Цех за лобирањето за Груевски: Политички недозволиво однесување | Северна Македонија | DW | 19.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Цех за лобирањето за Груевски: Политички недозволиво однесување

ЦСУ ја потврди оставката на пратеникот Тобијас Цех поради можен „судир на интереси“. Цех поднесе оставка вчеравечер. Тој во 2016 година лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ.

Генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Блуме, ги потврди медиумските информации за оставката на пратеникот Тобијас Цех поради можен „судир на интереси“. „Тобијас Цех се обрати со Комисијата за етика на ЦСУ со молба да биде направена проверка на евентуален судир на интереси. Таа проверка трае“, изјави Блуме.

Повеќе: Германски пратеник поднесе оставка затоа што лобирал за Груевски

Според истражување на магазинот „Шпигел“, Цех во 2016 година лобирал за поранешниот македонски премиер Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ, за што на партијата ѝ наплатил околу 50 илјади евра. Груевски, во екот на политичката криза во Македонија во 2016 година, пристигна во политичкапосета на Германија, иако официјален Берлин тогаш беше најжестокиот критичар на неговиот режим. Тој тогаш се сретна со тогашниот сојузен министер за економска соработка Герд Милер, а потоа и со (актуелниот министер за внатрешни работи) Хорст Зехофер во Минхен, како и со други високо рангирани политичари, сите членови на ЦСУ, која е сестринска партија на ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел. Средбите биле организирани од пратеникот Тобијас Цех.

Во СМС-порака до партиските пријатели Цех сега својата оставка ја образлага со зборовите: „Тоа го правам за заштита на своето семејство и за да спречам штета за мојата партија поради евентуални паушални предрасуди.“ Во пораката, чија содржина ја објавува агенцијата ДПА, Цех тврди дека нема за што да си префрла во врска со дополнителните дејности, зашто тие секогаш му биле пријавени на претседателот на Бундестагот и објавувани од страна на Бундестагот. „Но, од денешен аспект и во светло на актуелната дебата, поинаку би ги проценил моите дополнителни дејности од 2016 година и веќе не би ги извршувал.“

Според „Пасауер ноје пресе“ (ПНП), во времето кога Цех со својата консултантска фирма делувал во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, паралелно имал и предизборен термин во улога на пратеник. „Иако секогаш внимавав стриктно да ги делам моите претприемачки активности од извршувањето на мандатот (на пратеник во Бундестагот, н.з.), согледувам дека кога паралелно се вршат економски активности паѓа сѐ потешко транспарентно и веродостојно да се претстават нанадвор јасно повлечените граници во секојдневното работење.“ Тобијас Цех за ПНП во врска со настаните од 2016 година вели: „Правно на тоа гледам некритички, но политички е недозволиво такво однесување.“

Генералниот секретар на ЦСУ, Маркус Блуме, оценува дека е исправно тоа што Цех извлекува непосредни консеквенции независно од исходот на проверката која ја прави Етичката комисија во партијата. Тоа е „единствениот исправен чекор“.

Околу оставката на 39-годишниот Цех се огласи и шефот на пратеничката група на ЦСУ, Александер Добринт: „Неговата разбирлива одлука ја прифаќам со респект“, изјави тој и додаде дека Цех самиот ја донесол одлуката.

Оставката на Цех доаѓа во време кое е многу турбулентно за ЦСУ и ЦДУ поради аферата со заштитните маски и сомневањата за корупција на дел од пратениците во Бундестагот.