговото испорачување. Груевски доби азил во Унгарија врз основа на неговата документација дека бил политички прогонуван во Македонија, дека тоа е своевидна политичка одмазда за времето кое го поминал како премиер, дека бил дискриминиран, па дури и дека состојбата во македонските затвори била ужасна за таму да ја издржува казната. Логично е службите на Интерпол да ја погледаат документацијата за издадениот азил што на Груевски му ја издала една од неговите членки – Унгарија. Тоа одобрение за азил е најголемиот адут што го има Груевски и тој во овој момент е речиси несоборлив. Барањата за испорака на пребегнати политичари (без оглед на криминалите што ги направиле) се едни од најкомплицираните прашања во Интерпол при издавањето потерници. Тие се проверуваат по неколку пати за да не се крие во нив некаква одмаздничка постапка. Случаите што ги покрена Турција за избегани новинари, професори, политичари, книжевници на кои им се закануваше затвор, навистина ја зголемија будноста во централата во Лион да не послужи како маша за пресметка на властите во Анкара со своите политички противници или идеолошки неистомисленици. Неколкумина турски граѓански активисти, како познатиот писател Доган Акан, беа приведени во странски земји (Акан во Шпанија) врз основа на црвената потерница издадена од Турција за која јавно не се знаеше. Најинтересното во сето тоа е дека речиси сите што биле приведени, а веќе добиле азил во некоја земја, не биле испорачани на државата која ги бара.

Transparent mit dem Bild von Nikola Gruevski (Hungarian Democratic Coalition)

Одобрението за азил е најголемиот адут што го има Груевски и тој во овој момент е речиси несоборлив

Така кругот за Никола Груевски изгледа дека е веќе затворен. Без оглед дали за него Интерпол некогаш ќе издаде меѓународна или црвена потерница шансите земјата домаќин – Унгарија, да го испорача се речиси минимални. А можеби и никакви. Така што таа краста од неговото бегство ќе ја следи и ќе ја прогонува оваа влада и кога ќе заврши нејзиниот мандат. Истрагата на Русковска не откри ништо за начинот на кој избега Груевски од земјата (освен дека Албанија не соработувала целосно), па со поплаките за Интерпол нема да се стигне до одговорите каде биле направени случајните или намерните пропусти. 

DW.COM

Реклама